21.3 C
Skopje
четврток, октомври 1, 2020

Студент направи робот кој ја чисти излеаната нафта во морињата

Излевањето на нафта во морињата и океаните може да доведе до вистинска еколошка катастрофа, да ги загрози морските екосистеми. На островот Маурициус, на пример, волонтери со денови вложуваат напори да го спречат ширењето а над 1.000 тони излеана нафта откако јапонскиот товарен брод Вакашио на 25 јули заглави во корален гребен во непосредна близина на две еколошки заштитени подрачја на островот.

И покрај апелите на владата мештаните да го остават чистењето на нафтата на експертите за тоа, локалните жители сметаат дека властите не реагираат доволно брзо и ефикасно, па затоа осмислија креативни решенија и работата ја презедоа во свои раце.

Со помош на рачно направени пловечки бариери, кои самоорганизирани групи на локалци ги полнат со слама од шеќерна трска и ги поставуваат со километри долж брегот, волонтерите го спречуваат ширењето на нафтата со цел да ги заштитат коралните гребени, рибите и целиот морски свет.

Додека снаодливоста на волонтерите на Маурициус е за секоја пофалба, од Универзитетот на Северна Каролина стигнува уште еден креативен, нов начин на собирање на излеаната нафта. Тоа е автономниот робот Soilios, кој ја впива нафтата од водата со помош на наноматеријал направен од листови на бела мимоза. Технологијата на роботот е заснована на принципот на употреба на сорбент, специфичен материјал со голема способност за впивање на нафтата и врзување на масните капки за својата површина.

Тинејџерот Санџеј Кабра е творец на роботот и моментално е на постдипломски студии на Универзитетот Северна Каролина. За разлика од технологијата која моментално е во употреба, која користи јаглеродни наночестички или PVC пластика со хемиски лепак, односно супстанции кои ја загадуваат животната средина, Soilios употребува сорбент направен од листови од дрвја. Овој сорбент од природно потекло е хидрофобен, односно ги одбива молекулите на водата, додека поради липофилноста ги впива масните материи, а во овој случај нафтата.

Она што исто така е битно е дека 80% од нафтата која се собира на овој начин може да се реупотреби за разлика од моменталната праксам кога нафтата се согорува на местото на излевање и со тоа дополнително ја загадува околината.

Се проценува дека истиот наноматеријал кој го содржи во себе сорбентот во технологијата на Soilios може да се употреби дури 180 пати, додека во случајот на актуелните технологии не е возможна повторна употреба на сорбентот. Покрај сорбентот, во склоп на овој еколошки свесен робот има и сензор за нафта, пумпа, УВ уред, батерија, соларен панел, ЛЕД сијаличка и GPS приемник.

Кога сензорот ќе детектира присуство на нафта во водата, се отвора вентил на контејнерот и ја стартува пумпата. Пумпата во контејнерот вовлекува мешавина од вода и нафта. Сорбентот ја задржува нафтата во контејнерот, додека водата се исфрла надвор. Во текот на чистењето се активира и УВ уредот, чија задача е морските животни да ги држи подалеку од загадениот брег. Соларните панели и батеријата обезбедуваат енергија за работа, преку GPS приемникот се следи локацијата на роботот, а ЛЕД сијаличката помага во следењето на процесот на чистење.

Со помош на 3Д печатач Кабра направил мини прототип, кој го тестирал во лабораториски услови. Димензиите на прототипот се 60x60x60 см, а на едно излегување надвор на отворено море да собере околу 75 литри нафта. Кабра се надева дека прототипот наскоро ќе се најде на пазарот.

(N1, Klima 101)

(фото: James Dyson Awards)

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •