14 C
Skopje
петок, мај 7, 2021

Ирена Ружин, личност која го менува Балканот, а музеите ги прави достапни за сите!

Kabtel desktop

Простор, форма, допир… Знак за збор….

Само на ваков начин лицата со попреченост можат да ја почувствуваат уметноста, да научат за историјата преку музејски артефакти и да знаат дека се добредојдени во музеите и галериите. Битола е првиот град во Македонија кој пред извесно време, влезе на листата на градови во кои НУ Завод и музеј реализира проекти за пристапност до оваа институција. Ова интервју е посветено на личноста која беше вброена во топ три личности кои го менуваат Балканот, во една публикација издадена од Универзитетот во Брајтон, токму благодарение на овие нејзини проекти. Тоа е д-р Ирена Ружин, член на Бордот на Балканската музејска мрежа и претставник на Македонија во Балканската група за пристапност на музеите.

Напорите да се привлечат што повеќе посетители во музеите се оправдани само ако се напори тие музеи да бидат достапни за сите. Ирена со поддршка на ИТ тим, истиот проект го пренесе и во Археолошкиот музеј во Скопје, а уште два други музеи лоцирани во главниот град се во финална фаза на имплементација. Експертите од оваа област, проектот кој Ирена го иницира во Битола, но го споделува со сите заинтересирани веќе го има епитетот “Битолски концепт”. 

Новинарка: Љубица Ангелкова 

Како дојде идеата да влезете во овие проекти? 

Пред неколку години запознав една дама во инвалидска количка пред Музејот во Битола. Го чекаше остатокот од групата која беше во разглед на изложбите и колекциите. Ја прашав: ‘Може ли да помогнам?‘ и ми рече: ‘Не, има многу скали тука, ќе почекам‘. Тоа беше многу тажно за мене. Во тој момент, почнав да размислувам за попреченоста и лицата со инвалидитет. Пред неколку години, Балканската музејска мрежа објави повик за професионалци во музеите. И така почнаа проектите за влез на лицата со инвалидитет во Музејот, што стана наша мисија. На моја голема радост бев избрана за член на бордот на таа мрежа, како претставник од Македонија. Минував низ обуки кои траеја три години, во повеќе градови Атина, Загреб, Белград, Тирана, Сараево, Скопје. Предавачи на интерактивните обука беа експерти во оваа област од Кралството на Велика Британија кои ги обучија деветте претставници од Балканот. Заклучок од оваа обука беше дека нема ниеден музеј во светот кој е комплетно пристапен, но може да се прават стручни проекти и зафати со кои секој музеј може да ги доближи своите поставки до лицата со попреченост. Впрочем, ние секојдневно ги правиме пречките за лицата со попреченост, но ако сите го користат универзалниот дизајн, за згради за музеи, галерии или за поставки и изложби, сето тоа ќе биде пристапно за сите. Она што посебно ми се допадна е што требаше да се примени концепт кој го напушта медицинскиот модел и го применува социјалниот модел. Тоа и го постигнавме во НУ Завод и Музеј Битола. 

Со членовите на оваа група сме во контакт и реализираме заеднички проекти.

Денес, установата во која работите има опрема со која инвалидска количка ја надминува бариерата на многу скалила. Но, она што посебно фасцинира е концептот кој го развивте со ИТ тим, кој дава можност и преку допир и преку видеа на знаковен јазик кои ги симнувате преку QR code да се следат информации за експонатите. 

Имаме концепт кој е многу повеќе од скапа апликација за мобилни телефони. Тоа е концепт на тактилни изложби кои се состојат од слика, рељефна која може да се допира, за која и должиме благодарност на Татјана Мијатовиќ од БиХ, изработена е на специјална капсулна хартија и произведена на Фузер, на неа има текст на Брајово писмо и QR код кој со скенирање овозможува пристап до аудио нарација за предметот, како и видео на знаковен јазик. Материјалот е поставен на веб страната на музејот и на Youtube. 

Никогаш нема да ја заборавам првата средба на овие експонати со децата од Заводот за рехабилитација на лица со оштетен говор, глас и слух “Кочо Рацин” од Битола, кога за првпат ги презентиравме видеата на знаковен јазик снимени со Катерина Шарковска, лиценциран интерпретатор на знаковен јазик.  Учествуваат голем број на професионалци и стручни лица во подготовката на овие материјали како и во неговата имплементација и промоција. Извонреден тим, без кој ова немаше да биде изводливо.

Би сакала да кажам и дека Завод и музеј е сместен во зграда која е споменик на култура, со многу скали, надворешни и внатрешни. Со поддршка на Министерство за култура беше набавен лифткар и неколку подвижни рампи кои се поставуваат на влезот, со што без интервенции посетителите со попреченост можат да пристапат до постојаната поставка на вториот кат како и повременеите изложби на првиот кат. Така што ова е сега Национална установа од културата наменета за сите.

Соработувате со здруженијата и установите за лица со различна попреченост. Кои се нивните желби, кога станува збор за изложби, посети на културно уметнички споменици и слично….

Првата посета по идеја на слабовидите и слепи лица ја организиравме до Хераклеа, по што беа пресреќни, зашто ги допреа мозаиците. Потоа следуваа обуки за изработка на тактилни слики. Ние со нив сме во постојана комуникација. Сега заради пандемијата, сите наши обуки, вебинари и промоции ги правиме онлајн. Во прилог можете да видите и некои од видета. Мојот колега од Музејот, М-р Јове Парговски ја подготви тактилната публикација за мозаикот од Голема базилика во Хераклеа, со текст на Брајово писмо кое го подготви Тесалија Жирова. Вакви примероци подаривме на повеќе здруженија. Изјавија дека се среќни што ги “видоа” мозаиците.  Го организиравме и првиот меѓународен вебинар за лица со оштетен вид, со предавачи од различни страни на светот кој предизвика голем интерес во регионот. Наскоро планираме подготовка на уште една тактилна изложба. 

Овој проект несебично го понудивте на други институции од иста област. Каков е интересот и реакциите таму каде што го имплементиравте? 

Археолошкиот музеј во Скопје, за кој веќе направивме обемна студија за пристапност, заедно со мојата колешка од Србија Милена Милошевиќ Мициќ, со поддршка на Балканска Музејска Мрежа го реализираше проектот за пристапност, каде го применивме “битолскиот концепт” – како што во комуникација често го користат моите колеги по музеите и искрено, ми импонира. Тоа е концепт кој е работен со битолска екипа, со голема посветеност и сензибилизираност за крајните корисници. Сега во време на пандемијата, аудијата и видеата на знаковен јазик кои беа подготвени во рамките на овие проекти, јавно се поставени на сите мрежи за комуникација кои новите медиуми ги нудат. Споделувани се на социјалните мрежи, а тактилните паноа со тактилни слики веќе се поставени во нивната постојана поставка. 

Какво е чувството кога имате лични средби со лицата со попреченост, веројатно помешани чувства на задоволство од она што им го овозможивте и нивната искрена возбуда со “допир” да слушнат или со “знак” да видат?

 Иако пристапноста до културата е човеково право, впишано во Конвенција на Обединети Нации, големо е задоволството кога лицата со попреченост изразуваат благодарност за вниманието кое им го посветуваме и мултисензорното искуство кое им го овозможуваме, со цел разубавување на еден ден, еден момент и подобрување на квалитетот на нивниот живот. Голем број на пријатели стекнавме во текот на изминатите неколку години. Исто така е важно што секојдневно голем музеи се вклучуваат и појавуваат интерес за пристапноста. 

Наши тактилни изложби гостуваат во музеите во Србија, Хрватска а оваа година и во Словенија. 

Не се откажувам од ова што го работам и во своето слободно време, не само во рамки на работните обврски. Постојано и континуирано учам, се надградувам од искусните професионалци, преку обуки, следење на нови технологии во пристапноста, добри практики и пренесување на веќе стекнатото знаење во својот и во музеите кои појавуваат интерес за пристапност. Со радост исто ја очекувам Годишната конференција на Балканската музејска мрежа која оваа година за домаќин ја избра нашата земја, така што ќе бидеме домаќини на овој значаен настан кој се планира есенва да се одржи во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје. 

Во моментов имаме изработено видеа на знаковен јазик, исто така и аудио со нарации за 50 тина предмети од нашето богато движно и недвижно културно наследство кои се објавени на веб страната на Н.У. Завод и музеј Битола.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •