15.8 C
Skopje
вторник, септември 28, 2021

Светот пост-Ковид мора да се развива зелено и одржливо

Kabtel desktop

Пандемијата на Ковид 19 во голема мера влијаеше дури и на најсилните светски економии. Долготрајните карантини, затворањето на меѓународните пазари и намалувањето на трговијата во стави светот на искушение што не го доживеал во помодерните времиња. Многу компании се најдоа на работ на преживувањето, а илјадници работни места се затворија и работниците останаа без приходи.

Во овој период веќе е јасно дека времето за закрепнување од светската корона криза е дојдено. И евидентно е дека во следниот период многу бизниси ќе закрепнат. Но, како заздравувањето може да се насочи кон зелена економија? Како општествата да ја забрзаат дигитализацијата? Која инвестиција поврзана со животната средина би била привлечна во блиска иднина? Како можат бизнисите да ја поддржат Зелената агенда? Кои даночни одлуки или државни програми за расходи може да ја забрзаат дигитализацијата и зазеленувањето на економиите? Какви структурни реформи се неопходни за да се привлечат повеќе приватни инвестиции? Дали меѓународните донатори треба да имаат поголема улога?

Ова се само дел од темите за дискусија што ќе бидат отворени на Првата годишна меѓународна конференција „Економско закрепнување и раст по ковид“ што идната недела ќе се одржи во хотелот Double Tree by Hilton во Скопје. Ја организира Министерството за финансии, во рамките на Skopje Economic Finance Forum 2021. Целта на конференцијата е да отвори дискусија за најзначајните теми поврзани со заздравувањето на економиите по пандемијата на Ковид-19. Планирано е на повеќе панели да се разменуваат идеи за можностите за пост-Ковид обнова и развој, помеѓу високи претставници на повеќе финансиски институции како Светската банка, ММФ, ЕИБ, ЕБРД, потоа претставници на фискалните власти од земјава и регионот, универзитетски професори, експерти и др.

Освен што силно ја раздрма светската економија, пандемијата ни ги отвори очите и во друг правец. Планетата Земја, само два месеци по светскиот локдаун почна да закрепнува. Критичните точки на прегревање и загадување се намалија, па дури и позеленеа. Ова беше значаен сигнал дека не е доцна да им се спротивставиме на климатските промени и да го спасиме нашиот единствен дом. Може ли економското закрепнување да се насочи кон зелена економија? Секако, но за тоа ќе биде потребна голема политичка волја и сериознa промена на приоритетите.

Северна Македонија пред две години ја усвои амбициозната Стратегија за енергетика, а годинава одржливата перспектива беше запечатена со изборот на зеленото сценарио. Тоа го утврдува патот кон ниско-јаглероден развој на земјата во кој една од првите големи и многу значајни инвестиции во овој правец ја најави премиерот Зоран Заев во јуни годинава. Тоа е изградбата на фотонапонска електрана во РЕК Осломеј, инвестиција тешка 70 милиони евра која предвидува и 100 нови вработувања.

Дилемите, дали пост-ковид развојот треба да биде зелен и одржлив или не, може да ги сведеме на еден факт, на 29 јули светот ги потроши ресурсите за оваа година, најрано во историјата. Пандемијата минатата година предизвика извесно намалување на глобалното искористување на ресурсите, но годинава, како што економиите забрзано работат да го надоместат пропуштеното за време на локдаунот, се вративме и го надминавме нивото од 2019 година.

Еколошките причини за пренасочување кон зелен развој се неспорни, но тие не мора задолжително да значат и забавување на економскиот раст. Напротив, ревидираниот Национален утврден придонес кон Парискиот договор од годинава, посочува дека во земјава се очекува да се отворат  8.000 зелени работни работни места до 2030, односно 10.000 до 2035 година. За тоа главно треба ќе придонесат политиките и мерките за енергетска ефикасност. Светските, но и домашните институции веќе подолго време се насочени кон инвестиции во зелени технологии, но  пост-ковид периодот е можност да стане практика секоја инвестиција да биде зелена. Така, една третина од францускиот пост-Ковид пакет е со зелен стимул, Јужна Кореја додели 52 милијарди долари за зелено финансирање во следните пет години, а Шведска издаде зелена државна гаранција за кредит за индустриски инвестиции.

Пандемијата јасно стави на знаење, економија заснована на консумеризам се распаѓа во моментот кога побарувачката на добрата ќе запре. Од друга страна, пост- Ковид закрепнувањето нуди можност светот да се фокусира околу зелената економија, која овозможува економски раст и инвестиции, истовремено зголемувајќи го квалитетот на животната средина и социјалната инклузивност. Во светот достапни се различни фискални и нефискални алатки кои можат да ја олеснат транзицијата кон зелена економија. Земјите, секако, ќе мора да ја променат перцепцијата дека еколошките инвестиции се трошок што го ограничува економскиот раст и ја намалува конкурентноста и да се насочат да ја видат долгорочната одржливост на економскиот раст.

Aвтор- Сања Наумовска

Фото – pxHere.com

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •