19.8 C
Skopje
петок, август 12, 2022

Ирена и Ангелко Шопоски нудат уникатно гастрономско искуство! Вила Радожда го нуди вкусот на Охридското Езеро

Kabtel desktop

Што да ви понудам како ведрина во еден ладен декемвриски викенд?

Решив да Ви раскажам како го променив мислењето дека сите ресторани покрај брегот на Охридското Езеро се вообичаени ресторани ….а јас сонувам за коноби.

Нормално, какви коноби барам, кога езерото не може да биде море?

И од кај сега ми текна тој чуден збор коноба, кој нема превод кај нас, а јас би го превела како колиба, подрум, крчма во која се чува и служи храна.

Но, ете го вистинскиот наш збор, ми доаѓа на памет, а тоа е зборот гостилница, кога немаме соодветен збор за коноба-односно колиба со храна покрај вода. И таква една открив, уште на самиот почеток, кога се сместив на последната маса која пружаше најубав поглед кон езерото, а до која е направен мост на кој можат да дојдат гости со своите пловни објекти, наместо со автомобил, што исто така оваа приказна ја прави посебна.

Тој почеток на мојата средба со Вила Радожда беше следен: сопственикот Ангелко, во улога на келнер дојде и наместо мени донесе една дрвена даска со мноштво свежи незготвени риби и рече, ова е за денес што можам да ви го подготвам. 

И тоа беше еден од најубавите ручеци кои сум ги имала на езеро.

Ве носам во Радожда, која има бројни ресторани, но има само една гостилница сместена сосем на крајот, во објектот со име Вила Радожда.

Таму се прават јадења со приказна и не нудат ништо од модерните измислици кои редовно ги читаме во мени, зошто тоа го имаат сите.

Сами месат леб, храната е секогаш сезонска и одгледана локално, служат сѐ свежо…а менито се менува во согласност со тоа што нуди езерото и што дава почвата како плод во периодот од годината во кој ја посетувате.  

Семејството Шопоски кое од 2008 година има своја уникатна приказна непретендирајќи да стане масовно место за добра храна е одличен пример за македонска гастрономска приказна.

Ирена и Ангелко Шопоски уште во 1991 година ги бележат своите почетоци во угостителството.

Нивната идеја беше да готват како што си готват дома, но и за други…и така се роди Вила Радожда.

Новинарка – Љубица Ангелкова

Како започна Вашата приказна и зошто се различни?

Започна уште во 1991 година, од еден шанк кој го направивме во семејната куќа во Радожда, сместена сосема на крај од селото, крај езерото.

Шанк кој имаше цел да направи од нас сопственици на кафуле и како дополнителна забава, флипери за гостите. Но, готвејќи за нас, почнавме да готвиме храна и за нашите пријатели кои ни доаѓаа на гости, па тоа ги заинтересира и другите гости…и некако знаевме дека кафуле и флипери не се нашиот свет, па решивме да ја пресликаме традицијата која ја носиме од нашите домови, кои пак почиваат на гастрономските традиции на нашите предци, притоа ги применивме принципите на современата кујна и така од 2008 година градиме една убава семејна угостителска приказна. Вила Радожда во својата гостилница едноставно го почитува старото, а го сервираме новото. Еве така некако би објасниле зошто сме поразлични. Правиме симбиоза од минатото и иднината. 

Каков пристап негувате за да постигнете автентичност, во море од бројна угостителска понуда во охридско-струшкото крај?

Ваквиот пристап е важен, ако сакаме да го прикажеме нашето гурманско богатство и да ја промовираме регионалната кујна и дома и на тие што доаѓаат од светот. Многу странски влијанија има во нашите ресторани и на тој начин сме ја изгубиле автентичноста. Ги заборавивме локалните вкусови и нашиот гастрономски идентитет. Затоа можеби ние сме поразлични. 

За нас најважно е да користиме локално произведена храна, дел од неа ја произведуваме сами, а другата ја набавуваме од мали фармери и занаетчии.

Кои се основните постулати на вашата гостилница?

Секој гостин сакаме да се чувствува како дома, да биде пречекан како гостин, а испратен како пријател. Некои од нив да се потсетат на заборавените вкусови од детството преку храната, а странските гости да знаат дека пробале нешто автентично. 

Готвиме со многу љубов и тоа не може да не даде резултат. Користиме исклучително свежи и квалитетни состојки, посветуваме посебно внимание на виното, па така уживањето е гарантирано.

Ние сме искрени и едноставни луѓе. Сакаме добра храна, сакаме вино, сакаме луѓе и го сакаме тој жагор кој носи мала доза на пријатна нестрпливост додека храната не стигне на масата, а потоа и оној мир и молк додека првите залаци не ги допрат непцата. 

Го сакаме тој пат кој почнува од правењето на секој чинија во кујната, носењето до масата и погледот на реакцијата кај гостинот. Колку сме погодиле…

Ова е семејна угостителска приказна. Се почесто сме сведоци дека кога ќе се здружат семејните сили се успева поинаку…или?

Препознатливи сме по семејната синергија и хармонијата која владее во нашата гостилница. И децата на свој начин се вклучени во она што го работиме. Синот Трајче има 25 години и е школован угостител, а ќерката Кристина има 21 година, студира архитектура и секој викенд е тука и помага и околу естетскиот дел и околу амбиентот во она што ние го правиме. Ние како семејство сме целосно вклучени во нашиот мал бизнис и така се созадава храна со љубов. 

Нашата храна е и одраз на нас како луѓе и на нас како познавачи на гастрономските вредности.

И не е сѐ така случајно. Многу патуваме, Медитеранот не фасцинира со својата кујна, а најмногу искуства сме собрале од Хрватска и Црна Гора, таму постои угостителски правец кој може кај нас да се примени. Имавме и многу значјна стручна помош од  Дејан Карапеев и без него оваа приказна немаше да биде вака добро заокружена. Благодарни сме на тоа. 

Како да го промениме македонскиот гостин кој сака сега и веднаш, не почитува најава или резервација и бара ниски цени?

Храната се подготвува по нарачка. Кај нас ништо не е однапред спремено, освен зимницата, која во овој период од годината е доминантна во делот на предјадења. Гостите е добро да се најават, зошто има јадења кои бараат и 3 часовна подготовка, како што е јагулата, на пример. 

Има многу различни мислења околу тоа дали треба или не треба да се најавите во една гостилница. Но, едно нешто е многу важно кое нашите гости треба да го знаат. Не сакаме да бидеме масовна дестинација, сакаме секој наш гостин да ужива во мигот, колку во храната толку и во погледот на ова прекрасно езеро, од агол кој не е многу познат, можеби, но е совршен. Тука може да се појадува со поглед на изгрејсонцето или да се вечера кога сонцето заминува, создавајќи прекрасен залез, токму тука, во Радожда. Секако и дека ненајевени гости се добредојдени, ако има место, но нашите редовни гости добро знаат зошто е ок да се најават, зошто ние секојдневно набавуваме свежи продукти и има храна додека тие не се потрошат. Не користиме ништо замрзнато. А цените мора да бидат фер. Само така ќе градиме квалитетно угостителство. Превисоки цени не се добар знак за ниту еден угостител. А прениски се знак дека таму нешто не е ок.

Зошто менито за вас не е императив?

Менито кај нас не е импреатив, и тоа не е мени со многу страници. Ние создаваме локална храна, со понуда која се брои на прсти. Кај нас менито се менува согласно сезоната. Не секогаш имаме секаква риба, секаква салата…домати се јадат додека ги има природно, а не од оранжерии, на пример. Кај десерите во пролет имате јагоди, на есен имате тиква во нив, ролат со маак има секогаш и баклава. И ова не е само рибна гостилница, неодамна почнавме да работиме со месо, но набавуваме многу контролирано од локални фармери, па затоа немаме секогаш се.Ова е храна која има вистински вкус, храна која се јаде со најубав поглед, а послужена е со многу достоинство и љубов кон она што го работиме. 

Како гледате на иднината?

Вила Радожда е и мал семеен комплекс, имаме и неколку апартмани. Тој процес неодамна започна и горди сме на него. Спој на традиција и на модерно.  

Во Вила Радожда се гледаат сите наши инспирации како личности и како семејство. И тие инспирации започнуваат од одењето во бавчата да се соберете нешто свежо, преку разговорите со рибарите, до стручните насоки кои ни ги даваат квалитетни експерти од областа на агротуризмот и Slow Food движењето.

Дали имате омилена храна?

Да, сакаме сѐ од риба. Сѐ од и покрај езерото. Рибата е закон!

Ако сето тоа е проследено со насмевки, радости и веселби на нашите гости, на чии лица гледате жед за одмор, за добра квалитетна храна, за исклучување од секојдневието, тогаш сѐ доаѓа на свое место.  

Што е за вас најважно за успех и за оние фантастични пишани импресии најчесто од странски гости на Trip Advisor?

Долгорочно вложување и трпеливост.

Ние веруваме во тие две нешта. Гостите ги привлекуваме со квалитет. Тоа ние примарно. Квалитет пред квантитет. А потоа доаѓа и успехот и наградите.

А да, не смеам да ги заборавам и насмевките од нас како домаќини. Нема ништо повредно од тоа да прочитате од некои непознати луѓе, како се воодушевиле од нас како домаќини, како луѓе…денес таа вредност на добрина, некако ретка е. 

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!