Истражувачи od Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) откриja дека звукот на дождот може да поттикне побрзо ‘ртење на семето, покажувајќи дека растенијата имаат посложен систем за реагирање на надворешни влијанија отколку што се мислеше претходно.
Николас Макрис, професор по машински инженеринг и експерт за акустика и сензори на МИТ, изјави дека идејата се базира на претходни научни докази дека вибрациите можат да влијаат на однесувањето на семето. Претходните истражувања покажале дека механичките вибрации, како оние произведени во земјоделството и индустријата, можат да го забрзаат ‘ртењето на различни растителни видови, додека влијанието на природниот звук на дождот не е испитано досега.
Врз основа на физичкиот принцип дека капките дожд на површината создаваат звучни бранови што предизвикуваат вибрации, истражувачите поставија хипотеза дека овие бранови можат да влијаат на семето под површината на почвата или водата, особено затоа што овие средини се погусти од воздухот.
Според Макрис, основата на реакцијата може да бидат клеточните структури познати како статолити, честички што им овозможуваат на растенијата да ја „чувствуваат“ гравитацијата и да го насочуваат растот на корените и стеблата. Хипотезата била дека вибрациите предизвикани од звукот на дождот можат да ги поместат статолитите и со тоа да го активираат сигналот за почеток на ‘ртење.
Во експериментите биле користени околу 8.000 семиња од ориз, кои биле изложени на различни звучни услови создадени со симулирање на врнежи од дожд со различен интензитет, под контролирани услови без директен контакт со вода. Резултатите покажале дека семето изложено на звукот на капките почнало да ‘рти 30% до 40% побрзо од контролната група.
Исто така, било забележано дека семето поблиску до површината на водата било почувствително на овие ефекти, што, според истражувачите, ја потврдува улогата на интензитетот на звучните бранови во одговорот на растението.
Истражувачите веруваат дека вибрациите ги движат статолитите во клетките, што го активира процесот на ‘ртење, што значи дека звукот делува не само како надворешен стимул, туку и како внатрешен сигнал.
Студијата сугерира дека способноста на семето да го „слуша“ дождот би можела да претставува адаптивна предност, бидејќи укажува на оптимална длабочина за ртење и пристап до вода во почвата. Истражувачите проценуваат дека резултатите го менуваат сегашното разбирање за интеракциите на растенијата со нивната околина, укажувајќи на пософистицирани механизми на сензорна перцепција отколку што се сметаше претходно.
(Euronews)
(фото: Picryl)































