Сузана Димитриевска, најголемиот органски производител: Македонија е создадена за производство на квалитетна храна!

- Advertisement -

Сузана Димитриевска е еден првите и најголеми органски производители во земјава. Со својата органска фарма „Липа“, лоцирана во селото Мустафуно, Свети Николе таа е меѓу првите извозници на органски производи, кои ги произведува на 52 хектари. Органското гравче, спанаќ, но и житарици, сточна храна, грозје и кајсии, потоа наут, органско црвено вино-Мерло, маџун и домашна ракија се меѓу продуктите кои ги произведува и продава на нашиот пазар. Речиси десетина години и извезува органски грав во Швајцарија.

Во интервју за Иновативност Димитриевска вели дека нашата мала земја е одлично поднебје за производство органска храна, која е нашиот билет за освојување на светските пазари. 

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Г-ѓа Димитриевска, вие сте еден од најголемите производители на органски производи во земјава. Кажете ни какви се актуелните состојби во органското производство во Македонија?

- Advertisement -

Органското производство е младо производство, неговите почетоци се во 2002 година, a домашниот органски пазар сè уште може да се каже дека е неразвиен. Заради фактот што производството е многу мало немаме ниту континуирано снабдување со органски домашни производи. Нивото на поврзаност помеѓу производителите и купувачите, во кои влегуваат и институциите како училиштата или градинките е ниско. Но, и покрај сето ова, во последните години мора да забележиме дека површините под органско производство постојано се зголемуваат. И купувачите стануваат сèповеќе свесни за квалитетот на македонските органски продукти, но и за тоа кои се придобивките од нивното консумирање.  

Кои се предностите на органскиот производител во однос на конвенционалниот, а кои се проблемите со кои се соочува?

- Advertisement -

Последниве години, особено откако почна пандемината на Ковид 19, кај купувачите порасна интересот за здравите и органски производи. Многумина го препознаа бенефитот од користењето на прозиводи кои се одгледани во чисти, незагадени средини, без употреба на пестициди и други хемиски средства. Но, потоа се случи и војната во Украина, која предизвика преориентирање на приоритетите и со тоа му нанесе штета на органското производство. Купувачите се свртеа кон создавање залихи и сè помалку да размислуваат за висококвалитетни производи.

Што се однесува до потенцијалот на органското производство во земјава, тој е огромен, а има и одличен глобален интерес за нашите органски производи. Добро е што бројот на производители постојано расте, но и што се отворија неколку мали продавници на органски производи каде овие продукти се лесно достапни за купувачите. Цената на репроматеријалите и ѓубривата за органско производство се изедначени со тие за конвенционалното производство. Сепак, сè уште ни треба едукација дека со органските препарати создаваме здрава почва, а со конвенционалното производство ја уништуваме.

Ако зборуваме за најголемите предизвици со кои се соочуваат органските производители, тогаш тоа се малите количините што се извезуваат на странските пазари. Можеби едни од главните причини за тоа е што имаме малку преработени и складирани органски производи.

Последните две години ни покажаа дека многу лесно можеме да се соочиме со недостиг на храна, не само кај нас туку и светот глобално. Дали ова треба да е поттик за младите да се заинтересираат за органско производство?

Поради малите земјоделски површини што ги имаме како земја во никој случај не можеме да бидеме конкурентни на странските пазари со конвенционалното производство. Нашата конкурентска предност е токму органското производство. Овој факт е препознаен од многу млади производители. Тие кои започнуваат со органско производство се одличен пример и за другите и треба да бидат поддржани на секој начин, како од државата, преку различни инструменти за стимулација, така и од граѓаните, компаниите и институциите како купувачи. Само така ќе влијаеме и ќе придонесеме кон промени во домашното производство, а и во позиционирањето на нашите производи на странските пазари.

Досега, може да забележиме дека меѓу најинтересните култури за органско производство кај нас се гравот, ајварската пиперка, житата, разните овошја, кои се преработуваат и се продаваат и со додадена вредност како сокови, потоа лешниците, кои се преработуваат во органски путер, медот и производите од пчели, диворастечките производи, печурките, но и сточната органска храна и органското јагне. Исто така имаме и мали производители на разни видови салати и зеленчуци кои се продаваат преку социјалните мрежи. Младите производители на органски путер од лешник веќе го продаваат и во гифт шоповите на скопскиот аеродром.

Се бараат ли органските производи повеќе и почесто на нашиот пазар, свесни ли се потрошувачите дека треба да купуваат и да ги поддржуваат локалните производители?

Поради ниската куповна моќ и но и сè уште ниската свест за придобивките од органските производи купувачите не даваат доволно поддршка на локалните економии со органско производство. Знаеме дека голем дел од купувачите би купиле органски производ, но не се подготвени да ја платат повисоката цена, која најчесто е диктирана од трговците. Затоа треба да работиме на градење врски за купувачите да добијат можност да купуваат директно од органскиот производител на неговата фарма за многу пониска цена.

Што мислите дека треба да се подобри во условите кои ги дава државата за поттикнување на органското производство?

Сметам дека е потребно е да се инвестира во доработка и складирање на органските производи за да може да се достигне реалната цена. Исто така потребен е и развој на консултантска подршка за премин од органско во конвенционално производство. Во земјава има многу поволни агро-еколошки услови за органско производство и можност за мешовити посеви, со кои ќе се решат многу проблеми. Заради тоа не треба да ја испуштаме можноста да се преориентираме што побрзо и да се позиционираме како земја на светскиот пазар како етаблиран органски произведувач.

Сподели!
- Advertisement -