Реакција на Стопанската Комора до Владата и Собранието за предложениот Закон за данок на солидарност

- Advertisement -

Стопанската комора на Северна Македонија преку Клубот 100, упати допис до претседателот на Собранието, до премиерот и до министерот за финансии во кој ги изнесува аргументите за барањето на бизнис заедницата да запре донесувањето на предложениот Закон за данок на солидарност, по итна постапка со европско знаменце.

Ова е интегралниот допис:

„Стопанската комора на Северна Македонија преку Клубот 100 и органите на Комората, поднесе иницијативата за стопирање на постапката за донесување на Предлогот на Законот за данок на солидарност. Клубот 100 има водечка улога во менаџирањето на Комората, како најрепрезентативен претставник на приватниот сектор во нашата држава и со години наназад во него се најуспешните компании. Компаниите предводени од членовите на Клубот 100 вработуваат над 6.200 вработени, годишно уплаќаат повеќе од 105 милиони евра даноци и придонеси, а како резултат на унапредување на деловните процеси, зголемени инвестиции и освојување на нови пазари уплатите на даноците и придонесите во 2022 година се поголеми за 15% во однос на 2021 година или за околу 14 милиони евра.

- Advertisement -

Истата иницијатива се поддржа со потписи од значаен број на релевантни и успешни компании и стопанственици – членови на органите и телата на Комората (Управен одбор, Собрание и Надзорен одбор), при што се укажува на сите негативни последици кое евентуалното вакво законско решение и неговата ретроактивна примена за фискалната 2022 година ќе ги предизвика врз домашните и странските компании и инвеститори во државата.

Оваа иницијатива беше поддржана и од Советот на странски инвеститори, при што особено беше укажано дека повлекувањето на овој Предлог закон од редовната собраниска процедура и неговото повторно пуштање со наводно европско знаменце ќе претставува само обид за
манипулирање со редовните собраниски процедури за носење на законите и
злоупотреба на европското знаме.

- Advertisement -

Неводејќи воопшто сметка за аргументите на Комората и стопанството, а водејќи
се единственото од потребата и желбата за пополнување на буџетските дупки и
неограничено трошење, Владата на 11 јули  повторно го утврди Предлог законот за данок на солидарност, ставајќи му европско знаменце и повторно го достави во собраниска процедура, со единствено образложение дека се врши усогласување со директиви на Европската унија и
европското законодавство, односно со Регулативата на Советот (ЕУ) 2022/1854 од
6.10.2022 година, со која што се утврдува и “обврската за наплата на придонес за
солидарност“.

За Стопанска комора, носењето на Законот не претставува никакво усогласување со директивите и регулативата на ЕУ, напротив тоа е само злоупотреба на тие регулативи. Можни се две причини зошто Владата, во најблага смисла на зборот, не ја кажува вистината и ја злоупотребува регулативата на ЕУ. Првата е дека воопшто не ја разбираат Регулативата 2022/1854, и тогаш тешко нам ако ваква администрација треба да не усогласува со европското законодавство во целиот процес на преговори со ЕУ до постигнување на полноправно членство.

- Advertisement -

Втората, која е уште полоша е, дека администрацијата можеби правилно ја чита Регулативата 2022/1854, но свесно изнесуваат неточни податоци и сега ќе се обидат, користејќи ја скратената постапка, да ги убедат пратениците да го донесат предложениот закон за данокот на солидарност.

Стопанската комора, имајќи ја во предвид одговорноста на пратениците при
донесување на  предлог законот, во продолжение поддетално ќе ја претстави
цитираната регулатива на ЕУ:

Прво, Регулативата 2022/1854 е донесена на 6.10.2022 година, односно во период кога беа остварени највисоки астрономски цени на пазарот на електричната енергија, гасот, јагленот, нафтата и нафтените деривати и кога енергетските компании (компании кои се занимаваат со производство на електрична енергија, јаглен, нафта, рафинерии за производство на нафтени деривати и производители на природен гас), користејќи ја кризната состојба, остварија астрономски профити како никогаш во својата историја. Денес, јули 2023 година, состојбата веќе не е таква – цените на енергенсите веќе не се на тоа ниво. Точно е дека кај дел од нив, пред се електричната енергија и нафтените деривати, цените се сеуште на нешто повисоко ниво од пред кризниот период, но секако не на астрономско ниво како што беа во пикот на кризата и кога определени капацитети заради зголемените трошоци мораа да прекинат со своето
производство.

Второ, како што е и самиот наслов на Реулативата 2022/1854 – Регулатива за
итна интервенција во врска со високите цени на енергијата – таа, во својот најголем дел
се бави со итни, времени и исклучителни мерки кои треба да ги превземат земјите
членки на ЕУ поради зголемените цени на енергенсите главно како последица на руско
– украинскиот конфликт. Тоа се главно мерки за намалување на потрошувачката на
енергија, можно максимизирање на цените на енергијата за домаќинствата и малите и
средните претпријатија или ограничување на приходите од енергијата кои ги
остваруваат енергетските компании и во еден помал дел од Регулативата се пропишува
и можното воведување на данок на солидарност.

Трето, воведувањето на данокот на солидарност е предвидено како можност, а
не и обврска за земјите членки. Затоа дел од нив воопшто не воведоа ваков данок и
затоа воопшто не точно кога Владата пред јавноста и пратениците го претставува
донесувањето на Законот за солидарност како обврска за усогласување со европските
регулативи.

Четврто, како што е предвидено во точките 13, 14 и 63 и членовите 1, 2 точка 18
и 19, член 14 од Регулативата 2022/1854 препораката за воведување на данок на
солидарност се однесува само на претпријатијата од областа на суровата нафта,
природниот гас, јагленот и рафинериите, кои во услови на енергетската криза остварија
повеќе од два пати поголеми профити, кои не можеа да ги остварат во нормални
услови. На пример, во 2022 година од оваа област најголем профит оствари саудискиот
„Арамко“ во износ од 161 милијарда долари, потоа следуваат „Ексон Мобил“ со 59 млрд.
долари (23 млрд. долари во 2021 година), „Шел“ со 40 милијарди долари (19 во 2021
година), „Шеврон“ со 36 милијарди долари (15 во 2021 година), „Тотал“ со 36 милијарди
долари (18 во 2021 година) и.т.н. Но, тоа воопшто не значи дека треба дополнително да се оданочуваат и претпријатија од другите области, кои не само што не заработија од енергетската криза, туку напротив беа соочени се неколкукратно зголемување на своите трошоци за енергија, па заради тоа искажуваа загуби, а некои и го прекинаа процесот на производство. Образложението на ЕУ беше јасно – дека треба да се овозможи компаниите од областа на суровата нафта,природниот гас, јагленот и рафинериите, кои заработија од енергетската криза да учествуваат соодветно во покривањето на планираните субвенции.

Петто, согласно член 14, точка 3 од Регулативата, земјите членки на ЕУ ги
донесоа и објавија мерките за примена на солидарниот данок најдоцна до 31.12.2022 година.
 Значи ЕУ ја донесе Регулативата 2022/1854 на 6.10.2022 година, а мерките за
солидарниот данок најдоцна до 31.12.2022 година и до тој датум земјите членки мораа
да известат за евентуално воведениот солидарен данок, со што компаниите барем
навреме можеа да си ги испланираат и подготват завршните сметки за 2022 година.
Предлогот на Владата, Собранието  да го донесе Законот за солидарниот данок во јули 2023 година значи дека тој Закон ќе има ретроактивна важност на завршните сметки на компаниите за 2022 година. Владата и пратениците во Собранието треба да бидат свесни дека тоа е во директна спротивност со член 52 од Уставот кој пропишува дека „Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за
граѓаните“, па и со други уставни одредби. Доколку и покрај оваа укажување,
пратениците го изгласаат Законот во Собранието, тие и Владата ќе бидат директно
одговорни за прекршување на Уставот. Во таков случај, Стопанската комора на Северна
Македонија ќе покрене соодветна иницијатива пред Уставниот суд за укинување на
Законот на солидарен данок, а се надеваме дека и на почетник на правото му е јасно
дека, доколу нема политички притисоци врз уставните судии, ваквиот закон не може да ја издржи уставната проверка.

Како поврзани работи со Регулативата 2022/1854 и предложениот Закон за
данокот на солидарност, како Стопанска Комора, би сакале да укажеме на уште неколку
работи:

Прво, воопшто не е точна тезата која деновиве се пушти преку некои медиуми
дека „компаниите користеа помош од државата, сега не сакаат да возвратат…“. Притоа,
се наведува колку приходи во 2022 година оствариле на пример Макпетрол, Алкалоид,
Комерцијална банка, ИГМ Трејд, Фероинвест и „дека успешните компании сега не сакаат
воопшто да плаќаат…“. Напротив, овие компании, па и многу други членки на Комората,
се меѓу најголемите плаќачи на разни даноци, ДДВ, придонеси во корист на државниот
буџет и на фондовите. Тие беа и најголеми донатори на здравствениот сектор во време
на корона кризата, а се пример и на општествена одговорност во повеќе области. Токму
затоа, Стопанската комора, веќе неколку години, инсистира на објавување на така
наречена „бела книга“ на најголемите плаќачи на даноци и придонеси во државата, по
примерот на Министерството за финансии и Управата за јавни приходи кои квартално
ги објавуваат компаниите кои се најголеми должници по основ на даноците и
придонесите. Иницијативата упорно се одбива од овие институции со образложение
дека тоа е наводно „деловна тајна“. Не може да биде деловна тајна објавувањето на
податоци за даноците и придонесите, кои се објавуваат како дел од завршните сметки
на компаниите и кои се јавен податок. Овие институции треба само да ги обединат тие
поединечни податоци и квартално да ја објавуваат таа „бела книга“, како што е и
„црната книга“ за даноци и придонеси. На тој начин и пошироката јавност ќе знае кои се
компаниите кои се најголеми плаќачи и полначи на државниот буџет и на фондовите и
ќе се елиминира  тезата дека „успешните компании сега не сакаат воопшто да
плаќаат…“. Напротив, како што укажавме, тие се најголемите плаќачи на даноци и
придонеси, имаат континуирани инвестиции и раст на вработеноста и придонесуваат за
вкупниот економски раст. Затоа имаат неспорни аргументи, зошто сега не треба дополнително тие да се оптоваруваат со нови, неуставни, непредвидливи закони и давачки, а тие што досега не плаќаа да продолжат со неплаќање. Тоа истовремено значи помалку инвестиции во бизнис секторот и помал раст и развој на компаниите.

Второ, заради предлагањето и евентуалното донесување на вакви непредвидливи закони и други мерки, се повеќе компании од Македонија во странска сопственост се премислуваат да го префрлат своето седиште во некоја од соседните земји кои не носат вакви закони и мерки (пред се во Србија, па и Косово). Но тогаш, Владата не само што нема да наплаќа дополнителни солидарни даноци, туку и редовните даноци кои досега се плаќаа во Македонија, ќе се плаќаат во тие земји. За тие последици, Владата и Собранието треба сериозно да размислат кога предлагаат и гласаат вакви закони.

За ова ќе наведеме и конкретен пример. Компанија од Македонија, во периодот
од 2019-2020 година, од својата добивка не делеше дивиденди или зголемени плати,
туку околу 12 милиона евра ги инвестираше во нови продажни и сервисни капацитети,
што потоа и овозможи значително зголемување на вкупните приходи и добивката. Со
предложениот Закон за данок на солидарност, покрај редовното годишно плаќање на
данокот на добивка кое го извршуваше сите овие години, сега компанијата ќе треба да
плати дополнително уште 1 милион евра. Значи компаниите кои успешно работеа,
редовно плаќаа годишни даноци на добивка, домаќински се однесуваа и инвестираа,
сега ќе треба долнително да ги казниме и оптовариме. Затоа, странските сопственици
на оваа компанија, се посериозно размислуваат своето седиште да го префрлат во
Косово, кое не воведе вакви закони и давачки. Но, тоа значи дека во иднина и даноците
на добивка и сите други давачки ќе ги плаќаат во Косово, а не во Македонија.

Трето, пред извесно време, потпретседателот на Владата изјави дека според проценките околу 1,5 милијарди евра се приходи кои се остваруваат во „сивата економија“ во државата и доколку тие се вклопат во постојниот даночен систем, тоа би резултирало со дополнителни приходи во Буџетот во износ од околу 420 милиони евра. И толку. Освен „Мој ДДВ и скенирај фискални сметки“ не видовме никаква политика, стратегија и мерки кои Владата планира да ги превземе за ублажување на последиците од сивата економија. Сигурно не очекуваат медиумите,
новинарите или фирмите редовни плаќачи на даноци и придонеси да се справуваат со
овој проблем.

Четврто, крајно време е оваа и идните влади и собранија на Република Северна
Македонија (како што не направија скоро ниту една од минатите влади и собранија) да
почнат да се занимаваат со енормниот пораст на буџетската потрошувачка и со
политики и мерки кои ќе доведат до нејзино намалување, а не да измислуваат вакви
неуставни закони со кои товарот на буџетската потрошувачка врз стопанството и
населението станува се потешко одржлив. Од јавно достапните податоци на
Министерството за финансии (finance.gov.MK) според завршната сметка за 2005 година
Буџетот изнесувал 100 милијарди денари или 1,63 милијарди евра. Планираниот Буџет
за 2023 година (пред најавениот ребаланс наесен) изнесува 324,8 милијарди денари
или 5,28 милијарди евра. Тоа значи дека Буџетот во 2023 година е за 3,2 пати поголем
од тој во 2005 година. Во истиот овој период, БДП е зголемен за околу 21%, односно со
просечна годишна стапка од само 1,7%. Да земеме како пример дека буџетската
потрошувачка во овој период можела да расте и со трипати поголема стапка од порастот
на БДП, односно да биде поголем за 63% од тој во 2005 година, тогаш Буџетот за 2023
година би требало да изнесува 2,63 милијарди евра, а во никој случај 5,28 милијарди
евра.

Или уште една споредба. Според последните податоци на НБРСМ вкупните
депозити на домаќинствата во банкарскиот сектор изнесувале 330 милијарди денари
или скоро 5,36 милијарди евра. Тоа значи дека за една година државата преку Буџетот
троши средства скоро колку што се целокупните депозити на населението во
банкарскиот сектор. Се надеваме дека и на Владата и на Собранието им е јасно дека
ваквата буџетска политика и потрошувачка е неодржлива на подолг рок, дека е се
поголем товар за стопанството и населението и дека итно треба да се превземат мерки
за нејзина рационализација и намалување.

На крајот, уште еднаш да повториме: доколку Владата и Собранието  и покрај сите овие укажувања и аргументи, не се откажат и не го повлечат од натамошна постапка Предлог законот за солидарен данок, Стопанската комора на Северна Македонија најитно ќе поднесе иницијатива пред Уставниот суд за преиспитување на уставноста на Законот.
Исто така, доколку пратениците сепак го изгласаат донесувањето на Законот,
согласно член 75, став 2 од Уставот, Стопанската комора ќе побара од претседателот
на Македонија да не го потпише указот за прогласување на Законот
за данок на солидарност, затоа што тој е очигледно во спротивност со член 52 од
Уставот“.

Сподели!
- Advertisement -