Компанијата Panasonic, основана во 1918 година како Matsushita Electric Housewares Manufacturing Works, создаде дигитална верзија на нејзиниот основач Коносуке Мацушита, базирана на вештачка интелигенција. Мацушита почина во 1989 година, а од Panasonic истакнуваат дека бројот на луѓе кои тој лично ги обучувал е во опаѓање. Затоа тие решиле да искористат вештачка интелигенција за да ја пренесат неговата менаџмент-филозофија на вработените.
Вештачката интелигенција била обучена со помош на 3.000 снимки со Мацушита, како и документи, предавања и интервјуа што ги оставил зад себе. Овој материјал бил дигитализиран во Институтот за мир и среќа преку просперитет на Panasonic, кој го основал Мацушита. Во развојот на дигиталниот лик кој ќе го имитира стилот на размислување и зборување на основачот тие соработувале и со Институтот Мацуо од Универзитетот во Токио.
„Се надеваме дека развојот на генеративната вештачка интелигенција ќе овозможи претходно недостапни интердисциплинарни истражувања и употреба на иновативни методи“, велат од Panasonic.
Мацушита го постигна статусот на легенда во Јапонија. Тој често се нарекува бог на менаџментот. Му се восхитуваат на неговата лидерска филозофија и улогата во трансформирањето на компанијата што ја основал, која почнала како компанија за светилки, во глобална сила.
(Bug.hr)
(фото: Facebook)