Aмериканскиот трговски суд во САД ги поништи глобалните царини на Трамп од 10 %

- Advertisement -

Нов удар за американскиот претседател: федерален трговски суд ги прогласи глобалните царини на Трамп од десет проценти за незаконски. За основа послужил законот од 1974 година, кој, според судот, е погрешно протолкуван.

Американски суд ги прогласи привремените царини наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп за увоз од целиот свет за незаконски. Со воведување временски ограничена царина од десет проценти, претседателот ги пречекорил своите овластувања, соопшти Судот за меѓународна трговија во Њујорк. Се вели дека Трамп погрешно го протолкувал трговскиот закон на кој се повикал како основа. Ниту американската влада ниту Царинската служба на САД не смеат да наплаќаат увозни давачки од тужителите – меѓу кои е и американската држава Вашингтон. Царинските давачки што веќе се наплатени мора да им се вратат на тужителите, нареди судот. Судот утврди дека американската влада не успеала задоволително да ги докаже „основните меѓународни проблеми во плаќање“ кои, според законот, се предуслов за таква мерка. Покрај тоа, наредбата на Трамп се однесува на трговскиот и тековниот дефицит – иако законот предвидува дефицит во билансот на плаќања како услов.

- Advertisement -

Од 24 февруари 2026 година, САД наплатуваат царина од десет проценти за повеќето увезени стоки. Трамп се закани дека ќе ја зголеми стапката на 15 проценти. Тоа би бил максималниот износ кој претседателот може да го наметне во период од 150 дена со повикување на трговскиот закон од 1974 година. Владата на САД може да поднесе жалба. Потоа, ќе биде можна и постапка пред Врховниот суд. Запрашан за одлуката на судот, Трамп остана непоколеблив. Тој им рече на новинарите дека има намера да ја продолжи својата царинска политика без оглед на одлуките на судството.

Администрацијата на Трамп воведе царини по пресудата на Врховниот суд, со која претходно беа укинати уште поопсежните двоцифрени царини кои претседателот ги воведе минатата година на речиси сите земји во светот.

- Advertisement -

(Дојче Веле на македонски)

Фото – Transnationalmatters.com

- Advertisement -

- Advertisement -