САД инвестираат 400 милиони долари во рудник за скандиум

- Advertisement -

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес објави дека САД инвестираат 400 милиони американски долари во проект за експлоатација на скандиум во Австралија. Тој треба да стане првиот рудник во светот за овој критичен минерал и да го зајакне снабдувањето на Америка со суровини важни за одбранбената, воздухопловната и автомобилската индустрија.

Планирано е Министерството за одбрана на САД да одобри заем од 400 милиони долари на компанијата „Sunrise energy metals“ за проектот во централниот дел на Нов Јужен Велс, објави австралискиот јавен сервис ABC.
Скандиумот веќе е широко користен во одбранбената, воздухопловната и енергетската индустрија, но речиси целата светска понуда доаѓа од Кина, Русија и Украина.

- Advertisement -

Канцеларијата за стратешки капитал на Министерството за одбрана на САД изјави дека во моментов нема рудник во светот што е примарен извор на скандиум, туку тој минерал најчесто се добива како нуспроизвод од други индустриски процеси и експлоатација на суровини.

Според таа канцеларија, „странските конкуренти“ сочинуваат околу 80 проценти од светското производство на скандиум во рударството и речиси целата негова преработка.

- Advertisement -

Како што е наведено, производството од рудникот треба да ги поддржи одбранбените капацитети на САД, но и стратешки важните економски сектори, вклучувајќи ги центрите за обработка на податоци, полупроводниците и автомобилската индустрија.

Првичниот капацитет на рудникот треба да биде 60 тони скандиум оксид годишно, а почетокот на производството е планиран за првата половина од 2028 година.

- Advertisement -

Австралиската министерка за природни ресурси, Мадлен Кинг, ја поздрави одлуката на САД, нарекувајќи ја „значаен глас на доверба“ во способноста на Австралија да обезбеди критични минерали за САД и нејзините партнери.

Фото – Wikimedia.commons

- Advertisement -