Пари и иновативни идеи во Македонија има, фали ефикасен систем за реализација!

- Advertisement -

 Промена на даночниот систем во Македонија, формирање технолошки парк и центар за трансфер на технологија, и издигнување на иновативноста на ниво на министерство… Ова се дел од препораките кои ги дадоа учесниците на денешната дебата за финасирање и комерцијализација на иновации во Македонија, која се одржа во рамки на Технома 2017

Промена на даночниот систем во Македонија, формирање технолошки парк и центар за трансфер на технологија, и издигнување на иновативноста на ниво на министерство… Ова се дел од препораките кои ги дадоа учесниците на денешната дебата за финасирање и комерцијализација на иновации во Македонија, која се одржа во рамки на Технома 2017. Сите се согласија дека има доволно пари и фондови на располагање, но недостига еден заокружен еко-систем во кој што реализацијата ќе биде поедноставна и поефикасна. Како проблеми кои го оптоваруваат пристапот до финансии беа наведени актуелните закони кои не ги разликуваат од даночен аспект компаниите кои се занимаваат со истражување и развој од останатите компании, недоволната соработка со академската заедница како важна алка во процесот на иновирање, недоволната стручност на кадрите кои излегуваат од факултетите, како и недоволната информираност што се се случува на оваа сцена и можностите кои им стојат на располагање.  

Во последниве три години Македонија искористила само девет проценти од вкупно 9,5 милиони евра за иновативни проекти, средства што Фондот за иновации и технолошки развој ги има на располагање од Светска банка. За зголемување на ниското ниво на искористеност директорот на Фондот Јован Деспотовски најави проширување на опсегот на компании кои аплицираат во оваа институција и формирање на Технолошки парк со акцелератор, како и на Национална канцеларија за трансфер на технологија како нови субјекти во целиот систем за поддршка и финансирање на иновациите.

- Advertisement -

Парите треба да се искористат до средината на 2019 година, а во спротивно ќе треба да се побара продолжување на рокот, што не е добро ниту за државата ниту за економијата ако не може да покажат капацитет да апсорбираат десет милиони евра. Досега финансираните 20 до 25 проекти се многу мали и се претежно од ИТ индустријата. Клучни причини за слабата искористеност, според Деспотовски, се слабата информираност, ниското ниво на свест што претставува иновацијата и кои се можностите таа да биде финансирана  и инструментите што им се на располагање на компаниите.

Татјана Забасу, регионален директор на South Central Venture фондот “тежок“ 40 милиони евра за инвестиции во иновативни компании во регионот од Хрватска до Косово, нагласи дека во Македонија досега се пласирани околу 1,5 милиони евра во три стартап компании со извозен потенција. Таа нагласи дека многу често се случува да се добијат одлични идеи од одредени компании, но многу често фали реализација и посветеност на тимот во остварување на идејата. Овој фонд е насочен кон финансирање на конкретни иновативни производи кои се во рана фаза од развој.

- Advertisement -

За Илијанчо Гаговски од компанијата Prymapps која е корисник на грант од Фондот за иновации, појавата на овој фонд е повеќе од значајна затоа што неговата идеја за нов производ ќе останела само идеја доколку не добиеле грант во вредност од 30.000 евра од Фондот.

“Државата може да даде уште поголем придонес кон подобрување на иновативниот капацитет со креирање на клима која поттикнува индивидуализам, а не клиентелизам, со драстично подобрување на квалитетот на образование и со инвестиции во суперспецијализиран универзитет во кој што ќе се изучуваат клучните теми во светот- обновливи извори на енергија, елетрични возила и батерии и нанотехнологија, како и неколку успецијализирани институти. Само на тој начин ќе го промениме имиџот на Македонија во светот кој што сега се сведува на земја со евтина работна сила“, вели Гаговски.

- Advertisement -

Во Македонија, според проценките  на Министерството за економија, вложувањата на компаниите во истражување и развој изнесуваат само 0,02% што е драстично далеку од таргетот на Европската Унија од 3% до 2020 година. Но, има и такви компании кои своите иновативни проекти ги финансираат сами. Компанијата “Кабтел“ во моментот развива smart систем за менаџирање со ресурси во хотели, проект во кој што вложуваат сопствени средста, а истиот планираат да го пласираат во големи хотелски комплекси чија што крајна цел е енергетска ефикасност.

“Ние секоја година одвојуваме околу 6% од приходите во иновативни проекти затоа што веруваме дека само развојот, иновациите и постојаното следење на пазарот можат да не одвојат од останите на пазарот. Но, и државата мора да даде поголема енргија во наметнување на темата во општеството најпрвин со формирање на посебно министерство за иновации и трансфер на технологија како чин со кој што ќе покаже колку тие се приоритетни за македонската економија“, вели Горан Митревски, главен извршен директор на “Кабтел“.

Пари има, идеи има, фали поголема соработка на сите чинители во еко-системот за иновации и технолошки развој. Денешната дебата во рамки на традиционалниот саем за технологија и иновациии Технома 2017 година отвори многу прашања, многу отворени проблеми кои треба да се надминат за да се отвори поголем пат на компаните од Македонија кон поголеми иновации и конкурентност.     

Сподели!
- Advertisement -