-0.5 C
Skopje
вторник, февруари 25, 2020

Од февруари ќе функционира кластер и регистар на производителите на органска храна

Kabtel desktop

Од февруари 2018 година во функција треба да биде ставен регистарот на оператори со органски производи. Овој регистар ќе овозможи точно да се знае кој производител има сертификат, каде се наоѓа и што нуди, со што ќе се елиминираат евентуалните манипулации и дилемите кај потрошувачите дали некој производ е навистина органски или не.

Покрената е и иницијатива за формирање на првиот кластер за органско земјоделство од три земјоделски здруженија, една земјоделска задруга и неколку компании, а по новогодишните празници се очекува да профункционира и првиот отворен пазар за органски производи што ќе работи во рамки на некој од скопските трговски центри секој петок, од 10 до 18 часот.

Од 2018 година на македонскиот пазар ќе има и поголеми количини органско сертифицирано семе.

Како што беше соопштено од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Здружението на агроновинари „Медиа плус“ и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка, интересот за македонската органска храна на европскиот пазар се зголемува. Посебно побарувачка има од Швајцарија и Словенија.

„Се зголемува и бројот на домашните површини под органско земјоделство, како и бројот на производителите. Лани се регистрирани 3.240 хектари сертифицирани површини за разлика од 2014 година кога имало 2.360 хектари, а бројот на производители бил 533.“, покажуваат податоците од Министерството за земјоделство.

Најголемо учество во органското растително производство или 33 отсто имаат житните култури, со 26 проценти се застапени фуражните, 15 отсто се овошки, еден до три отсто отпаѓаат на лозје и градинарство, додека на маслодајни култури два процента.

Во сточарското производство водечка гранка е овчарството со 84 отсто или близу 47.000 овци кои се одгледуваат за органско производство и уште 32.577 кои се во преод кон органско. Козарството и говедарството учествуваат со по четири отсто, а пчеларството со осум проценти.

„ЕУ е заинтерсирана за соработка со Македонија во однос на органските производи зашто ја следиме регулативата. Два оператора дури работат и по швајцарските БиоСвис стандарди, што се построги од европските. Почнавме со производство на два типа органски грав, црвен и шарен, за трговски синџир во Швајцарија, а извезуваме органски пипер лен и вргањ.“, рече Габриела Мицевска од ИМЕ.

Мицевска истакна дека е неопходно да се фокусираме на финализацијата, земјоделците да создаваат органски производи со додадена вредност и да се воведат нови технологии.

Професорката од Факултетот за земјоделски науки и храна Рукие Агич ја нагласи потребата од правилно складирање на органските производи за да се зачува, како што рече, квалитетот и губитоците при манипулацијата (продажба, транспорт, пакување,…) да се сведат на минимум.

Интересен беше податокот што го сподели, дека за сушење органска рукола и зелена салата некои производители користат машина за перење алишта. Ја вклучуваат на програма за центрифугирање, според предвидениот, соодветен број вртења, без да се предизвика какви било оштетувања кај производите.

„Вреќите за чување органски кромид, лук,…, треба да се рециклирачки, од целулозни влакна, а цврстите пакувања задолжително да имаат лежишта за заштита на производите од механички повреди. При продажбата, органските мора да се одвоени од конвенционалните производи и не смее да се достапни како рефус.“, потенцира Агич.

Органско производство во Швајцарија

Во Швајцарија органското производство е на многу повисоко ниво. Фармерски здруженија се обединети во организацијата „Био Свис“, која има свои стандарди, многу повисоки од европските. Две компании од Македонија веќе поседуваат стандарди на „Био Свис“.

Органското производство во Швајцарија датира од пред 100 години. Почнало најпрво како реакција (движење) на фармерите и потрошувачите по индустријализацијата во производството на храна и како „крик“ против употребата на хемикалии. Првите 80 години со органско земјоделство се занимавале само неконформистите, а производите се продавале на фарма и во посебни продавници.

„Последните 20 – 30 години јавноста се повеќе ја прифаќа ваквата храна, а во 1992 година и еден од големите ланци маркети почна да продава органски производи. Од 1998 година, пак, Швајцарија воведува и субвенции. Оттогаш, многу производители решија да преминат од конвенционално во органско производство.“, информира швајцарскиот новинар Маркус Спулер, поранешен уредник во специјализираното списание „Биоактуел“, едно од водечките за органско производство во Швајцарија.

Спулер е агроном по струка и вработен на фарма. Според него, предрасудите за органското производство (дека е само за богатите и дека на производителите им е наметнато од големите компании) полека се надминуваат.

Во Швајцарија денес има 6.538 органски фарми, а 140.000 хектари се под органско производство. Обемот на органското производство е 1,5 милијарди евра или 8,4 отсто од вкупниот обем на пазарот кој е 17 милијарди евра. Последните трендови покажуваат дека на европските и светските пазари засега најбарани се органскиот ориз и органските јајца.

Што велат македонските производители?

Пласманот е уште проблем, но, со голема упорност и многу работа, од органското земјоделство може да се живее.

„Почнавме во 2011 година, од ледина, на 5,5 хектари. Во 2014 година ја имавме и првата берба, а сега ја реализиравме четвртата. Годинава беше многу жешка, но со огромен напор ја направивме успешна.“, изјави Марија Дудуковска од Берово, производител на органска аронија.

Годинашната берба засега е најголема, 23 тони. Продажбата е уште на домашниот пазар, во свежа и замрзната состојба. Интерес за откуп има и од надвор. Допрва ќе се склучуваат договори. Цената на килограм свежа аронија е 100 денари на големо и 100 денари на мало.

Струмичкиот производител и агроном Бране Атанасов од Струмица се пофали дека годинава, покрај градинарски култури и овоштарство, има и неколку кошници со пчели.

„Засега сме присутни само на домашниот пазар зашто количините не се толку големи. Но, капацитетите се големи па можеме да размислуваме за извоз во наредниот период.“, додаде тој.

Драги Манев се занимава со органско земјоделство четири години. Има нешто повеќе од хектар површина, а произведува праски, мешани сорти, морков, домат, целер, цвекло, зелка…

„Не преработувам, произведувам исклучиво свежо, но во овој сегмент забележувам се уште недоверба кај купувачите. Пласманот оди тешко. На тезга ми се смеат, не веруваат дека она што го нудам е органско. Но, еве, прво нека пробаат, па нека кажат дали производите не чинат. Точно, тие не се „лични“ ама затоа се превкусни и здрави. За кратко време, кога побарувачката ќе биде вистински голема, ќе немам доволно производство.“, изјави Манев. Дополни и дека ги нема потребните услови за чување поради што, моментно, целерот му е на нива.

За органско земјоделство е неопходно и сертифицирано органско ѓубре. Како што рече производителот Слободан Вуксановиќ со овој тип ѓубре растенијата можат да го достигнат својот генетски максимум.

„Ова течно ѓубре заштитува од болести, високи и ниски температури, мраз… Големите производители не сакаат да менуваат технологии и ретко го прифаќаат, но малите со хектар, два или пет, и што го пробале еднаш, константно го употребуваат.“, истакна Вуксановиќ.

Според Зоран Маринковиќ, производител на органски мед и производи од мед од 2006 година, сопственик на околу 500 пчелни семејства, мора да се работи според регулативите и стандардите.

„Во 2013 година изградивме објект во кој ги пакуваме сите производи. Сега производите ни се брендирани и може да се најдат во малопродажните места во Македонија. Лани реализиравме и мал извоз во странство, се надеваме на натамошна соработка. Најбитен ни е квалитетот на производите.“, рече Маринковиќ кој смета дека потрошувачите не се доволно запознаени со органското производство. Цената на органскиот мед е повисока за 20 – 30 отсто од конвенционалниот или изнесува 500 денари.

За поддршка на органското земјодлество годинава се проектирани еден милион евра, а производителите можеа да поднесуваат барања за субвенции до 25 декември 2017.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •