7.6 C
Skopje
четврток, ноември 21, 2019

Владата и Фондот за иновации денес доделија договори за финансирање на дваесет компании за иновативни проекти

Kabtel desktop

Денес во просториите на Владата на Република Македонија се одржа свечено доделување на договорите за финансирање на дваесет македонски компании кои претходно беа избрани како грантиски во неколку повици на Фондот за иновации и технолошки развој.

Договорите ги врачија Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски и директорот на Светска банка за Македонија и Косово, Марко Мантованели.

„Првпат Владата станува партнер за финансирање иновативни проекти на домашни компании. Меѓународниот и технолошкиот развој на компаниите ги поставивме како суштина на новите економски политики. Уверени сме дека токму иновациите и технолошкиот развој ќе бидат едни од генераторите на економскиот развој на земјата и причина заради која младите луѓе ќе ги задржиме да живеат и работат во Македонија.“ изјави премиерот Зоран Заев на доделувањето на договорите на компаниите.

Доделените грантови се со вкупна вредност од 80 милиони денари преку Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), од кои 58 милиони денари се обезбедени од Владата, а останатите од Светска банка. Компаниите кои денес ги примија договорите се петте победници на О2 предизвикот и петнаесетте најдобри проекти од четвртиот повик од инструментите за поддршка на старт-ап и спин-оф и за комерцијализација на идеи.

Според директорот на Фондот, Јован Деспотовски, Македонија заедно со Косово и Белорусија лани беа единствените европски држави кои воопшто не беа рангирани во глобалниот индекс на конкурентност, а  ситуацијата со глобалниот иновациски индекс е подобра, но останува фактот дека заостануваме значително зад глобалните европски трендови. Причините за ваквата состојба, како што рече, се и податоците според кои до 2017 година од Буџетот воопшто не се издвојувани пари за иновациски проекти и се спроведувани погрешни политики кои креирале образовен систем и институции кои биле затворени за секакво критичко и креативно размислување.

Директор на Канцеларијата на СБ во Македонија и Косово, Марко Мантонавели пак изјави: „Иновациите им овозможуваат на фирмите да се специјализираат, да ги исполнат меѓународните стандарди за најдобри практики, да го надградат квалитетот, да ги намалат трошоците и најважно од се да отворат нови работни места.“ 

Фондот за иновации подготвува и повик за финансирање на мерките од третиот столб на планот за економски раст, а за кои се издвоени 185 милиони денари буџетски средства. Во наредните шест до осум недели, најави Деспотовски, ќе биде објавен повик за финансирање проекти со првите четири мерки од предлог планот за економски раст наменети за сите микро мали и средни претпријатија. Ќе следува и повик за два нови инструмента на Фондот со финансии од Светската банка, како и два нови тематски повици со две министерства со кои ќе се претстави нов инструмент за примена на иновациите во јавниот сектор.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •