Студентите кои ја креираат првата македонска ракета бараат поддршка за меѓународна промоција

- Advertisement -

Студенти од повеќе технички факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ја креираат првата македонска студентска ракета, со која планираат да настапуваат на меѓународни натпревари и да ги измерат силите и знаењата со своите врсници од целиот свет.

Лука Миташев, машински инженер, Марио Блажевски, студент на аеро- инженерство во Варшава, Мирослав Мишоски, Ива Алексовска, Теодор Тодоровски, Мирче Дупаров и Ева Јакимовска студенти од ФЕИТ, Владимир Новевски од Машинскиот факултет и Жико Тодоровски и Сара Андоновска од ФИНКИ, се лидерите на тимови кои бројат над 80 студенти, кои работат на проект што е прв од ваков тип во земјата.

- Advertisement -

Во интервју за Иновативност, Лука Миташев ги објаснува најголемите предизвици со кои се соочуваат и апелира институциите да ја препознаат нивната желба за истражување и да им дадат поддршка. Младите бараат во земјата да се отворат повеќе можности кои ќе им дадат шанса да работат и да истражуваат во вселенската индустрија, да ги применуваат своите идеи и креативност, да работат со нови технологии и да не заостануваат зад своите врсници од регионот и пошироко.

Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -

Лука, објасни ни на каков проект работите ти и твојот тим во моментов?

Во моментот работиме на креирање ракета, поточно субсонична ракета, што не ја крши звучната бариера и е релативно поедноставна од ракетите што сите ги замислуваме. Се одлучивме да го започнеме овој проекто бидејќи начинот и сложеноста на работите се соодветни за нас како студенти и со оглед на тое дека сме први што правиме ваков тип на проекто. Истовремено, освен што сакаме да сме пионери во креирање на ракета, јас и тимот се залагаме да се подигне свеста во нашата држава, меѓу помладите, но и кај повозрасните за вселенската индустрија и можностите кои таа ги нуди. Факт е дека нашата земја споредено со другите во регионот заостанува на ова поле, и овој факт, нас како ентузијасти на аеро и вселенската индустрија, многу ни пречи. Од тие причини во изминатиот период, откако го започнавме проектот со ракетата организиравме повеќе настани на кои ја отвораме оваа тема и ја шириме нашата мисија и цел.

- Advertisement -

Како дојдовте на идеја да креирате ракета? Како започна целата приказна?

Јас, заедно со колегите Марио Блажевски  и Мирослав Мишоски, пред неколку години имавме идеја да го почнеме првиот Формула Студент тим во државата, по што станавме дел од организацијата на Формула Студент Алпе Адриа, што е еден од најпрестижните натпревари во Европа за Формула Студент. Марио почна да студира аеро-инженерство во Варшава, па во декември 2025 година ја отвори идејата за формирање и ракетен тим, сличен на постоечкиот формула тим, што ќе направи ракета со цел да се натпреварува на меѓународни натпревари. Тука започнува приказната на МСРТ.

Со нашето искуство во организација на меѓународни натпревари и формирање студентски проекти и тимови, почнавме интензивни разговори со техничките факултети на УКИМ како и ректоратот на УКИМ, а пуштивме и повик за зачленување на студенти во тимот. Успеваме да потпишеме договор за соработка со УКИМ и со факултетите и примивме повеќе од 80 студенти во тимот во февруари годинава.

Во која фаза е развојот на ракетата во моментов?

Во моментот развојот на ракетата се соочува со неколку потешкотии. Првенствено тоа се финансиски проблеми, бидејќи ние сите сме студенти, но затоа имаме среќа што имаме прекрасни спонзори како Титан Усје, ВЕДА, Космик Девелопмент, Зип Клуб на Комерцијална Банка, МИКРОСАМ и Опулекс. Исто така немаме и просторија за работа, бидејќи, за жал, од УКИМ имавме една просторија во која веќе не можеме да работиме, па сме во потрага по нова.

Што се однесува до развојот на ракетата, во моментот го правиме моторот, што всушност е и најголемиот предизвик. За овој дел од проектот најмногу ни е потребна финансиската помош, бидејќи деловите се најскапи и за жал кај нас ги нема, па мора да ги набавиме од странство.

Јас целосно го изработив системот за слетување со два падобрани, а останува да се работи и авиониката, за што чекаме неколку делови кои ги набавивме од странство да ја поминат царинската процедура за да почнеме да работиме на нив. За крај, ќе ни остане телото на ракетата, за кое дизајнот веќе е финализиран, но за да почне изработката потребно е прво да се развие моторот. Може да кажам дека целиот проект се уште е во многу рана фаза на развој.

Како треба да изгледа кога ќе биде завршена, со какви перформанси ќе биде првата македонска студенстка ракета?

Ракетата ќе биде релативно мала, два метри во висина со дијаметар околу 100 милиметри. Целта на ракетата е да достигне апогеја од 3.000 метри. Апогеја претставува највисоката точка што ја достигнува некоја ракета. Забрзувањето и импулсот на ракетата ќе ги знаеме кога ќе го изградиме моторот и ќе имаме можност да го тестираме.

Исто така, една цел на тимот за дизајн е да имплементираме активна контрола на ракетата, така што при летот таа автоматски ќе ги ажурира аеродинамичните делови со цел да се достигне точно 3000 метри апогеја. Исто така ракетата ќе има два падобрани со кои ќе се спушти на земја. Првиот е помал што ја стабилизира, а вториот, поголемиот се отвара на околу 300 метри над земјата и безбедно ја спушта.

Во план е да се извршат тестирања на воената база Криволак. Исто така секој систем на ракетата потребно е да има редундандност т.е дупликат на самиот систем. Ова се прави со цел ако примарниот систем не испали или се соочи со некој проблем, секундарниот систем ќе ја превземе ситуацијата и ќе се избегне некоја катастрофа.

Колку време активно работите на проектот и кои се најголемите предизвици, освен финансиите и просторот, со кои се соочивте досега?

Може да се каже дека првите неколку месеци работата во најголем дел беше административна, а од крајот на март почнавме со вистинската работа. Прво започнавме со прелиминарната фаза на дизајнирање каде се одлучуваше за основните елементи и целите на дизајнот. Поделени сме во повеќе под-тимови кои се фокусираат на конструкцијата, пропулзијата, авиониката, телеметријата, навигацијата, маркетингот, менаџментот и софтверот.

Најголемиот предизвик со кој досега се сретнавме е поддршката од институциите. Тоа го опфаќа и проблемот со просторијата за работа, но исто така се однесува и на фактот дека не добивме голема помош од Универзитетот.

Од аспект на дизајнот на ракетата може да се каже дека речиси се ни претставува предизвик. Ова што го работиме не е нешто што се изучува на факултетите на кои студираме, иако можеби е неопходно за секој што сака да биде добар инженер. Така, практично секоја тематика со која што се соочуваме во конструирањето и изведбата е нешто ново за нас. Сепак, од друга страна секој предизвик е и шанса да се надградиме и да си ги надополниме знаењата.

Колку македонските студенти имаат можности да работат на реални проекти за време на студиите?

Иако во државата се зборува дека универзитете се залагаат за да се работи на реални проекти, мислам дека можностите на студентите се екстремно лимитирани. Конкретно на нашите факултети студентите може да се зачленат во Формула Студент тимот, нашиот тим и уште неколку проекти поврзани со роботика. Наставата сметам дека не се фокусира доволно на практична и реална работа. Со присуството на меѓународните натпревари видовме што значи да си студент запишан на инженерство, а странските универзитети се светлосни години над нас. Тоа не значи дека нашите студенти или професори имаат помалку знаење.

Тоа значи дека на нашите млади академски граѓани им недостасува практично искуство?

Да. Не можеме ни да се споредуваме со нивото на практично искуство што го имаат младите академски граѓани во другите држави, дури и на Балканот. Неопходно е да се фокусираме на реални практични проекти, само така можат нашите студенти да стекнуваат трајно знаење, што ќе им помогне кога ќе стартуваат со работа или кога ќе си основаат нешто свое.

Што е вашиот план кога ќе ја направите ракетата, дали ќе учествувате на натпревари?

Планот е да учествуваме на неколку натпревари, EuRoC во Португалија и IREC во Тексас, САД, но за да стигнеме до нив мора да ја тестираме ракетата минимум три пати. Овие тестирања треба да се успешни, а може да се случи ракетата да заврши со експлозија, а ние немаме буџет за втора. Затоа и работиме детално, со огромна прецизност, не смееме да си дозволиме грешка. Тоа е една од причините што очекувањата за финализирање на овој проект ги проектираме за две до три години. Секако од кога ќе ја направиме ракетата, нема да ја чуваме само за натпревари, планот е да организираме настани за помладите, за студентите, за спонзори и слично. Како што кажав, целтта е да се поттикне свест за аеро-инженерството како и кај младите, така и кај постарите.

Какви се вашите соништа за во иднина? Мислите ли дека ќе можете да ги исполните во Македонија?

Најголемиот мој сон, како и на колегата Марио, е да се отвори смер за аеро-инженерство на Машинскиот факултет. Тоа е нешто што недостасува, а според мене, е и неопходно. За тимот, сонот е успешно да се учествува на било кој од натпреварите на кои сакаме да одиме. Тоа би бил голем услех и за нашата држава и за младите. Дали сметам дека ќе можеме да го исполниме ова во Македонија? Би сакал да кажам да, но за жал не сум сигурен. Секој ден се соочуваме со предизвици од институциите, се соочуваме со празни ветувања, празни зборови и недоволно поддршка. Не можеме да очекуваме дека студентите ќе сакаат да останат во Македонија и да студираат на нашите факултети,  а кога ќе сакаат да започнат нешто ново и да се соочат со прашања од стилот „Дали ова ќе донесе пари за факултетот?“. За жал, сега тоа е реалноста, која се надевам дека наскоро ќе се смени.

- Advertisement -