12.7 C
Skopje
вторник, ноември 12, 2019

#ИновативностЧита: Стартап од 100 долари од Крис Гилибоу

Kabtel desktop

Инспиративната книга полна со неверојатни приказни и хумористични секојдневни ситуации, Стартап од 100 долари на Крис Гилибоу e денешниот избор на #ИновативностЧита која ќе ве замисли и ќе ве натера да си го поставите прашањето: Зошто и јас не би бил сам свој газда? 

Секој во одреден момент на својот живот доаѓа до ситуација кога е презаситен од секојдневната работа и сака некоја промена која повторно ќе му го врати големиот елан за својата професија. Со дигиталната поврзаност која ја имаме денес, не ретко и слушаме за вакви приказни кога и луѓе кои се докажани во својата работа и оние кои сакаат да ја променат, решаваат да се впуштат во претприемничка авантура, а да продолжат добро да заработуваат.

Книгата Стартап од 100 долари почнува со приказната за самиот автор, Крис Гилибоу, кој ја пропатувал скоро секоја земја во светот, односно повеќе од 175 држави, без никогаш да има вистинско работно место според денешните стандарди, ниту пак редовна месечна плата.

Иако самиот тој не стартувал компанија, научил како да ги монетизира своите идеи, при тоа заработувајќи доволно добро за да продолжи да патува низ светот, а дел да реинвестира во други свои идеи. Патувајќи, тој почнал да открива дека светот е полн со луѓе кои нашле начин како да излезат од рамката на традиционалното вработување и сами да си создаваат можности за добра заработка.

Неговата книга, во суштина, ги носи приказните за ваквите луѓе до читателите, со тоа што тој успеал да пронајде барем 1500 индивидуалци ширум светот кои изградиле бизниси со минимални средства, од кои се фокусира на околу 50 претприемачи кои нашле начин како да заработат од некое свое хоби или идеја за производ, односно да направат драстична промена во својот живот со цел да имаат повеќе слобода во секојдневниот живот.

Гилибоу во својата книга ќе напише: „Не ви се потребни магистратури во бизнис администрација, понекогаш ниту бизнис план или вработени. Сѐ што ви треба е да откриете каде се преклопува некоја ваша експертиза со она што моментално е потребно на пазарот, односно да откриете кој е производот или услугата која може да ја понудите, а луѓето се подготвени да платат за тоа.“

Друга лекција која може да се извлече од книгата е тоа дека доколку сте добри во едно нешто, тогаш големи се шансите дека сте добри и во нешто друго. Ова Гилибоу го потврдува со приказната на една девојка која работела како келнерка во кафуле во Лондон, сѐ до моментот кога некој ѝ кажал дека поради тоа што е комуникативна, позитивна и снаодлива, би била одличен менаџер за односи со јавност. После тоа, таа започнала свој бизнис за односи со јавност и денес работи со многу клиенти во Лондон.

Денешниот дигитален свет му овозможува секому да ја оствари својата идеја за бизнис и производ од удобноста на својот дом, а низата од приказни во книгата Стартап од 100 долари само го потврдуваат ова.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •