4 C
Skopje
сабота, април 10, 2021

Ова се битолчаните кои заработуваат од спорт, а не се спортисти!

Kabtel desktop
Овие тројца битолчани, вистинско чудо е ако во ист ден од годината ги лоцирате во градот во кој се родени и во кој имаат постојана адреса на живеење. Нивните животи се одвиваат по аеродроми, хотелски соби и спортски арени. Секој од тројцата има своја меѓународна спортска кариера, а ниту еден не е активен спортист. За нив знаат тука, но повеќе знаат во странство. По образование се пред прагот едниот да стане адвокат, другата е веќе дипломиран економист, а третиот градел кариера одлагајќи го формалното студирање. Денес заработуваат солидно од своето хоби.

Анета Павловска – интернационален тениски судија

Даниело Божиновски – европски континентален ракометен судија

Зоран Мишевски – спортски новинар

Пишува Љубица Ангелкова

Фотограф Сашо Ристевски

Како одлучивте хобито да Ви стане професија?

Анета:  “Јас сум личност која особено ја почитува слободата во животот. Кога имате хоби кое Ве исполнува, го правите со љубов и се чувствувате слободно, а не заробени во некаков систем, а притоа Ви овозможува живот кој од секогаш сте го посакувале, зошто да не ви стане професија?Нели е подобро да отидеме и видиме, а не да слушаме што луѓето прераскажуваат. Јас во оваа работа најдов сé што отсекогаш посакував. Кога си мала, сите те прашуваат што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш…еве јас сакав да го пропатувам светот, па сега го живеам својот сон.”
Даниело: “Играв ракомет како дете, па на крајот на тренинзите често го земав свирчето од тренерот, за да на 14 години положам за судија под менторство на мојот драг Јован Василев, а на 19 години да го имам својот прв меѓународен турнир, светското училишно првенство во Хрватска, заедно со тогашниот колега Ѓорги Чалдров. Судевме за 5 место, бевме најмлади на тој турнир. Но, уште учам за мене е ова непрекинат процес, човекот на кој му должам многу и денес е Драган Начевски. Под негово менторство и со негова помош продолжувам да ја развивам кариерата на судија заедно со мојот колега Виктор.
Зоран: “Отсекогаш сакав, а со текот на времето бев убеден дека претсчувството не ме лаже и ќе ја изберам професијата спортски коментатор. Едноставно пресилна беше врската која уште од најмали нозе ја создадов со овој свет и не сакав да се откажам. Прво се обидував да ги имитирам познатите југословенски ТВ и радио коментатори, а потоа да создавам мој стил на коментирање и пренесување на спортските настани.”
 
Колку патувате годишно, имате ли лична статистика на летови, градови и број на променети пасоши?
Анета: “Од 8 до 9 месеци јас сум надвор од Македонија. Доволно да кажам дека сум граѓанин на светот. Број на летови?!? … Хммм, со откажаните или ?!? Малку шега, но не знам многу се. Пасош менувам секои две години и тоа го сметам како работна обврска.”
Даниело: “Еднаш до два пати месечно, отсутен, најчесто авионски релации, а од берење нешта, сега собирам само милји.”
Зоран: “Многу често, месечно на неколку локации, мај и септември целосно отсутен од дома, заради концентрацијата на настани во тие два месеци. Често патувам од еден на друг настан, што заради заштеда на време, но и на средства. Обично агендата ми е однапред планирана и купувам билети и резервирам хотели, многу месеци однапред. Тоа е едно менаџирање кое одзема многу енергија зошто го правам сам. Немам бројка на летови и градови.”
Кои според Вас се настани на кои сте сериозно горди што сте учествувале?
Анета: “Кога работите на нешто посветено, се радувате на сите успеси, нема мали и големи. Горда сум на секој одработен турнир, особено ако повторно сум примена на истиот следната година. Тоа ми е најголемо признание. Но, би одвоила три моменти. Параолимписките игри во Рио 2016, едно исклучително емотивно искуство за мене и една од најважните лекции во животот, потоа мојот прв Гренд слем на кој бев селектирана две години, Роланд Гарос во Париз и WTA финалето на осумте најдобри тенисерки во Сингапур минатата година за кое добив покана како дел од најдобрите дваесет судии во светот.”
Даниело: “Јас сум на почеток од мојата судиска кариера, ме чекаат уште 25 години во кои очекувам големи настани. Сега би издвоил судење како гостин на Норвешката федерација на нивниот фајнал 4 за младинската лига, Европскиот шампионат за ракометари до 18 години во Австрија, квалификациите за сениорскоо европско првенство во 2022, како и она што ме очекува осмина финалето на челинџ купот, на средина на февруари.”
Зоран: “Следам 4 до 5 најпопуларни спортови. Посебно возбудливи се настаните на кои игра македонска репрезентација или клуб. Имам зад себе многу финални натпревари на европските фудбалски купови, Европско првенство во фудбал, преку 100 натпревари во италијанската Серија А, светски и европски првенства во ракомет, кошаркарски Евролиги, финале на Дејвис куп….и многу, многу други.”
Што носи радост во Вашиот ангажман?
Анета: “Секое ново искуство кои ми го остри окото на судење уште подобро, “глад” за нови висини во кариерата, адреналин кој ме плаши, но и ме води напред, будна и фокусирана кон позиција на најдоброто столче за следење на мечот. Ме радуваат и новите луѓе кои ги запознавам, култури, дестинации.”
Даниело: “Мигот кога се концентрираш на натпреварот, крајот на натпреварот кога знаеш дека си завршил професионално совршено судење на натпревар, ја сакам навивачката атмосфера во салите, ги сакам новите места, луѓе и нивниот начин на живот.”
Зоран: “Самата помисла дека работиш нешто, што секогаш си го сакал, тоа буди радост и задоволство од себеси и изборот на животот кој го водиш. Сите овие чувства се дуплираат кога си на лице место на голем настан и кога го добиваш третманот кој е соодветен и кој треба да го добие секој новинар.”
Би менувале ли нешто од она што сте денес?
Анета: “ Да можев да променам нешто, би сакала да се вратам назад и да започнам малку порано, но истовремено верувам дека сé се случува во вистинско време и со причина- Имам поддршка од најблиските и го живеам животот кој навистина го сакам.”
Даниело: “Сега ништо не би менувал, овде само сакам да напредувам, но во професијата по диплома, би сакал да ги завршам последните обврски околу учењето па да судам во ракомет и да се залагам за правда во реалниот живот.”
Зоран: “Ништо значајно не би менувал, можеби детали…но тие се небитни за крупната слика, да ја работам професијата на мојот живот.”
Каде се гледате себеси за 10 години?
Анета: “Еден мој многу драг пријател секогаш ми вели: Не дозволувај нечие туѓо мислење да стане твоја реалност. И во право е. Тоа е мисла со која се будам секој ден и одлучувам сама како го водам својот животен пат. За 10 години се гледам среќна и успешна личност која го живее животот со полн здив. Сите сме гости на овој свет и само од нас зависи како ќе го искористиме тоа време.”
Даниело: “Во оваа професија се гледам на некое европско, а зошто да не и на светско првенство, но знам дека тоа ќе биде макотрпна работа и не се плашам. Во правничката професија имам една визија, но верувам дека желбите не се мислат гласно, оставам да ја реализирам, па да се пофалам. Имам едно друго хоби кое ме фасцинира, а тоа е планинарењето, сум освоил 5 највисоки балкански врвови, во следните 10 години очекувам освојување на неколку највисоки европски врвови. И да…очекувам да имам семејство и свои наследници.”
Зоран: “ Се гледам во истиот систем и во истата професија, некоја добра комбинација со приватниот живот на семејство и пријатели. И тогаш сакам да верувам со истиот ентузијазам како денес.”

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •