Започна Интрадеј пазарот на МЕМО – ново ниво на флексибилност и ефикасност во енергетиката

- Advertisement -

Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, го означи официјалниот почеток на Пазарот во тековниот ден (Intraday Market). Со овој настан, кој се одржа во присуство на високи претставници од Владата, енергетскиот сектор, институциите и меѓународни партнери, беше направен значаен исчекор во понатамошното унапредување на организираниот пазар на електрична енергија во земјата. Интрадеј пазарот претставува нов сегмент кој овозможува тргување со електрична енергија во текот на денот на испорака, со што се зголемува флексибилноста на системот, се подобрува ефикасноста и значително се намалуваат ризиците од пазарни отстапувања и трошоци за дебаланс.

Христијан Мицкоски, претседател на Владата во своето обраќање истакна дека воспоставувањето на Пазарот во тековниот ден е показател дека чекориме напред, со јасна визија и со конкретни реформи кои носат резултати.

- Advertisement -

Во време кога енергетиката е едно од најважните прашања за секоја држава, нашата обврска е да создадеме систем кој ќе биде сигурен, конкурентен и отпорен на глобалните предизвици. Intraday Market токму тоа го овозможува. Со оваа платформа добиваме поголема флексибилност во управувањето со електроенергетскиот систем, подобро балансирање и поефикасно користење на енергијата во реално време.

Ова е особено важно во период кога целиот европски континент минува низ процес на енергетска трансформација. Нашата држава не смее да стои настрана. Напротив, мора да биде активен дел од европските енергетски текови и политики. “ рече Мицковски и ја истакнам улогата на МЕМО ДООЕЛ Скопје, како национален оператор на пазарот на електрична енергија.

- Advertisement -

Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини истакна дека воведувањето на Пазарот во тековниот ден, не е крајната дестинација. 

Ова е само почетната станица за нашето целосно интегрирање во европското енергетско семејство. Во следниот период продолжуваме со следните чекори – понатамошно развивање на пазарните механизми, продлабочување на регионалната соработка и приклучување кон процесите на спојување на пазарите во Европа.“, истакна Божиновска.

- Advertisement -

Настанот беше отворен со поздравно обраќање на генералниот директор на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, кој истакна дека со официјалното пуштање на интрадневниот пазар македонската енергетика добива финална прецизност.

Од денес, нашиот пазар не само што планира за утре – туку функционира во реално време. Пазарот во тековниот ден е директен одговор на динамиката на современиот енергетски сектор. На организиран пазар, цената не се одредува административно, туку преку понуда и побарувачка. Јасниот ценовен сигнал е основа за ефикасен систем – тој овозможува правилна распределба на ресурсите, подобро управување со ризиците и рационални инвестиции, особено во обновливи извори на енергија. Истовремено, мора да бидеме свесни за предизвиците. Новите европски регулаторни механизми, како CBAM, иако насочени кон климатските цели, можат да создадат дополнителни оптоварувања за домашните производители и да влијаат врз ликвидноста на пазарот.

Затоа, нашата позиција е јасна: зелената транзиција е неопходна, но мора да биде праведна, постепена и економски одржлива. Не смееме да дозволиме мерките што треба да ја забрзаат, да ја забават. Како дел од европскиот енергетски систем, МЕМО останува посветен на интеграција, фер услови и слободна конкуренција“, рече Ѓорѓиевски 

Анже Предовник, генерален директор на БСП и претседател на Управниот одбор на АДЕКС ја потенцираше зажноста од воспоставувањето на Интрадневниот пазар.

„Денес имаме одлична причина за славење. Заедничките напори, јасната визија на Владата на Северна Македонија, посветеноста на тимот на МЕМО и нашата работа го овозможија тоа – македонскиот интрадневен пазар на електрична енергија официјално да започне со работа. Она што е пред нас е интеграцијата во единствениот европски пазар. Заедно ќе изградиме поповрзана и поконкурентна иднина“, рече Предовник.

Мартин Мартиновски – експерт за електрична енергија и статистика во Енергетската заедница ja истакна важноста од воспоставувањето на интрадневниот пазар на МЕМО.

Како што напредува интеграцијата на пазарите со ЕУ, интрадневниот пазар ќе ја позиционира Северна Македонија како сигурен партнер во регионалниот електроенергетски систем, во кој секој мегават нискојаглеродна флексибилност со текот на времето ќе може да придонесе за балансирање на соседните системи, и обратно. Секретаријатот на Енергетската заедница упатува честитки до операторот на пазарот МЕМО, до BSP како давател на услуги, како и до државните институции чија посветеност го овозможи ова достигнување. Остануваме посветени на заедничкиот пат кон интеграција во внатрешниот пазар на електрична енергија на ЕУ. “, рече Мартиновски.

Во рамки на настанот беше нагласено дека воведувањето на Интрадеј пазарот претставува клучен чекор кон модернизација на енергетскиот сектор, поголема интеграција со европските пазари и унапредување на ценовните сигнали како основа за ефикасно функционирање на пазарот. Настанот заврши со официјален почеток на работењето на Интрадеј пазарот. Со овој чекор, МЕМО ја потврдува својата улога како модерен оператор на пазар на електрична енергија и активен чинител во европската енергетска интеграција.

МЕМО овој врвен сервис го имплементиравме во тесна соработка со стратешките партнери од БСП, потпирајќи се на глобално докажана технологија – платформата M7 на Дојче Борзе.

- Advertisement -