Авиокомпаниите откажуваат летови! Расте стравот од недостиг и скап керозин!

- Advertisement -

Летните одмори во Европа се под знак прашалник, бидејќи авиокомпаниите се борат со зголемувањето на цените на авионското гориво и можните прекини во снабдувањето. Нискобуџетната авиокомпанија „Трансавија“ оваа недела ги објави првите откажувања на летови во мај и јуни, наведувајќи го наглиот пораст на цената на керозинот, широко користено гориво за авијација, објавува Capital.ba.

Додека војната на Блискиот Исток беснее, европските авиокомпании се подготвуваат за повеќе откажувања, но се надеваат дека ќе избегнат недостиг на гориво што би можел да ги приземји нивните флоти ова лето. Така „Трансавија“ стана најновата авиокомпанија, по „Рајанер“ и „Волотеа“, која објави откажување на некои европски летови во мај и јуни, поради високите трошоци за гориво и тешкотиите при увоз на керозин од земјите од Заливот.

- Advertisement -

Додека мировните преговори меѓу САД и Иран стагнираат, а сообраќајот низ Ормутскиот теснец останува блокиран, се поставува прашањето колку е веројатно европските летови масовно да бидат суспендирани ова лето.

Веќе со недели, недостатокот на увоз на нафта и нафтени деривати од земјите од Персискиот Залив, поради блокадата на Ормутскиот теснец, ги поттикнува шпекулациите за можен недостиг на керозин, горивото што ги напојува повеќето авионски мотори.

„Франција произведува значително помалку керозин отколку што троши. Се произведуваат околу три милиони тони годишно, додека потрошувачката е околу пет милиони. Разликата се надоместува со увоз, првенствено од Блискиот Исток“, рече Ваутер Девулф, професор од Универзитетот во Антверпен.

- Advertisement -

Земјите од Персискиот Залив извезуваат не само сурова нафта, туку и рафинирани производи како што е горивото за авиони А-1, најчесто користениот керозин за авиони.

Податоците од француското Министерство за енергетика покажуваат дека пред војната на Блискиот Исток, околу 50 проценти од горивото за авијација се произведувало во Франција, 20 проценти доаѓале од Блискиот Исток, а останатите 30 проценти од Европа, САД и Азија.

„Европа произведува многу малку нафта и го намали својот капацитет за рафинирање во последните неколку години. Таа е сè повеќе зависна од увоз на рафинирани производи, што ја прави ранлива на глобални кризи“, рече експертот за енергија Тиери Брос.
Експертите наведуваат дека Франција е во малку подобра позиција од некои од нејзините соседи бидејќи е помалку зависна од увозот од Блискиот Исток. Велика Британија, на пример, увезува околу 60 проценти од својот керозин од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт.

- Advertisement -

Двата главни аеродроми во Париз, Орли и Шарл де Гол, треба да ги избегнат посериозните последици од евентуален недостиг благодарение на мрежата на нафтоводи поврзани со рафинериите и терминалот во Авр. Поголемиот дел од суровата нафта за овие системи доаѓа од Северна Америка, што ја става Франција во поволна позиција во споредба со другите земји. Владата објави дека има стратешки залихи доволни за околу два месеци, додека комерцијалните залихи на аеродромите можат да покријат десет дена од работењето.

Во моментов нема ризик од недостиг на керозин во наредните недели“, изјави портпаролката на владата Мод Брежон.
Експертите предупредуваат дека продолжениот конфликт би можел да предизвика проблеми подоцна во текот на годината.

„Оваа комбинација на фактори веројатно ќе го спаси летото, но останува прашањето колку долго ќе трае кризата. Доколку конфликтот продолжи, истите проблеми би можеле да се појават на есен, во октомври или ноември“, рече ДеВулф.

Франција и Европската Унија веќе подготвуваат мерки за справување со можни долгорочни нарушувања, вклучително и зголемено следење на залихите и максимално искористување на капацитетот на рафинериите. Европската комисија предупреди дека можеби ќе биде потребна колективна акција за да се зачува функционирањето на единствениот пазар и да се обезбеди стабилност на снабдувањето.

(Blic)
Фото – Pick Pik

- Advertisement -