5.1 C
Skopje
среда, декември 11, 2019

Марија и Антонио Димовски ги произведуваат првите македонски органски путери од лешник и бадем!

Kabtel desktop

Путерите од брендот “Бонита“ се произведени од македонски органски лешници и бадеми. Тие се иновативни македонски производи кои за само неколку месеци го предизвикаа вниманието на потрошувачите. Младиот брачен пар Марија и Антонио Димовски се главните креатори на овој нов бренд, пасионирани вљубеници во здравата храна и ентузијасти дека може да направат позитивна промена во прехранбените навики на Македонците!

Разговараше – Сања Наумовска

Ако сакате здрав и вкусен оброк кој може да се користи во слатка и во солена комбинација македонските путери од лешник и бадем на компанијата „Бонита“ се новина на пазарот на органска храна во Македонија. Иако со ова производство се занимаваат само неколку месеци, сопствениците на „Бонита“, Марија и Антонио Димовски, веќе имаат развиено пет вкусови кои можат да се најдат во повеќето продавници за здрава храна, а во преговори се да пласираат и во поголемите ланци на маркети и дрогерии.

Органската исхрана, здравиот живот, спортувањето и чистата околина се стил на живот на овие двајца млади луѓе, кои од јануари годинава решиле да го претворат во бизнис. Тие велат дека не продаваат само путер, туку цел концепт за здраво и еколошко живеење, во склад со природата. Идејата за ваков бизнис ја размислувале подолго време, а подготовките за првиот органски путер од јаткасти плодови траеле една година. Марија и Антонио, кои по професија се стоматолог и економист, морале целосно, од почеток, да го совладаат технолошкиот процес со кој сега ги креираат нивните уникатни продукти. Резултат на тоа е производ кој освен што е здрав и органски, е вкусен и едноставен за употреба.

Во моментот, од нивната мини фабрика во Скопје, која е направена специјално за ова производство, се креираат путер од лешник, лешник со какао, лешник со какао и чили, бадем и бадем со мед и цимет, а дел од понудата е и сетот за подарок кој содржи три теглички со различни вкусови. Уникатните и иновативни рецепти се целосно нивна идеја и замисла, во кои се вложени многу љубов и енергија. Сепак, Марија и Тони велат дека не застануваат овде и имаат уште милион идеи за развој и ширење на бизнисот.

„Луѓето сакаат да видат убави продукти. Доколку имаш идеја, во која веруваш бескрајно и во која ќе се вложиш максимално, ќе внесеш љубов, знаење, енергија и труд, тогаш успехот на продуктот е неминовен. Во нашата земја има луѓе кои знаат да ценат квалитетен и здрав производ и се подготвени да ги сменат своите прехранбени навики со конзумирање на подобри и поквалитетни производи. Нашите путери се совршени како додаток во појадок, ручек и вечера, супер се во смути, со палачинки или директно од тегличка за брза енергија“, вели Марија.

[quote]Суровините во најголем дел ги набавуваат од македонски производители на органски лешници, бадеми и мед.[/quote]

Нашите органски сертифицирани земјоделски производи, според нив, се со извонреден квалитет. Многу мал дел се набавува од увоз, но и тоа е со сертификат за органски производ.

Македонските потрошувачи, откриваат Марија и Антонио, најмногу го сакаат путерот од бадем, па путерот од лешник со какао. Специфичните комбинации, како таа со чили на пример, е омилена на авантуристите во исхраната, кои не се плашат од нови и невообичаени вкусови. Путерите од лешник и бадем се неутрални, па можат да се користат и во слатки и во солени комбинации.

Нивната хранливост и позитивни ефекти врз здравјето, велат младите производители, веднаш се препознаваат. Тие ја заситуваат и ја намалуваат потребата за консумирање слатки и со тоа помагаат за здрав развој особено на најмладите. Одлична поддршка се за спортистите бидејќи се вистинска енергетска бомба, а погодни се и за бремените жени поради фолната киселина која ја содржат. Содржат и магнезиум, калциум, витамини Б и Е, пријатни се за кожата, го поттикнуваат помнењето и концентрацијата и се добри за регулирање на нивото на шеќер и холестерол.

Извозот на органските путери на „Бонита“ е дел од плановите на Марија и Антонио за блиска иднина. Нивниот производствен погон има капацитет за зголемување на производството, а плановите за раст можат да ги следат и македонските земјоделци од Струга, Дојран и Свети Николе, кои ги произведуваат органските производи кои им се неопходна суровина. Но, велат најважно засега им е да ја доближат идејата на македонските потрошувачи дека храната може да биде и здрава и вкусна.

„Нам не ни е важно само да продадеме производ, туку да развиваме поширок еколошки, органски и хуманитарен концепт. Луѓето денеска се бомбардирани со различни продукти, но ние сакаме да го промовираме и поттикнеме здравото живеење, од кое органската храна е само еден дел“, вели Антонио.

Младите сопственици не се само поборници на здрава храна и активен живот, тие редовно учествуваат и на хуманитарни и спортски настани и се грижат за зачувување на животната околина. „Бонита“ има свое катче во скопската Зоолошката градина, во кое, тие на Денот на пролетта засадиле петнаесетина млади дрвца лешник и бадем.

 

„Одбравме органско заради тоа што така ја заштитуваме природата и веруваме дека секој од нас ако засади само едно дрво ќе направи разлика, Секоја компанија, па и малите како нашата, исто така може да направат голема разлика ако инспирираат органско одгледување на храна со кое ќе ги заштитат пчелите, животните и луѓето. Сакаме да бидеме поттик и други да веруваат во себе и во еколошкиот концепт“, вели Марија.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •