Започна изградбата на pumptrack полигон кај Олимпискиот базен во Скопје. Вљубениците во велосипедизмот, ролерите и скејтбордите наскоро ќе имаат можност да ги покажат своите вештини на новиот полигон.

„Полигонот претставува сплет на кривини и контури кои овозможуваат забавна, но пред се, безбедна спортска активност“, информираат од Град Скопје.

Предвидениот „pumptrack“ полигон е со вкупна површина од 1.690 квадратни метри и е поделен на два дела – детски полигон со површина од 290 квадратни метри и полигон за возрасни со површина од 1.400 квадрати. Детскиот полигон ќе биде специјално прилагоден за деца, за почетници и за лица во инвалидски колички. Тој е одделен од полигонот за возрасни и е составен од помали контури и кривини со што е овозможено безбедно возење. Полигонот за возрасни, пак, ќе има различни елементи – двојни и тројни контури, скокови, брзи кривини и друго, кои овозможуваат поискусните да ги подобрат своите вештини.

„Полигонот е погоден за сите типови и големини на велосипеди, ролери, скејтборди, како и за лица во инвалидска количка. Овој простор кој што досега беше неуреден, наскоро ќе стане ново и уредено катче со зеленило, урбана опрема и содржини за забава“, велат од Град Скопје.

Радио МОФ денеска објави видео за недостигот од скејт паркови, а неодамна објави и анкета за тоа кои јавни површини треба да станат парк. Дел од одговорите беше токму површината пред Олимпискиот базен.

(Radio MOF)