18.5 C
Skopje
понеделник, октомври 14, 2019
Почетна Интервју Нино Карас: CodeWell креира продукти со вештачка интелигенција за светски познати компании....

Нино Карас: CodeWell креира продукти со вештачка интелигенција за светски познати компании. Сакаме со македонски производ да го освоиме светот!

Kabtel desktop

Основачите на CodeWell, Нино Карас и Мартин Анчевски, се избрани за Претприемачи на годината во Македонија од страна на Европските Бизнис Награди, едeн од најголемите, светски познати бизнис натпревари. CodeWell како компанија беше избрана од 2,753 компании именувани како ‘Ones to Watch’, во листа на бизнис класа објавена во јули, а нејзините основачи именувани како победници во категоријата Европски претприемачи на годината во Македонија од страна на комисија составена од независни судии вклучувајќи бизнис лидери, политичари и академици.

CodeWell има интересна приказна од своите почетоци. Основачите Нино и Мартин, двајцата софтверски инженери, се познавале од средношколски денови, а ги споила вербата во нивните вештини, дека заедно со својот тим можат да направат светски продукт, тука во Македонија.
За наградата, проектите кои ги работат и плановите за иднината, разговараме со еден од основачите, Нино Карас.
 Разговараша – Верица Јорданова
Г-дин Карас, кажете ни нешто повеќе кои CodeWell и за проектите кои се актуелни во моментов?
CodeWell е наградувана интернационална компанија која е специјализирана во полето на Вештачката Интелигенција и Deep Learning, со фокус на Chatbots и мобилни апликации. Формирана е во 2011 година и од тој момент досега креиравме повеќе од сто продукти за неверојатни светски брендови и компании како што се Sony Music Entertainment, Holland Casino, Telekom Аustria, T- mobile, Heineken. Но, освен сервисите кои ги нудиме на клиентите, главен фокус на компанијата уште од самиот почеток е да направи светски продукт од Македонија. Таа визија досега нѐ водеше во изминатиот период, во периодот кога лансиравме неколку стартапи, кои оставаат белег и прават промена во екосистемот, како MarkO и Letz. MarkO беше првата македонска компанија која беше прифатена во Rockstart акцелераторот во Холандија, кој во 2015 година беше во топ трите акцелератори во Европа. Тие го препознаа и го одбраа MarkO како една од десетте компании, меѓу пријавените над 600 компании. Во 2016 година го лансиравме Letz, првиот асистент за продуктивност базиран на вештачка интелигенција. Тоа беше првата македонска компанија која доби Venture capital инвестиција, со што докажавме дека странските фондови се заинтересирани и за наши компании. Letz  стана првиот европски старт-ап кој доби престижната награда на Product Hunt – Product of the Year во Силиконската долина и се најде и на страниците на најпопуларните магазини и технолошки портали во светот како Forbes, The Huffington Post, TechCrunch, Venture Beat и останати.
Кои се акуелните проекти на кои тимот на CodeWell е посветен во моментов?
Во моментов работиме на три нови продукти, односно стартапи истовремено. Првиот е ReadSpace, платформа за книги, која ќе обезбеди целосен систем за пласирање, купување и конзумирање на електронски книги. За проектот добивме поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој. Потенцијалот на оваа платформа е многу голем. Минатата година во Велика Британија секоја трета книга која се читала е електронска, бидејќи на тој пазар е присутен Amazon. За разлика од таму, во останатиот дел од Европа (каде Amazon не е присутен) консумирањето на електронски книги се движи од шест до осум отсто, што е голема разлика. Тука ја гледаме шансата на ReadSpace, кој ќе им овозможи целосен систем од типот на Amazon Kindle. Тоа ќе им овозможи на издавачките куќи да понудат ваков сервис на своите читетли по пристапна месечна претплата.
Вториот старт-ап на кој сме фокусирани е Donna кој ќе го иновира HR полето во компаниите преку евалуација на перформансите на вработените во реално време со користење на вештачка интелигенција. Се работи за асистент кој ќе  им помага на вработените со секојдневните барања во работната околина, ќе може да понуди одговори и на најчесто поставуваните HR прашања, или ќе автоматизира процеси, како на пример, закажување на одмор. Но, крајната цел е да ја направи евалуацијата на нивните перформанси во реално време и да го надмине застареното користење на обемни прашалници.
Првата верзија на Donna и ReadSpace ќе излезат во октомври, со тоа што првата верзија на ReadSpace ќе биде наменета за Издавачки центар „Три“.

Главниот продукт на кој што работиме во моментов се нарекува CodeWell AI (www.codewell.ai) што претставува иновативна платформа за креирање на chatbot асистенти. Нејзин главен бенефит е во тоа што го искористува целиот потенцијал на коуникациските канали притоа конверзацијата со AI chatbot агент создава чувство на водење разговор со реален човек. Тие можат да бидат истренирани како експерти во било која област и да комуницираат на било кој јазик во светот, со прецизност од над 95 проценти. Веќе работиме на повеќе chatbot асистенти за неколку големи компании од повеќе области вклучувајќи ги Телеком, авио и банкарската индустрија. Првиот пример веќе го имаме. Минатата година го лансиравме chatbot-от Славчо (sakamtelefon.mk) за операторот А1, за чии потреби креиравме паметен асистент кој што им помага на купувачите да си одберат нов телефон.
Формиравте CodeWell Scandinavia со канцеларии во Осло, Норвешка. Која е идејата зад тој потег и зошто баш таму?
Од минатата година CodeWell стана интернационална компанија, отворена е канцеларија во Осло, Норвешка, која ќе го покрива целиот скандинавски регион. Главната канцеларија останува во Скопје, а таа во Осло ќе биде насочена кон бизнис развој. Изборот втората канцеларија да биде во Скандинавија е направен пред сѐ заради можностите што ги нуди тамошниот пазар. Пазар со огромен потенцијал, со многу висок стандард, кој ни овозможува нас како компанија да креираме поголема вредност. Главен фокус таму ни е CodeWеll AI (www.codewell.ai) технологијата бидејќи пазарот ја разбира потребата од вештачката интелигенција, а ние можеме да креираме многу chatbot и паметни асистенти, кои ќе немаат јазични или други ограничувања, како тие што се актуелни во моментов.
Кој е најголемиот предизвик со кој се соочува стартап од Македонија на патот да стане успешна интернационална компанија?
Иако ние веќе не сме старт-ап компанија, континуирано работиме на нови старт-ап компании и продукти, така што го изминавме тој пат на неколку наврати. CodeWell се развива осум години, период во кој се боревме со голем број проблеми, предизвици, предрасуди. Проблем може да биде речиси сè, од финансиите, до пласманот на пазарот, прераното пласирање на продуктите…… Нашиот пазар секогаш доцни во разбирањето на некој потенцијал, лимитирани сме финансиски, а и како пазар не сме расположени за промени. Новините се прифаќаат со сомнеж, па се воведуваат многу бавно. Проблем на почетокот беше и да се најдат вработени, кои ќе им веруваат на двајца млади претприемачи дека знаат што прават. Сепак, соочувањето со предизвиците е одлично школо и најмногу научивме од нашите успешни и неуспешни обиди се до 2015 година кога влеговме во Rockstart акцелераторот, каде што директно научивме многу од светски познати ментори. Сега состојбата на македонскиот пазар е доста поинаква. Во регионот се присутни неколку Venture capital фирми, има и локални акцелератори, постои и заедницата Стартап Македонија како и организации кои се залагаат за подобар startup екосистем како Swiss EP.  Многу важна е и финансиската помош која доаѓа од Фондот за иновации и технолошки развој. Потенцијалот на нашиот пазар расте, екосистемот е сè пооформен, но сè уште постои потребата да има повеќе извори на капитал, особено за мали seed инвестиции, но и големи серии на инвестиции. На овој начин ќе се надополни потребата на финансиска поддршка која е круцијална за многу стартапи на почетокот, но и ќе се поддржи растот потребен за старт-ап компаниите во подем.
Кои се вашите планови за иднина, кои се новите пазари и проекти кон кои целите?
Нови сме на скандинавскиот пазар, каде што ќе гледаме сериозно да се прошириме. Остануваме на мисијата да направиме светски продукт од Македонија, ќе се фокусираме на сите три стартапи, со надеж дека барем еден од нив ќе стане светскиот продукт. Јас и Мартин сме водени од визија, не веруваме дека било кој петгодишен детален план би бил прецизен и не сакаме да претпоставуваме кои ќе бидат резултатите. Знаеме дека CodeWell AI (www.codewell.ai) и ReadSpace ќе се фокусираат на европскиот пазар, а Donna на интернационалниот пазар.

За крај, каков поттик за вас е да ве прогласат за претприемачи на годината во Македонија од страна на Европските Бизнис Награди?
Голема чест ни е што бевме прогласени за Претприемачи на годината од Европските Бизнис Награди. Тоа е најсериозната категорија во која беа претселектирани големи реномирани компании и во која мислевме дека немаме шанси. Ние бевме номинирани во категоријата иновација на годината со CodeWell AI технологијата, но самото жири нѐ префрли во другата категорија во која и сме победници. Тоа е сериозна потврда за сѐ што сме направиле јас и Мартин, за нашата фирма и за тимот, но и сериозно признание на македонскиот старт-ап екосистем, од каде што потекнуваме ние. Горди сме што одиме во Варшава во декември да ја претставуваме Македонија.

Сподели!
  •  
  •  
Сподели!
  •  
  •