1.8 C
Skopje
сабота, декември 7, 2019

Голем интерес кај бизнис заедницата од земјата и регионот за осмото издание на Самитот Македонија2025

Kabtel desktop

Од денеска па сѐ до 15 ноември Скопје ќе биде место каде ќе се собeрат истакнати домашани, регионални и странски експерти од областа на бизнисот, економијата, претприемништвото, лидерството, иновациите и технологиите. Во целокупната програма се планирани бизнис натпревари за стартапи и средношколци, над 15 панел-дискусии, неколку засебни тематски сесии, интерактивни настани за вмрежување и ден за спортски активности. Некои од темите на кои ќе се говори се глобалните и геополитички трендови, можностите за финансирање на мали и средни претпријатија, семејните бизниси, успешните македонски платформ компании и други интересни дебати.

„Самитот има за цел да претстави одлични економски и бизнис примери, да поттикне реформи и ширење на иновации. Покрај одредени стандардни теми кои ги покриваме секоја година, како на пример, глобалните геополитички трендови и импликации врз регионот, оваа година имаме две главни теми. Првата е, накусо кажано, индината на професиите и вештините. Имено, ќе зборуваме за тоа кои се вештините кои ќе ни требаат во иднината, кои професии ќе постојат, а кои ќе изумрат и слично. Втората главна тема се иновациите за намалување на аерозагадувањето. На оваа тема практично имаме три панели. Сакаме да ги донесеме заедно сите чинители: компаниите, владините институции, невладиниот сектор, едукативните институции, донатори кои финансираат вакви проекти итн. Да се обидеме да направиме вистинска промена“ изјави проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025.

Вера Ставроф, претседавач на Одборот на директори на Македонија2025, осврнувајќи се кон целта на организацијата, вели дека истата е промовирање на економски равој, лидерство и образование. „Имаме добра соработка со бизнис заедницата, стопанските комори во земјата, Владата, академијата и други засенати страни.  Овде има огромни шанси за успех и светла иднина. Еден од начините на презентирање на нашите успешни приказни е токму преку Самитот Македонија2025. Верувам дека со поддршка од бизнисите и релеватните институции во земјата можеме да постигнеме многу повеќе. “

Вечерва Самитот ќе биде неофицијално отворен со видео обраќање на Хари Кремер, универзитетски професор на престижната Келог школа за менаџмент во САД, автор-бестселер на темите менаџмент и лидерство, поранешен извршен директор на компанијата Бакстер, како и влијателен советник. Тој, во интерактивна сесија на прашања и одговори со Мајк Зафировски, еден од основачите на Македонија2025, ќе говорат за тоа како да станете лидер базиран на вистински вредности.

Преку Самитот Македонија2025, организацијата помага во поврзувањето на компании и поединци, влијае на начинот на размислување и постапување, и меѓу другото, генерира напредни идеи. Преку интервјуто со господинот Кремер, ќе дадеме претстава за она што секој деловен професионалец и претприемач посакувакува да го знае, а тоа е како да се изгради организација од светска класа преку лидерство засновано на добри вредности. Особено сме возбудени за оваа сесија, затоа што ни овозможува да слушнеме како размислуваат умовите на искусните лидери во бизнисот“ истакна Мајк Зафировски, основач и претседател на The Zaf Group и соосновач на Македонија2025.

Официјалното отворање на Самитот ќе се случува утре со поздравни обраќања од страна на Ана Арсов, претседавач на Самитот и член на Одборот на директори на Македонија2025, Вера Ставроф, претседавач на Одборот на директори на Македонија2025, Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025, Стево Пендаровски, претседател на Република С. Македонија, Зоран Заев, премиер на Република С. Македонија и Н.Е. Кејт Мари Брнс, Амбасадор на САД во Република С. Македонија.

Македонија2025 е меѓународна, независна, непартиска, непрофитна организација. Остануваме посветени на нашата мисија да помогнеме во создавањето на просперитетна економска клима во земјата и „посилна нација”, која ќе ги подобри можностите за граѓаните, компаниите и странските инвеститори. Промовираме одржлив економски раст преку поттикнување на конкурентноста, претприемништвото, иновациите и лидерството базирано на вредности.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •