0.3 C
Skopje
понеделник, декември 16, 2019

Македонскиот електричен велосипед со прочистувачи на воздух е вистински хит! Следи негова комерцијализација!

Kabtel desktop

“Планетата земја не ја наследивме од нашите предци, туку ја позајмивме од нашите внуци”. Ова е мотото што ги води младите студенти на Машинскиот факултет во Скопје, Ина Крстевска, Филип Попоски, Марко Насески, Мартин Спасовски, Игор Џамбаски и Александар Јанковиќ, кои се творци на велосипедот со филтер за прочистување на воздухот.

Нивната иновативна идеја за Градски Еколошки Транспорт (ГЕТ) уште повеќе добива легитимитет и тежина по последниот масовен протест за чист воздух, што се одржа пред два дена во Скопје. Илјадници луѓе уште еднаш ја повторија својата заложба дека животната средина и чистиот воздух се нивниот приоритет број еден, а проектите како ГЕТ секогаш ќе ја имаат нивната поддршка. Неодамна иновативниот велосипед кој има филтер вграден во тркалото, доби два златни медали и диплома за најдобар пронајдок во Сеул, Јужна Кореја. Тимот доби златни медали од Меѓународната комисија составена од експерти во дадената област и Асоцијацијата за промоција на пронајдоци и иновации од Индонезија. Дипломата за најдобар пронајдок ја добија од Центарот за жени иноватори на Узбекистан.

Македонската иновација, која се развива во соработка со компанијата Венито Комерц од Кавадарци и со поддршка на професорот Иле Мирчески oд Машинскиот Факултет во Скопје, минатата година учествуваше и на „О2“ предизвикот, во кој беше прогласена за една од петте најиновативни идеи, а доби и грант од Фондот за иновации и технолошки развој.

Велосипедот се движи на батерии и има вградено проактивни филтри кои ги заробуваат штетните ПМ честички. Младите иноватори велат дека филтрите се вградуваат со посебни држачи на тркалото на велосипедот, тие не трошат енергија и не создаваат отпор при движењето и можат да се монтираат на било кој велосипед, без разлика дали е електричен или класичен. Со вртењето на тркалото филтерот го прима воздухот, ги задржува дел од честичките по што го отпушта воздухот и на тој начин го прочистува.

Што е всушност ГЕТ?

ГЕТ е систем од велосипед, станица и желба за чист воздух. Целта е граѓаните да ги променат навиките, автомобилите да ги заменат со велосипеди, а воедно и да го прочистуваат воздухот. Тимот на ГЕТ развива нов пристап кон јавниот транспорт за граѓаните да добијат алтернативен начин за движење во градската средина со развивање на нов производ, велосипед кој го прочистува воздухот со филтри.

Сообраќајот во нашата држава, а особено во големите градови како Скопје, Тетово, Битола… се повеќе се потпира на застарени возила кои значително влијаат врз загадувањето на воздухот. Тоа е еден од основните проблеми на секој човек, но од друга страна автомобилите кои секојдневно загадуваат се избор на многу граѓани и лоша навика која треба да се искорени. Инсипирани и револтирани од целата ситуација, одлучивме да понудиме алтернатива“, велат творците на велосипедот со филтри.

За нив електричниот велосипед е совршено решениe, бидејќи нема директни емисии, нуди флексибилност и здравствени бенефити како и класичниот велосипед и минимален напор и голем домет при користење на електромоторот. Може да го користи секој, студентите, учениците, пензионери, вработени, туристи…

Еден ваков велосипед би чинел околу 1.200 евра кога би се продавал на поединечни корисници, но според креаторите најдобро решение за нашиот пазар е имплементација на градски систем од кој ќе се изнајмуваат велосипедите.

ГЕТ предвидува станици за полнење на батеријата кои ќе бидат достапни на повеќе локации во градот, а секој ќе може да го изнајми и да го користи велосипедот и на крај да го паркира велосипедот. Ќе може да се изнајми со скенирање на картички кои го отклучуваат велосипедот, а на крајот од возењето, на ист начин со картичката се паркира и заклучува. Цената ќе зависи од зоната на возење, како и од времето колку е користен велосипедот.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •