0.3 C
Skopje
понеделник, декември 16, 2019

Владата ги прифаќа седумте барања на „Марш за чист воздух“

Kabtel desktop

Владата соопшти дека ги прифаќа сите седум првични барања од организаторите на „Марш за чист воздух“ што тие ги поставија минатиот петок на протест како услов за да одат на средба со владини претставници. Воедно, Владата очекува и дека прифаќањето на нивните барања ќе доведе до средба на која, како што се посочува во соопштението, заеднички ќе се обединат напорите на институциите и граѓанскиот сектор во однос на грижата за здравјето на граѓаните и животната средина.

Седумте итни барања што ги постави „Марш за чист воздух“ и кои Владата соопшти дека ги прифати се: Указ за итно носење ДУП за Вардариште; ЈО да отвори истрага за ОХИС и за палењето кабли во Скопје; да се усвојат измени на Законот за животна средина со кои се идентификуваат и уредува постапувањето со контаминирани подрачја; да се одземе концесијата на „Еуромакс“ за рудникот Иловица-Штука и да се одземе истечената концесија за експлоатација за рудникот Плавица.

Владата ги прифаќа и барањата да се стопира процедурата на усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културно наследство, заштита од природни и други непогоди, комунална хигиена со законот за прекршоци; да се поднесе веќе изготвената апликација за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат.

Во однос на Указот за итно носење на ДУП СИ 09 Гази Баба за Вардариште, Владата информира дека тој е моментно на усогласување во Градот Скопје и се очекува да биде усвоен на наредната седница на Советот на градот. Потоа Министерството за транспорт и врски и Општина Гази Баба во најкраток можен рок ќе го разгледаат усогласениот ДУП и ќе биде усвоен најдоцна до крајот на годинава.

За барањето да се отвори истрага за ОХИС, Владата во информацијата  наведува дека  ги става на располагање сите доказни материјали кои се прибрани од институциите со кои раководи и го повикува ЈО да го слушне гласот на граѓаните и да отвори постапка за ОХИС и за палењето кабли во Скопје.

Во однос на барањето законски да се уреди постапувањето со контаминирани подрачја, посочува дека во новите предлог-измени на Законот за животна средина предвидени се два нови члена (член 28-а и 28-б) кои директно се однесуваат на управувањето со контаминираните подрачја, а се поврзани со барањето на „Марш за чист воздух “. Предлог-измените го покриваат начинот и методологијата за идентификација на контаминираните подрачја, видот и нивоата на опасни супстанции во медиумите на животната средина како показател за контаминацијата на одредено идентификувано подрачје, и даваат насоки за дефинирање  планови за управување со контаминирано подрачје.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животна средина е ставен на дневен ред на денешната, 130-та седница на Генералниот колегиум на Владата, по што ќе оди на разгледување и утврдување на седница на Влада во вторник (10 декември), а потоа и на усвојување во Собранието.

За барањето да биде поднесена веќе изготвената апликација за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат, Владата наведува дека апликацијата ќе биде поднесена откако ќе бидат потпишани анексот на Студијата за валоризација за Студенчишко Блато и Договорот за Студија за ревалоризација на Охридското Езеро помеѓу ГЕФ, МЖСПП и УНЕП до крајот на 2019 година.

„Владата потсетува дека одлуката за одземање на концесијата на „Еуромакс“ за рудникот Иловица-Штука, како еден од условите што организаторите на „Марш за чист воздух“ за средба во Владата, е веќе донесена и по завршувањето на жалбената постапка која е во тек во Управниот суд, таа ќе стапи во сила“, се наведува во соопштението.

Во одниос на барањето за одземање на истечената концесија за експлоатација за рудникот Плавица, Владата информира дека се обврзува да ја донесе оваа одлука најдоцна до 17 декември 2019.

„Владата на Република Северна Македонија изразува надеж дека аргументите и информациите во ова соопштение во однос на условите на „Марш за чист воздух, ќе доведат до средба на која заеднички ќе се обединат напорите на институциите и граѓанскиот сектор во однос на грижата за здравјето на граѓаните и животната средина. Ова треба да биде само прв заеднички чекор. Владата смета дека со заеднички напори, треба да се работи и понатаму во исполнување и на останатите барања на граѓаните, како и исполнување на Планот за чист воздух“, пишува во соопштението од Владата.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •