21 C
Skopje
среда, август 12, 2020

Познати израелски иновации во здравството пристигнуваат во Македонија!

UAKS desktop

Интервју со Хаим Бекер, претставник на израeлскaта компанија „Етел“ која реализира повеќе иновации во здравството. Оваа компанија работи во Македонија фокусирана на здравствената заштита и на стартапите. Бекер за „Иновативност“ најавува неколку поголеми проекти!

Разговараше – Верица Јорданова

“Соработуваме со Министерството за здравство и со Фондот за иновации и бараме за кои проблеми и предизвици во Македонија може да најдеме некое израелско решение. Најпрвин тука се фокусираме на траума и незгоди со катастрофални последици. Во јануари оваа година имавме проект со 100 експерти од Македонија од болниците и од брзата помош, хирурзи, како и полицајци и воени лица. Со помош на посебен симулатор ги обучувавме како да зборуваат, размислуваат поотворено  за полесно да се справат со некои несакани настани од помасовен карактер. На почеток луѓето беа тивки, по малку затворени, но потоа почнавме да зборуваме. Врвниот хирург кој го донесовме од Израел, воедно е командир во израелската армија. Нашите гости од Израел во текот на симулациите беа пациентите, а македонските експерти требаше да ги лекуваат. Беше извонредно.

Наскоро ќе го имплементираме првиот систем наречен Telemedicine Glasses. Тоа е првиот систем во Македонија, но и во светот, со помош на кој се асистира во текот на операции. На пример, кога некој доктор во Македонија оперира пациент, најдобриот професор и експерт од друг дел од светот ќе може да ја набљудува операцијата, но и да црта преку апликација на делот од телото што се оперира. Докторот што оперира, пак, нацртаното преку очилата го гледа директно на телото на пациентот. На тој начин најдобрите експерти во медицина ќе може да ги споделуваат своите совети и да асистираат при интервенции. Тоа прв таков систем во светот.

Koи други проекти ги имате во рамки на вашата соработка со Министерството за здравство и Фондот за иновации на Македонија?

 Наредниот проект е настан за катастрофи со масовни жртви. Тоа ќе биде национален настан со 450 луѓе, односно 250 повредени возрасни и деца со посебни симулатори. Македонија нема голем капацитет во поглед на амбулантни возила, затоа ако се случи некоја катастрофа со масовни жртви, мора да се појде до пациентите, да се остане со нив и да се третираат за да им се спаси животот. Ако не го направите тоа, нема да имате доволно амбулантни возила за да се транспортираат сите. Можеби и ќе стигнете до нив, но после половина или цел час, а тоа е доцна. Ние го организираме тој настан и се надеваме дека ќе се случи многу бргу. Замислете 250 повредени луѓе, мала болница, армиски сили. Многу ќе биде драматично и ќе ви покаже што треба да се смени во системот.

Настанот за катастрофи со масовни жртви и националниот тренинг ќе биде како некој да го земе вашиот систем во рака и добро да го протресе. Мислам дека системите понекогаш мора да се охрабрат, особено во Македонија затоа што постојано среќаваме многу талентирани луѓе било да се доктори, претприемачи, луѓе од невладиниот сектор, луѓе кои се грижат за Македонија.

Нашата визија не е Македонија да го усвои израелскиот, американскиот или турскиот пристап, туку да земеме се што знаеме за здравството и за брзата помош – а знаеме доста затоа што Израел е земја која израсна со немири и преку стартапи – и да и помогнеме на Македонија да развие сопствен систем за реагирање. Многу е битно самите Македонци да го направат тоа, а се надеваме дека ќе го направиме со помош од Medivac, односно проектот за транспорт на пациенти и евакуација со хеликоптери. Ние ги обучуваме македонските пилоти и ги знаеме нивните можности. Имате многу добри пилоти и веруваме дека со многу мал буџет можете македонската платформа да ја трансформирате за армијата да врши евакуација кога има големи катастрофи. За време на евакуација мора да се има медицински персонал во армијата затоа што ако се случи, на пример, некоја катастрофа во Битола, ќе ви бидат потребни два или повеќе часа да стигнете таму.

Кои други израелски иновации во медицината може да ги очекуваме кај нас?

За идната година се надеваме да стартуваме проект со иновации, кој ќе биде многу исплатлив.Во суштина, секој проект кој мислиме дека може да се произведе или склопи во Македонија е подобар проект за нас. Сметаме дека Македонија има голем потенцијал.

Идната година сакаме да донесеме технологија за детектирање рак на дојка. Луѓето се срамежливи кога станува збор за таквите прегледи, дури и во Израел. Уредот изгледа како чаша, но е поголем. Со него жените, па дури и мажите ќе можат да направат самопреглед. Не ви треба докторот да биде да ве снима, што значи системот е целосно безбеден за пациентите. Снимките од прегледот за неколку секунди ги испраќа до клиниката. Оваа иновација веќе постои и функционира одлично.

Со Фондот за иновации разговараме за патент за рамно стапало, развиен од многу познат доктор во Израел, кој наскоро треба да дојде во Македонија. Ова е прв патент за вежбање на мускулите во стапалото. Личи на чорап, а помага за баланс во мекото ткиво. На Фондот за иновации ќе му предложам тој патент да биде македонски, а не израелски проект. Можеме да го донесеме во Македонија, тука ќе се произведува и може да биде македонско-израелски проект, а не израелско-македонски.

Деновиве во Тел Авив беше направена првата операција со вградување вештачки менискус во светот. Утре ќе се случи втората операција. Тоа е првиот вештачки менискус во светот и е многу битна иновација затоа што на возраст од 35 до 65 години стотици луѓе во светот се оперираат од истото. Со овој вештачки менискус нема потреба од шиење, туку е неинвазивна. Едноставно се става во коленото и ако се стави навреме, ќе спречи целосна операција на коленото. Засега се произведува само во Израел. Идната година веројатно ќе може да се направи истата операција во една болница во САД, а потоа размислуваме за продажба во Европа. Во наредните четири години ќе го произведем и првиот ваков имплант кој ќе испушта и лекови во коленото за да ги спречи болките.

Очекуваме многу од Македонија, но битно е да не се прават само мали проекти тука и таму. Израелците ќе ја поддржуваат Македонија, а Македонците треба само да продолжат затоа што Македонија треба да биде ослободена од секаква инволвираност.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •