12.8 C
Skopje
сабота, ноември 27, 2021

Компаниите имаат само две опции: да се прилагодат на ситуацијата и да се дигитализираат или да се соочат со непроценливи економски загуби!

Kabtel desktop

Ковид кризата доведе до драстичен раст на обемот на е-трговијата, особено на онлајн маркетите од каде што можат да се купат основните намирници. Само во март бројот на барања за отворање на нови онлајн продавници изнесува 117! Какви ефекти ќе има оваа ситуација врз идниот развој на е-трговијата во земјава разговаравме со Марија Ристовска, проект менаџер во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Разговараше – Верица Јорданова

Дали може да направите кратка анализа на состојбата со е-трговија во државата (имајќи ја предвид и моменталната ситуација со COVID-19);

Иако состојбата со COVID-19 во нашата земја и воопшто во светот, е застрашувачка и негативно влијае на економијата во целост, сепак флексибилноста за правење нарачки 24/7 од било која локација овозможи да се зголеми обемот и вредноста на е-трговијата во овој кризен период.  Ситуацијата налага сите да останеме дома што е можно повеќе и да практикуваме физичко дистанцирање. Природно на тоа, полесно се одлучуваме да купуваме онлајн, од дома. Ова несомнено доведе до раст на обемот на е-трговијата, особено на онлајн маркетите од каде што можат да се купат основните намирници потребни за секојдневно функционирање.  Ако ја земеме предвид вредноста на онлајн трансакциите во текот на 2019 година реализирани со домашни платежни картички кон домашни онлајн продавници, која изнесува 68,83 милиони евра, надополнета со вредноста на онлајн трансакциите реализирани со странски платежни картички кон домашни онлајн трговци која изнесува 6,85 милиони евра, можеме да заклучиме дека правните лица кои вршат онлајн продажба на производи и услуги во Македонија имале вкупен приход од 75,7 милиони евра. Следната година очекуваме пораст и на бројот на трансакции и на вредноста на трансакциите.

Ние сме речиси секојдневно во контакт со банките во нашата земја кои што нудат е-трговија како дел од своите услуги и она што нас особено не радува е неколкукратното зголемување на бројката на нови компании кои што досега не користеле е-трговија како канал за продажба, но поради неопходната адаптација на новонастанатата ситуација и со цел намалување на понатамошните економски загуби, од наскоро ќе почнат со онлајн продажба на своите производи. Поконкретно, бројот на барања за отворање на нови онлајн продавници само во текот на март изнесува 117. За споредба, вкупната бројка на сите активни продажни места до крајот на 2019 година, изнесува 1020.

Ова значи дека нашите граѓани ќе имаат поголема онлајн понуда, што несомнено ќе ја придвижи и потрошувачката кај сите бизниси кои што користат е-трговија како канал за продажба. Дополнително, како Асоцијација во моментов развиваме и веб платформа со сите достапни бесплатни алатки и услуги кои им се на располагање на нашите граѓани овој период, која исто така содржи и листа на легални и безбедни е-продавници, а има за цел да го олесни пристапот до информации и ресурси и да го зголеми квалитетот на живот на граѓаните поминат дома, во време на изолација и карантин. Исто така, со оваа веб платформа, сакаме да ги промовираме сите оние општествено одговорни компании кои што нудат бесплатни услуги за време на оваа кризна ситуација и да поттикнеме што е можно повеќе компании да се вклучат и да бидат солидарни и општествено одговорни и да ги навикнеме граѓаните што е можно повеќе да користат дигитални услуги на долг рок.

Дали би можеле да направите еден преглед на нивото на дигитални вештини кај различни засегнати страни?

Во однос на дигиталните вештини поврзани со е-трговијата и онлајн купувањето, можеме да кажеме дека голем дел од нашите граѓаните барем еднаш направиле онлајн нарачка од домашните е-трговци кои постојат на нашиот пазар речиси 10 години или пак од светски познатите Али Експрес и Амазон. Во нашата земја, за жал, кај одреден дел од граѓаните сè уште постои страв од измама или неверодостојни е-продавници и затоа е-трговијата како канал досега не се користеше колку што е полниот потенцијал на оваа дејност. Но, ние во АЕТМ секогаш велиме дека едукацијата и довербата доаѓаат со зголемената понуда на онлајн производи и услуги. Со зголемување на прагот за царинење на пратки од 45 на 90 евра всушност на македонските потрошувачи им се овозможува и можност за зголемена понуда и од странски е-трговци, како домашните е-купувачи ќе го искусат целиот процес во е-трговијата и од реномирани светски брендови, па полесно ќе се впуштат во онлајн купување и од домашните брендови.

Дополнително, во моментот, работиме на иницијатива насловена „E-commerce for All”, поддржана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем која има за цел да едуцира што повеќе компании и физички лица како да станат е-трговци. Целта е да им помогне на постоечките трговци да развијат дополнителен канал за продажба и да ги развијат своите дигитални вештини за да ја зголемат онлајн продажбата. Наскоро ќе ја промовираме и веб платформата која е дел од активностите во рамки на иницијативата. Таму ќе може на едно место да се најдат сите потребни информации за развој на бизнис со е-трговија во Република Северна Македонија.  Што се однесува до постоечките е-трговци, сакаме да ги посоветуваме, во овој период да користат фер цени и да нудат попусти или други поволности, како и да градат врски нудејќи персонализација и да се насочат кон придобивање на што повеќе клиенти. Клиентите кои ќе го почувствуваат позитивното искуство со е-трговијата, ќе продолжат да бидат нивни потрошувачи и по завршување на пандемијата.

Каква е потребата од поседување дигитални вештини во насока на зголемување на продажбата?

Поседувањето на дигитални вештини несомнено игра голема улога во зголемувањето на продажбата. Не е доволно една самостојна веб продавница само убаво да изгледа, туку таа треба да е лесна за користење со т.н. „responsive” веб дизајн соодветен за користење преку компјутер, таблет или мобилен телефон и пред сѐ, треба навистина да се работи за да се „донесат” купувачи на самата веб страница како што условно кажано „застануваат” пред излогот на секоја физичка продавница. Е-трговците треба да имаат познавања од повеќе различни области истовремено, но добрата работа е што во денешно време навистина имаме многу можности за учење и надоградување на нашето знаење и голем дел од работите за водење на е-бизнис се учат низ самиот процес (како што се платежни услуги, услови за испорака, процедурите за извоз-увоз итн.). Но, за дел од работите е потребно навистина да се посветите, да следите трендови, постојано да читате и да се надоградувате на повеќе теми од областа на дигиталниот маркетинг, е-трговија, водење бизнис итн. Впрочем, каде што другите гледаат предизвик, е-трговците треба да гледаат потенцијал.

Кои се мисијата и активностите на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија?

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија има за цел да креира иднина за раст и развој на инклузивна е-трговија во нашата земја. Нашиот тим се состои од млади и амбициозни луѓе кои се стремат да изградат поволна околина за раст на е-трговијата во С. Македонија и да направат подлога за комплетно дигитализирање на нашето општество. Ние ова го правиме преку најразлични активности како што се обуки и други видови на едукација, истражувања, застапување кај надлежните институции, информирање за најновите трендови во светот и кај нас, поддршка и промоција на членките, како и преку организација на годишната конференција за е-трговија на која носиме светски експерти кои го споделуваат своето искуство во е-трговијата со присутните гости. Инаку, постоиме нешто повеќе од две години и за тоа време ја имаме добиено довербата од повеќе од 60 клучни компании во нашата земја, кои се дел од екосистемот на е-трговијата. Секако, нашата мисија е да продолжиме да растеме и да ги доближиме бенефитите на е-трговијата до граѓаните, како и да помогнеме на што е можно повеќе компании да ја користат е-трговијата како основен или дополнителен канал за продажба.

Кои се вашите препораки како Асоцијација за унапредување на дигиталните вештини во земјава, а во насока на развој на е-трговија?

Нашите сеопфатни анализи покажуваат дека за компаниите дополнително да растат и да се развиваат, потребна е едукација и зголемување на дигиталните вештини кај вработените. Затоа, како дел од иницијативата поддржана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, опфаќа обуки наречени „Learn-a-thons” наменети токму за зголемување на дигиталните вештини на е-трговците кои директно ќе им помогнат на компаниите во процесот на дигитализација и ќе ги едуцираат за дигитални вештини ќе опфатат обуки за менаџмент на социјални медиуми, користење на email newsletter, customer relationship management итн. Сметаме дека токму обуките ќе помогнат за полесна дигитална трансформација на компаниите. Заклучокот на сево ова би бил дека во време на глобална пандемија, бизнисите навистина имаат само две опции – или да се прилагодат на моменталната ситуација и да ги дигитализираат своите процеси или да се соочат со непроценливи економски загуби.

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!