14 C
Skopje
вторник, јуни 2, 2020

Кломпите „Call me Margot“, рачно изработени од природна кожа и дрво, веќе се продаваат во Германија, САД, Србија и Хрватска!

Kabtel desktop

Call me Margot“ e најновиот бренд излезен од неисцрпната креативност и нескротливата енергија на Александра Шаровиќ Атанасовска. По големиот успех на интерактивниот планер за возрасни и деца „Планум“, кој доби издание и српски јазик, Александра последнава година својата енергија ја „трошеше“ на креирање ултра модерни кломпи кои добија име „Call me Margot“. За идејата, приказната која стои позади овој бренд и неговиот иден развој разговаравме со Александра Шаровиќ Атанасовска.

Разговараше – Верица Јорданова

Од каде идејата?

Идејата е сосема лична. Базирана на внатрешно чувство. Доколку јас како модно освестена единка сум заситена од моменталната понуда на брза и крајно не-етичка мода, критична маса во светски рамки го дели моето мислење, го чувствува револтот а пред се последиците кои денешните трендови ги задаваат на поединечно, но далеку повеќе, на глобално ниво.

Оттаму решив повторно да заживеам една култна обувка која е еколошка, етичка и пред се симбол на едно инспиративно време не само во модата туку во сите сфери на уметноста. Кломпи за мене се временска машина и силна врска со возбудливите 70те години на минатиот век.

Со кој и како ја реализиравте оваа возбудлива авантура?

Од идеја до реализација беше потребна цела година. Предизвик беше да се најдат соодветните луѓе бидејќи сепак се работи за стар занает кој полека како и сите други замира.

Наидов на многу вчудоневидени погледи и прашалници кои сепак не ме одвратија од идејата да го реализирам сонот и да ја адаптирам старата добра традиционална кломпа во современа безвременска обувка. Особено ми е драго дека целосно рачно, од природна кожа и дрво, во стара занаетчиска работилница во Србија ќе се изработуваат кломпите на брендот Call me Margot. За почеток во три различни модели, изработени во големини од 36 до 41.

Дефинитивно кломпите Call me Margot не се комерцијален бренд. Тие веројатно сами ќе си бараат своите сопственици. Како и каде се продаваат?

Call me Margot кломпите веќе се продаваат online во својата матична веб продавница: www.callme-margot.com. Ова нема да е единственото продажно место бидејќи веќе има интерес и од други e-commerce шопови но и од концепт продавници кои застапуваат дизајнерски брендови во и надвор од Србија.

Но одлуката, онлајн продажбата да е примарен канал за овој бренд, се базира повторно на принципите на одржливост. Производите се made-to-order што значи се изработуваат по изразен интерес од страна на клиентите. Не се прават непотребни залихи што е случај со физичките малопродажни места, и на крајот секако битен фактор е и приоретизацијата на трошоци што директно влијае на ценовната политика. Ми беше особено битно, и покрај тоа што е персонализиран производ, да е финансиски достапен до поголемиот дел од целната популација.

Каков е првичниот интерес?

Одличен. Искрено, збунета сум од брзиот одговор на промотивната кампања за брендот. Веќе се спремни за испорака првите нарачки кои се адресирани до модно освестени клиенти од Германија, Хрватска, Србија, Македонија и Америка.Call me Margot не познава граници. Зборуваме за еден универзален и сепак култен производ. Тоа што сме онлајн не прави блиски до фановите на овој тип на “мода” од целиот свет.

Кломпите имаат своја база на љубители кои се верни и кои не разликуваат географски или јазични бариери.

Call me Margot. Од каде дојде името на брендот?

Модата е идентитет. Погласна е некогаш и од зборовите, а претставува одраз на личните вредности на една индивидуа. Марго е фиктивен лик и може да е било која од нас која е комотнa и сигурнa во своето тело и ум. Марго не пробува да се вклопи. Природно отскокнува од средината, бидејќи има став и пораката која јасно је испраќа е: “Сум тоа што сум”. Ги носи своите кломпи со искинати фармерки или свилен фустан и тоа е она што ја прави целосно автентична. Марго e повеќе од моден бренд. Таа претставува вредносен систем со кој може да се идентификуваат like-minded индивидуи.

Марго е фиктивен лик и може да е било која од нас која е комотнa и сигурнa во своето тело и ум.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •