14 C
Skopje
вторник, јуни 2, 2020

Сакате да инвестирате во соларни системи? Александар и Дамјан имаат иновативна алатка за проценка колку струја ќе произведете!

Kabtel desktop

Компанијата „Свифт Дата“ работи од 2018 година и е плод на проектот Солар Дата Колектор (Solar Data Collector), на кое основачите Александар Момироски и Дамјан Постоловски работеле една година пред да ја основаат компанијата. Во време кога алтернативните извори на енергија и искористувањето на потенцијалот на сонцето или ветерот се единственото одржливо решение, алатката Солар Дата Колектор која ја развива „Свифт Дата“ нуди можности за прецизно проценување на сончевиот потенцијал на одредена локација и им ја олеснува одлуката на потенцијалните инвеститори. Компанијата исто така работи и во повеќе други индустрии, вклучувајќи ги ИТ индустријата и SCADA системите, платформи за мониторинг и автоматизација на индустриски погони, процеси и системи.

За предизвиците за развој на Солар Дата Колектор и за идните планови на оваа македонска компанија, разговараме со нејзините основачи Момироски и Постоловски.

Разговараше – Сања Наумовска

Кажете ни нешто повеќе за „Свифт Дата“ и за услугите кои ги нудите.

Момироски: „Свифт Дата“ нуди повеќе типови на услуги во кои освен Солар Дата Колектор, влегуваат и решенија поврзани со ИТ индустријата, креирање и мониторирање на SCADA системи и амтоматизација на производствени погони. Тимот, во кој покрај нас има има и инженери, програмери и меркетинг експерт, постојано истражува нови иновативни решенија поврзани со имплементација на хардвер и софтвер во различни индустрии за цел да се подобрат досегашните начини на решавање на предизвиците со кои клиентите се соочуваат.

Каков уред е Солар Дата Колектор и што е тоа што го одвојува од сличните уреди?

Постоловски: Решението Солар Дата е составено од два дела, апликација и колектор. Солар Дата Колектор е хардверската компоненета со помош на која се собираат податоци од локацијата на која што сакаме да го измериме соларниот потенцијал. Тие податоци се испраќаат на Солар Дата платформата, каде што може да се следат во живо, а клиентот веднаш да биде информиран за потенцијалот на локацијата. Колекторот може да се користи во две фази. Едната е прединвестициска фаза каде што се мери соларниот потенцијал на некоја локација, кога се дефинираат техничките карактеристики и се прави студија и симулација за енергетскиот принос на фотоцентралата која е во фаза на планирање. Вториот начин на користење е кај веќе постоечките центарали на кои им е потребна проценка на ефикасноста и перформансите на централата.

Солар Дата платформата е апликација која е интегрирана со уредот, но е и независна од него. Може да функционира и само со внесени параметри и да ги изработува студиите и симулациите за потенцијалот врз основа на сателитски податоци или податоци од други извори. Уредот ја зголемува прецизноста на податоците, а најголем бенефит од него би имале поголеми проекти, односно централи поголеми од 1 MW каде што и два отсто зголемување на производството е значајно.

Апликацијата има три сегменти: проценка, мониторинг и оптимизација. При проценката, клиентот виртуелно може да ја „изгради“ својата централа и да види колку капацитет за произведство на електрична енергија има на таа локација. Во делот за оптимизација, може да се прилагодат карактеристиките на централата за да се зголеми ефикасноста, а во делот на мониторингот клиентот добива извештаи дали централата работи со полн капацитет или пак има загуби. Исто така може да добие и информации со краткорочно предвидување на производството на енергија за наредните седум дена, базирано на временските прогнози. Дополнително, „Свифт Дата“ нуди и консултантски услуги за подобрување на перформансите и намалување на потенцијални загуби во системот и подготвува експертски мислења и предлог решенија.

Што практично значи проценка на соларен потенцијал?

Момироски: Проценка на соларен потенцијал значи мерење на потенцијалот на одредена локација на која е планирана изградба на фотоволтаична централа, во реални и точни бројќи со 99 отсто сигурност и креирање сценарија за заработка од произведената електрична енергија. Овие извештаи се наменети за сопственицитe, односно инвеститорите на фотоволтаичните централи, банките кои ги кредитираат проектите и државните тела кои прават проценка и анализа на понуди доставени на јавни повици поврзани со оваа индустрија. Нашите извештаи за соларен потенцијал и целосната студија на проект се прифатени од релевантни тела со кои подоцна може да се остварува соработка. Во досегашното портфолио имаме проекти кои биле за различна намена и ги задоволиле побарувањата на сите надлежни институции.

Каде се досега најде примена оваа алатка?

Момироски: Од самиот почеток кога ја лансиравме оваа алатка во јавност соработувавме со повеќе клиенти. Еден од поголемите проекти е соработката со АД ЕСМ, а нашето решение беше користено за мерење на потенцијал за изградба на централа од 10 МW во Осломеј, Кичево. Солар Дата Колектор уредите беа поставени на локациите каде што една година прибираа податоци за временските услови. Во моментот се работи на тестирање и усовршување на сегментот за мониторинг, со користење податоци од три постоечки централи.

Остваривте и соработка со ФИТР, колку тоа допринесе во развојот на продуктот?

Постоловски: Соработката со Фондот за иновации и технолошки развој помогна за побрза реализација на проектот, односно вклучување на дополнителни човечки ресусри и ни скрати повеќе од една година самостојно истражување и развој на производот.

Какви се плановите за иден развој на оваа иновативна алатка?

Постоловски: Досега, Солар Дата решението беше пласирано само на македонскиот пазар, а периодот кој следи е предвиден за комерцијализација и за влез на повеќе пазари. Би сакале да се прошириме на Балканот и во Југоисточна Европа, а и во Африка. За таа цел се претставуваме на голем број саеми и конференции во Европа и САД, а дел од нив се Podim, WebIT и EEM `19. Во САД идејата беше претставена во NASA на Head of Technology Manager for KSC, а на најголемиот технолошки саем во САД SpaceCom во Хјустон, Тексас бевме единствена компанија од Европа.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •