21 C
Skopje
среда, јули 15, 2020

Време е за природата – Порака за меѓународниот ден на животната средина 5 јуни

Kabtel desktop

Светскиот ден на животната средина 5 јуни е значаен меѓународен ден за подигнување на свеста за зачувување на животната средина и се одбележува од 1974 година. Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) како и многу невладини организации, заедници и влади во повеќе од 150 држави во светот годинава овој ден го одбележуваат со различни онлајн настани под мотото „Време е за природата“ (#ForNature) a домаќин на официјалната манифестација годинава е Колумбија во соработка со Германија. Годинава во фокусот е биодиверзитетот којшто бара итна заштита но и е од витално значење за опстанокот на човекот.

2020 година сите случувања почнувајќи од масовните пожари во Австралија, Бразил и САД, па се до наездата со скакулци во Источна Африка, а сега и глобалната пандемија со КОВИД-19 – ја истакнуваат поврзаноста на човекот со природата и природните циклуси се изјавите кои стигнуваат од официјалните лица на УНЕП како апел за тоа колку природата му е потребна на човекот и колку тој е зависен од нејзините ресурси.

МЕД се придружува кон овие пораки и потсетува дека биодиверзитетот во делови од земјава е исклучително важен за зачувување не само од аспект на национално богатство туку и заради неговото европско и светско значење.

Мрежата на заштитени подрачја вклучува 86 подрачја, на површина од ​230,083 хектари или околу 8,9% од територијата на Република Северна Македонија. Според Стратегијата за биолошка разновидност 2018-2023 земјава треба да ја зголеми површината на заштитени подрачја до 15 % и да се обезбеди нивно функционално поврзување како еколошка мрежа и да се воспостави ефективно управување со заштитените подрачја во соработка со локалните заедници.

Здрава планета е основа за здраво општество и треба да извлечеме поука од оваа криза. Вештините кои ги стекнавме изминатите месеци за новите начини на комуникација и спроведување на работните обврски и штедливото користење на ресурсите се надевам ќе внесат нов фокус на нашиот живот свртен кон природата. Време е да се тргнеме од линеарниот економски модел кој е неодржлив со преголемо користење на ресурси и создавање преголеми количини отпад, и преку иновативни зелени бизниси да се преориентираме кон циркуларната економија – ќе користиме помалку ресурси и енергија и со тоа ќе го заштитиме нашето природно богатство“, изјави по повод Денот на животната средина, извршната директорка на МЕД, Робертина Брајаноска.

Животниот стил и технологијата имаат сериозни последици врз животната средина, затоа треба да размислиме како може да ја зачуваме животната средина и да го намалиме отпадот. Според експертските проценки, на годишно ниво светот губи 27.000 видови, а доколку овој тренд продолжи, во следните 30 години би загубиле 25% од живите организми, односно, една четвртина од сиот жив свет на Земјата.

Биолошката разновидност ја подразбира севкупноста на живиот свет на Земјата. Таа не ја вклучува само разновидноста на гените, видовите и екосистемите, туку и различните односи помеѓу живите суштества. Комплексноста на оваа разновидност е главна карактеристика на екосистемите и нивното функционирање, кои суштински придонесуваат за благосостојбата на човекот и се од огромна корист за општеството во целина. Овие придобивки од природата тешко може парично да се вреднуваат!

Светскиот ден на животната средина – историја

На првата конференција за животна средина одржана во Стоххолм, Генералното собрание на ОН го назначува овој ден во 1972 година. Во 1974 година овој ден се обележал под мотото „Само една земја“ а од 1987 година секоја година Светскиот ден на животната средина се прославува и од една земја домаќин.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •