-5 C
Skopje
петок, ноември 27, 2020

Билјана и Драган Георгиевски го претвораат традиционалниот книговез во вистинска уметност!

Kabtel desktop

Занаетите се применета уметност. Бараат вештина, знаење и трпеливост. И покрај современите технологии и трендови, ретки семејни бизниси останаа верни на духот на занаетите кои ги продолжија, со примена на новини, но и понатаму со целосно рачна изработка.

Таков пример за пофалба и гордост е „Книговез“ од Охрид, наследен семен бизнис на брачниот пар Билјана и Драган Георгиевски.

Разговорот го водеше: Љубица Ангелкова

Раскажете ни ја старата приказна на занаетот кој е семејно наследство…

Драган: Приказната за Книговез започнува на 15 mај 1979 година во Битола, кога моите родители отвориле приватна работилница која била книговезница и печатница. Се наоѓала во централното подрачје во близина на Безистенот. Мојот татко, Наум Георгиевски како графички инженер, кој завршил 1968г. во Загреб, работејќи во познати битолски печатници се решил на еден храбар чекор, заедно со мојата мајка да отворат приватна работилница. Јас уште како дете го почувствував мирисот на хартијата и старите книги. И од тоа чувство, не можете да се одлепите. Тоа е трајна љубов.

Зошто работилницата, од Битола се пресели во Охрид?

Драган: Поради подобри услови за работа.  И заради новите текови. Mоите родители се одлучиле да продолжат да работат во Охрид како квалификувани стручни лица. Така во далечната 1985 г.  Книговез ја продолжува својата приказна во Охрид.

Со мојата сопруга Билјана се запознавме во култниот клуб “JAZZ IN” во Охрид, каде не поврза љубовта кон истата музика. Денес заедно со неа ја продолживме традицијата на Книговез, а моите родители уживаат во благодетите на пензионерските денови.

Што денес претставува Вашата работилница?

Драган – Денешната приказна е продолжување на старата традиција, но збогатена, освен со книгивез и  со рачни изработки од кожа на различни предмети, а и организирање на работилници за заинтересирани. Изработуваме ексклузивни книги, бележници од најразлични материјали. Користиме кожа, платно, тапет, книгопласт. Применуваме восочни и кожни конци, метални додатоци нитни и токи. Она што е важно и сакам да го потенцирам е тоа што кај кожните производи се применува исклучиво само рачно шиење. Од таа техника, не отстапуваме. 

Дали старите занаети можат да се престројат во новото време?

Старите занаети се вклопуваат во новото време, така и ние се трудиме да го следиме вкусот на новите генерации користејќи некои стари техники. Нашата работилница нуди голем асортиман на рачно изработени производи: кожни футроли, ремени, ташни, бележници, албуми, сувенири, рачна резба на кожа и др. А една од најзначајните активности ни е организирање на работилници за посетителите. Секој од посетителите може да си одбере кожа, конец, да си направи модел и да учествува во процесот на изработка. Со тоа ќе има уникатен производ.

Кои се Вашите клиенти?

Билјана – За нашите производи, заинтересирани се и домашните и странските туристи, а за работилници се заинтересирани повеќе странците кои сакаат да научат нешто ново. Во светот, искуствениот туризам е многу популарен. Луѓето кои патуваат не бараат само хотели и плажи, тие сакаат да научат нешто ново, да искусат нешто ново. Ние тоа го нудиме.

Од неодамна, услугите ги нудите и како туристичка атракција, искуство по кое доаѓаат луѓе кои сакаат да научат нешто ново. Што сакаат македонските туристи, а што странските?

Нашите работилници постојат од  2014г, а од оваа година сме промовирани благодарение на платформата за искуства “Genuinexperiences”. Вкусовите и на македонските и на странските туристи се слични, но странците сакаат да го видат и процесот на изработка.

Внесувате и новини во работењето, што е најново што сте примениле како иновација?

Драган – Како новитет може да се истакне дека од оваа година почнавме дел од производите да ги изработуваме со дупла кожа за подолг век на траење на производот и поубав изглед.

Кога би можеле, што би промениле за подобро етаблирање на занаетите кај нас?

Драган – За да живеат занаетите, потребни се купувачи! Базарите се еден убав начин да допрат изработените нешта до љубопитните очи. кај нас реално малку има базари. Потребна е и поширока активност, систематска грижа и проекти кои ќе работат континуирано да тоа да не изумрат занаетите. старите занаети да изумрат.

Сме имале можност да погледнеме како функционираат слични занаети во Турција и Србија. Балканот има богата традиција во овие занаети и навистина сме среќни што живееме во регион кој има историја поврзана со нашиот занает.

Каде се гледате себеси, по 10 години?

Драган – Што се однесува до иднината, со оглед на тоа дека ја сакаме и уживаме во нашата работа, ќе продолжиме и понатаму со надеж дека некој од нашите синови ќе ја продолжи традицијата на Книговез.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •