-5 C
Skopje
петок, ноември 27, 2020

Димитар Шошев: Македонската компанија „Елисиум центар“ развива „паметен“ медицински кревет

Kabtel desktop

„Паметен“ медицински кревет кој ќе им помогне на лицата со инвалидитет и невролошки заболувања кои не се подвижни е најновата иновација на која работи компанијата „Елисиум центар“. Се работи за комплетно македонски проект, во кој тимот на „Елисиум“ го развива и софтверот и изгледот и перформансите на креветот. Уникатната идеја потекнува од личната поврзанот на членовите на тимот со свој колега кој има потреба од ваков тип на легло. Паметниот кревет на пазарот ќе се најде за една година, а за можностите и олеснувањата кои ќе им ги овозможи на корисниците разговараме со првиот човек на „Елисиум центар“, Димитар Шошев.

Разговараше: Сања Наумовска

Г-дин Шошев, објаснете ни го концептот на паметниот медицински кревет „Илин“. Какви бенефити ќе им понуди на лицата со инвалидитет?

Паметниот медицински кревет е наменет за лицата со инвалидитет кои боледуваат од мозочни удари, АЛС или други невролошки заболувања кои го отежнуваат движењето на телото. Тој ќе може да се контролира гласовно или со очи, за пациенти кои не се во можност да се движат или да зборуваат, што на корисниците ќе им овозможи едноставна манипулација со него во секој аспект што им е потребен. Исто така, лицето кое ќе го користи креветот ќе може, користејќи ја технологијата и софтверот што ќе бидат вградени, автоматски да се врти на лева и десна страна додека спие, за да се избегне ситуацијата кај нив да се создаваат декубитални рани од предлого лежење. Исто така, паметниот кревет ќе има можност да се исправи во форма на фотелја и ќе може да се контролира од медицинскиот персонал или од блиските на лицето, преку вграден таблет со посебна апликација.

Во која фаза од развојот е проектот во моментот?

Во моментов проектот е во почетна фаза на развој, со оглед на тоа што договорот со Фондот за иновации и технолошки развој го потпишавме во септември. Сепак, очекуваме многу брзо, за неколку месеци, да дојдеме до првиот прототип, односно пилот верзијата, а за една година да биде готова и финалната верзија од паметниот медицински кревет.

Каков тип на технологија користи, во што е уникатноста на првиот македонски паметен медицински кревет?

Самата идеја за изработка на медицински кревет кој ќе им помага на неподвижните лица, ќе им го олесни животот и ќе им овозможи поквалитетно секојдневие и ним, но и на лицата кои се грижат за нив, е иновативна. Можностите кои ќе ги има креветот „Илин“ се единствени во светот. Особено тоа се однесува на можноста лицето автоматски, по одреден период, да се врти странично лево или десно. Во моментов постои само еден сличен паметен кревет кој се произведува во САД, но ја нема оваа опција и чини 45.000 долари. Нашиот ќе има многу повеќе можности, а и многу пониска цена. Една од предностите е и фактот дека иновативниот кревет ќе може да се користи и во болнички установи и дома. Тој ќе биде лесно пренослив, монтажен и ќе се движи на тркалца, што лицето со инвалидитет и кога е дома ќе го направи да биде многу понезависно од блиските, а тие ќе имаат повеќе време за останатата нега која треба да му ја пружат. Апликацијата која го управува креветот на корисниците ќе им нуди и можност дома да си вклучат или исклучат светилки, клима уред и друго.

Какви се вашите планови за пласман на ова иновативно помагало?

Откако ќе биде реализиран проектот за развој на софтверот и самиот кревет, во план ни е тука да продолжи и производството, што значи дека од идеја до реализиција на финален продукт, ова ќе биде македонски производ. Освен што паметниот медицински кревет планираме да се произведува во Македонија, тој ќе биде и првенствено наменет за нашиот пазар. Секако, планираме и да се прошириме, и да го понудиме во прво време на регионалните пазари, а потоа и пошироко. Ова е производ кој го нема не само кај нас, туку и во многу европски земји, така што се убедени сме дека интересот ќе биде голем. Најважно за нас и нашата мисија е што побрзо да стигне до лицата на кои им е наменет и да им помогне и обезбеди поквалитетен живот.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •