12.8 C
Skopje
сабота, ноември 27, 2021

„Биди безбедна“, нова мобилна апликација за поголема безбедност на жените и девојчињата

Cementarnica USJE, mobile 19.11.2021

Како резултат на сведоштвата искажани преку #СегаКажувам и #НеОдам, а со цел да се спротивстави на родово базираното насилство е креирана „Биди безбедна“ нова мобилна апликација на три јазици – македонски, албански и ромски.

Во обид да се изнајде начин со кој може дополнително да се придонесе кон безбедноста на жените, УНДП заедно со МТСП, други институции и со сите граѓански здруженија што работат на ова поле, го поддржаа креирањето на апликација

Оваа апликација е создадена за  да се овозможи брза реакција од институциите во случај на родово базирано насилство. Самата апликација има поставено јасни насоки за функционалноста и за можностите што ги нуди за да спречи насилство. Главната цел е дека преку неа може во истиот момент да се дејствува преку две опции: да се побара Помош преку Националната СОС-линија и/или Моја поддршка, каде што има однапред одбрано неколку броеви од именикот, односно блиски што можат веднаш да помогнат. Со самото притискање на тие опции, апликацијата ја испраќа локацијата на лицето кое се чувствува небезбедно, заедно со краток текст до надлежните институции и/или личноста по твој избор. Како други опции, односно начини за поддршка, освен јасни инструкции има полиња со важни контакти, дел наречен – Моите права, совети, протокол и лични сведоштва на жртви на насилство.

Олеснетиот пристап до сите релевантни институции и граѓански организации, како на локално така и на национално ниво, го униформира и го поедноставува начинот на кој се поддржуваат жртвите од родово базирано насилство. Тоа е многу значајно, особено за некој што се соочува со психофизичко насилство, бидејќи соодветен пристап до информации го демистифицира процесот низ кој некоја жена или девојка треба да помине за да го пријави самото насилство. Освен контакт до СОС-линијата, има и назначени организации што се занимаваат со правниот аспект на заштита, кој е вториот чекор за справување со родово базирано насилство.

Во моментов оваа мобилна апликација е достапна за Android и за iOS.

„Но, иако има голем број корисници на паметни телефони, она што ќе ја дефинира успешноста на апликацијата како механизам за заштита е достапноста до поширокото население. Заеднички труд на организациите и на институциите е како ќе се стигне до оние жени и девојки што немаат соодветен телефон за користење или комуникациите им се контролирани од насилниот партнер. Тука мора да се искористи капацитетот на локалните координатори/ки за родова еднаквост во општините, чија обврска е да проследуваат и директно да комуницираат со механизмите за поддршка. Во практика, поголемиот товар паѓа врз локалната соработка со организациите што се активен дел од именикот за помош. Без разлика, креирањето на оваа апликација е добар чекор кон изнаоѓање дополнителни начини за спречување родово базирано насилство. Едни од клучните препораки, особено во однос на ковид-19, беа активно информирање на локално ниво и овозможување пристап до сите важни информации за жртвите од родово базирано насилство. Креирањето онлајн апликација, како една од препораките, се покажало во регионот како добар пример за справување со родово базирано насилство за време на ковид-19. Ние како држава треба да се стремиме кон системско адресирање на изворот на родово базирано насилство во едно општество, но, во меѓувреме, додека тоа се постигне, треба да ги користиме сите механизми за спречување, заштита и превенција од насилство. Биди безбедна. “, укажуваат креаторите на апликацијата.

Извор – Радио МОФ

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!