Се проценува дека 1,56 милијарди заштитни маски завршиле во океаните ширум светот годинава поради пандемијата на КОВИД-19, што остава тешки последици на морските животни и билките, се наведува во извештајот на организацијата за заштита на морето Oceans of Asia со седиште во Хонгконг.
Нивниот извештај покажува дека морскиот свет е загаден со дополнителни 4.680 до 6.240 тони пластика поради непрописно фрлени маски. Во извештајот е наведено и дека потребни се 450 години за тие маски да се разградат, а дека дури и тогаш таа микропластика би му наштетувала на морскиот свет и на екосистемот.
Како што е наведено, после пандемијата дошло до значително почесто користење на пластика за еднократна употреба, како што се лична заштитна опрема, амбалажа на производи за хигиена и купување готвена храна за дома. Истовремено, низа мерки осмислени за намалување на потрошувачката на пластика, како што е забрана за употреба на пластични кеси за еднократна употреба, се одложени или паузирани.
Загадувањето со пластика секоја година убива околу 100.000 морски цицачи и желки, повеќе од 1 милион птици, па дури и поголем број риби, безрбетници и други животни, велат од организацијата Oceans of Asia.
Се додава дека има негативно влијание на рибарството и туризмот, а глобалната економија чини околу 13 милијарди долари годишно. Во извештајот се предлага користење на заштитни маски за повеќекратна употреба и информирање на јавноста за правилно менаџирање со отпад.
(Bizlife)
(фото: Pikist)