Постојано се покажува дека консумирањето месо е една од најлошите работи што ние како потрошувачи можеме да ги направиме за животната средина, поради огромното негативно влијание што сточарството го има врз користењето на земјиштето, водата и енергијата, како и врз емисијата на стакленички гасови. И покрај тоа, луѓето ширум светот продолжуваат да јадат месо, било поради вкусот, културните навики или хранливите придобивки што тоа ги нуди.
Но, што ако постои начин да се добие дел од вкусот или протеините на месото преку растенија одгледувани во почва? Во истражување објавено во списанието Frontiers in Plant Science научниците го постигнаа токму тоа, користејќи генетски инженеринг за да ги поттикнат растенијата марула и тутун да го произведуваат животинскиот протеин миоглобин.
„Нашата студија за првпат покажува дека повисоките растенија можат стабилно да произведуваат миоглобин, еден од клучните протеини одговорни за многу од посакуваните својства на месото. Ова е особено важно во време кога побарувачката за платформи за одржливо производство на храна е поголема од кога било.“, изјави за ScienceAlert првиот автор на студијата, Алексија Гроф, истражувач во областа на растителната биотехнологија на Империјал колеџот во Лондон.
Во нивната студија Гроф и нејзините колеги истражувачи користеле техника наречена биолистичка трансформација, при што употребиле „генски пиштол“ за да ги бомбардираат хлоропластите на садниците од марула (Lactuca sativa) и тутун (Nicotiana tabacum) со оптимизирани верзии на гени за свински миоглобин.
Откако било потврдено дека ДНК е правилно вметната, растенијата биле одгледани до зрелост и произвеле семиња, а тестовите покажале дека трансгенот се пренел и на нивното потомство.
„Едно од најголемите изненадувања беше тоа колку добро растенијата го поднесоа производството на миоглобин. Иако миоглобинот се врзува за хемот – важна молекула вклучена во многу аспекти на растителниот метаболизам – трансформираните растенија останаа здрави, плодни и не покажаа значително нарушување на фотосинтезата.“ рече Гроф.
Резултатите покажале дека со оваа техника се добиваат приближно 810 мг миоглобин по килограм сува маса кај марулата и 800 мг по килограм сува маса кај растенијата тутун. Тоа е значително помалку од количината на миоглобин што се содржи во месото, но кога ќе се земат предвид еколошките предности на растителното производство, ситуацијата изгледа поинаку.
„Разликата во акумулацијата на миоглобин во сува тежина е околу 10 пати поголема кај животинските мускули во споредба со приносите од растенијата опишани во овој извештај. И покрај ова, одгледувањето растенија е далеку поефикасно во однос на ресурсите од производството на добиток; следствено, миоглобинот добиен од растенија би можел да постигне приноси на протеини по хектар што се натпреваруваат – или дури и потенцијално ги надминуваат – оние од земјоделството на животни, а истовремено да имаат корист од значително помала потрошувачка на вода и емисии на стакленички гасови.“ пишуваат истражувачите во својот труд.
Истражувачите признаваат дека се потребни понатамошни студии за да се обезбеди поточна проценка за тоа колку добро производството на миоглобин во растенијата би се споредило со постојното одгледување добиток. Доколку техниката се усвои, истражувачите велат дека протеинот би можел да се екстрахира од лисјата на растенијата и да се користи како компонента во производите од месо на растителна основа или луѓето би можеле едноставно да јадат или да ја подготвуваат инженерски обработената зелена салата како свежа состојка.
(Science Alert)
(фото: Picryl)




























