1 C
Skopje
четврток, февруари 25, 2021

Сања Бачевски одгледува микро билки со неверојатен вкус и префинет изглед!

Kabtel desktop

Запознајте ја оптимистичната Сања Бачевски – дипломиран инженер по хортикултура и нејзината мала оаза од скромни квадрати на домашен пластеник, во кој започна да одгледува микро билки со неверојатен вкус и префинет изглед.

Родена е во Лесковац, Србија а љубовта ја носи во Охрид. И токму тука, во нејзиниот дом, создаде микро зелена оаза. Ова е веројатно најмалото земјоделско стопанство во Македонија, сместено на само неколку квадратни метри. Тука таа од изданките на микро билките создава префинет зеленчук.

Сања, која и самата води здрав живот со квалитетна исхрана за себе и своето семејство, се инспирира својата струка да ја претвори и во бизнис кој се огледува во добри намери и во здрав и одговорен однос кон другите.

Полица по полица на квалитетен расад и органско семе кое е од суштинска важност за нејзиното производство, Сања создава и здрава храна и бизнис задоволство со својата грижа и со помош на природата.

Микро билките станаа префинет детал за многу јадења, а врвните кувари ширум светот одамна ги користат деликатните вкусови на свежите и крцкави, а сепак нежни изданоци за своите јадења. Денес готово ниту еден кувар со Мишелин ѕвезди во ракавот не конципира вкус и изглед на јадењата без овие деликатни микро зеленила. Време е ова да стане и наша навика.

Новинар: Љубица Ангелкова

Родена си во Лесковац, Србија. Дипломира на познатиот и надалеку признат Факултет за земјодество на Универзитетот во Нови Сад. Што те донесе во Охрид? Како започна твојот интерес за микро градинарство?

Во Македонија дојдов од љубов и за љубов. Се омажив во Охрид.

Интересот за микро градинарство започна пред сé од мојата желба на своите деца да им овозможам здрава храна. Бидејќи живееме во стариот дел на Охрид, каде сме во навистина ограничен простор, почнав да истражувам што можам да произведам на тој мал простор. Полека, со многу читање и и тестирањем дојдов до произвoдство на микро билки. Неверојатно е дека тие можат да се користат во буквално, секое јадење. Од супа, здрави сендвичи, салати, до јадење со месо, паста, рижота… Микро билките имаат исклучително интензивен вкус, споредени со истите врсти на нормални растенија. Имаат и поинтензивни бои и се многу декоративни. Да не зборувам, колку се богати со витамини и минерали. Тие едноставно на најобичните јадења им даваат сосема нова димензија.

Која е разликата во квалитетот помеѓу класичното и микро градинарството?

За разлика од класичното градинарство каде што се користи доста хемија, производството на микро билките е апсолутно органско. Прво почнува со семето кое е со потврдено органско потекло (едноствано семе кое не е никако третирано), потоа се користи земја за почва која е органска-компост или кокосови влакна. Не се користат никакви препарати за заштита на растенија, а не се користат ниту ѓубрива. Мора да се обезбеди адекватен простор и опрема, но треба да се води грижа за хигиената за да не се појават патогени.

Микро растенијата наоѓаат примена во врвната гастрономија. Зошто?

Да, прво почнаа да се користат во врвните ресторани во Сан Франциско, кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите, пред сé заради декорација. Имаат многу интензивен вкус за така мали билки, па се користеле и за зајакнување на вкусот на јадењата, кој му бил потребен на врвните шефови. И се разбира, најбитно за врвната гастрономија е и тоа што се тотално здрави. Оттука и целосната примена во сите светски прочуени ресторани.

Дури во 2012 година, Министерството за земјоделие на САД, прави студија за нутритивниот состав на микро билките и открива дека тие содржат и до 10 пати повеќе витамини, минерали и аминокиселини од истите врсти на нормални растенија кои и нам ни се познати од секојдневието. Оттука почнуваат да се бараат, да се користат во секојдневната исхрана, а не само за врвните ресторани. Особено од оние луѓе, кои вистински водат грижа за својата исхрана. Можам да кажам дека се многу значајни за подогнување на имунитетот затоа што содржат големи количини на С витамин, потоа Zn, K, Ca… се разбира во зависност од врстата.

Ова производство не бара голем простор, но бара поинаква посветеност?

Микро билките не бараат голем простор, но бараат исклучителна посветеност. Мора секојдневно да бидете присутни, да ги набљудувате, да процените колку светлост во кој ден им е потребна, влажност и температура. Кај нас ова производство е многу ново и нема многу литература за одгледување. Нема ни експерти со кои може да се разменат искуства. Јас главно користам стручна литеаратура од странство. САД се водечка земја по ова прашање, а Европа полека се буди.

Дали ова производство има потенцијал да стане добар бизнис?

Мислам и верувам дека да. Сé повеќе луѓе стануваат свесни колку е значајна исхраната за да бидеме здрави. И колку е значајна превентивата. А токму со здравата исхрана, го превенираме можниот развој на болести. И тоа е најважен мотив да се користат во секојдневната исхрана.

Нивната декоративност е причина плус. Тоа доаѓа како додадена вредност. Денес, освен тоа каков вкус има храната, многу се води грижа и како таа изгледа. Има луѓе кои сакаат убаво да им изгледа јадењето во чинијата и во ресторан, но и дома. Оттука ценам дека микро билките, ќе се користат почесто во иднина.

Кои се вашите клиенти?

Тоа се љубители на здрава храна, ресторани кои имаат едуцирани шефови во кујната, популарните lounge барови…

Кои култури сега ги произведувате?

Во моментот произведувам сончоглед, спанаќ, пченка, грашок, јапонска ротквица и брокули. Работам на нови сорти и на поголем асортиман во блиска иднина. Семињата кои ги користам се органски, специјални се за микро билки и не се никако третирани. Земјата која ја користам е органски компост.

Каде се гледате себеси за 5 години?

Себеси се гледам на ова прекрасно место, во древниот дел на Охрид со поглед на езерото како со своето семејство одгледувам микро билки, цветови кои се јадат, зачински растенија, како правиме сувенири од дрво и како дочекуваме гости од целиот свет. Поканата е отворена за сите Ваши читатели да дојдат и да уживаат во овој прекрасен поглед, да пробаат од нашите микро билки и со наша помош да направат сувенир од дрво.

Вашиот сопруг е уметник, а вие креирате преку растенија. Како е да се живее во семејство кое создава ретки нешта и не зависи од регуларна работа и плата?

Имаме привилегија да го минуваме секој миг од животот заедно со своите деца, да работиме и да создаваме. Не е секогаш лесно, но имаме безрезервна поддршка од нашите родители кои веруваат дека ќе успееме во овие наши професии кои не се врзани со сигурен и стабилен месечен приход. Верувајте, парите не се тоа што нас не прави среќни, туку секоја минута помината со нашите деца, во природата која не опкружува, со професиите кои не исполнуваат.

Микро билките на Сања може да се нарачаат онлајн преку следниве линкови- на Фејсбук и на Инстаграм.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •