Во Гостивар се отвори првиот младински ресурсен центар

- Advertisement -

Во Гостивар официјално започна со работа младинскиот ресурсен центар „I can“, кој е прв од ваков тип во државата. Во него младите ќе се подготвуваат за пазарот на трудот, ќе се поттикнува претприемачки дух и иновативни бизнис решенија. Покрај ова, центарот треба да обезбеди и поддршка на дигитализацијата и зелените идеи, но и воспоставување поблиска соработка со приватниот сектор од регионот.

„Младинскиот ресурсен центар ќе им помага а на младите, да ја развиваат креативноста и бизнис идеите и така да ги преточат во вистински бизниси и во старт ап компании и активно да учествуваат заедно со сите чинители на пазарот на трудот“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

- Advertisement -

Партнерството со Штуловиот универзитет за ректорот Абдулменаф Беџети претставува исчекор во воспоставување уникатни партнерства помеѓу различните чинители.

„Ние како Универзитет ќе ги ставиме на располагање сите наши капацитети и експертизата со цел обезбедување квалитетни и иновативни обуки за младите, како и обезбедување на блиска соработка со компаниите во Полошкиот регион“, рече Беџети.

- Advertisement -

Првиот човек на општината, градоначалникот Арбен Таравари, ја истакна важноста од еден ваков центар за локалниот развој и изрази уверување дека овој современ ресурсен центар ќе одговори на потребите на младите во целиот полошки регион. Тој искажа задоволство бидејќи, како што рече, за две години ова е трет ваков центар во општина Гостивар. Таравари истакна целосна поддршка за негово функционирање со сите расположливи капацитети.

Амбасадорката на Швајцарија, Сибул Сутер, посочи дека со поддршката на „ I can “ Центарот, Швајцарија ја потврдува заложбата за вклучување на младите во сите важни процеси на локално ниво, а посебно успешната активација на младите на пазарот на трудот.

- Advertisement -

Постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан напомена дека УНДП соработува со младите и младинските организации, приватниот сектор и владините институции со цел поддршка и промовирање на младинскиот концепт.

„Ние веруваме дека младите се поттикнувачи на промените и многу важни партнери за остварување на одржливите развојни цели. Начините како ги вклучуваме младите во важните глобални трендови ќе го одреди и успехот за постигнување одржлив развој, раст и инклузивен проспарите“, рече Сахакјан.

Своја поддршка за Центарот изрази и Општина Тетово.

Иницијативата за отворање на Младинскиот ресурсен центар е дел од проектот за создавање можности за работа за ранливите категории, вклучувајќи ги и младите. Активностите се финансирани од Швајцарската агенција за соработка и развој, а реализирани од Програмата за развој на Обединетите нации во партнерство со локалните партнери и Министерството за труд и социјална политика.

Сподели!
- Advertisement -