1 C
Skopje
четврток, февруари 25, 2021

До 2030 година повеќе од 100 милиони работници ќе мора да најдат нови работни места

Kabtel desktop


Глобалниот пазар на труд рапидно се менува. Додека од една страна милиони луѓе ја губат својата работа, од друга страна повеќето работни места брзо се менуваат. Најновото истражување укажува на тоа дека многу работни места ќе изгледаат сосема поинакви, како и дека многу вработени ќе мораат целосно да ги менуваат занимањата. Се проценува дека повеќе од 100 милиони работници, или еден од 16, ќе треба да најдат различно занимање до 2030 година.

Во својата анализа, Мекинзи наведува дека можеби најочигледното влијание на Ковид- 19 врз пазарот на трудот е драматичното зголемување на бројот на работници кои работат на далечина. Земајќи ја предвид работата на далечина која не ја намалува продуктивноста, тие открија дека околу 20 до 25 проценти од работната сила во напредните економии може да работи од дома помеѓу три и пет дена во неделата.

Ова, како што велат тие, претставува четири до пет пати поголема работа на далечина отколку пред пандемијата и може да поттикне голема промена во географијата на работата, бидејќи поединци и компании се преселуваат од големите градови во предградијата и малите градови.

Некои компании, како што истакнуваат, веќе планираат да се преселат во флексибилни работни простори. Како резултат на тоа, побарувачката за ресторани и малопродажба во урбаните средини и за јавен превоз може да се намали.

Иако по кризата повторно ќе се опорават слободните патувања и туризмот, Мекинзи проценува дека околу 20 проценти од деловните патувања, најпрофитабилниот сегмент за авиокомпаниите, можеби нема да се вратат. Ова би имало значителни ефекти врз вработувањето во комерцијалната авијација, аеродроми, угостителски услуги и услуги за храна.

Електронската трговија доживеа уште една голема промена. Во 2020 година, уделот во е-трговијата се зголеми за два до пет пати повеќе од стапката пред короната.

Околу три четвртини од луѓето кои користат дигитални канали за прв пат за време на пандемијата велат дека ќе продолжат да ги користат кога работите ќе се вратат во нормала, според истражувањето на “McKinsei Consumer Pulse” ширум светот.

Другите видови на виртуелни трансакции, како што се телемедицината, онлајн банкарството и стриминг-забавата, исто така земаа замав. Медицинските онлајн консултации се зголемија повеќе од десет пати во периодот од април до ноември 2020 година. Овие виртуелни практики може до некаде да пропаднат со повторното отворање на економиите, но, најверојатно, ќе продолжат далеку над нивоата забележани пред пандемијата.

Преминувањето кон дигитални трансакции го поттикна растот на операциите за испорака, транспорт и складирање. Во Кина, работните места во е-трговија, испорака и социјални медиуми пораснаа за повеќе од 5,1 милиони во текот на првата половина на 2020 година.

Два начини на кои компаниите ги контролираа трошоците и ја ублажуваа неизвесноста за време на кризата беа усвојувањето на автоматизација и редизајнирање на работните процеси. Податоците за производствена роботика во Кина го надминаа нивото пред пандемијата до јуни 2020 година.

Многу компании примениле автоматизација и вештачка интелигенција (АИ) во магацини, самопослуги, центри за повици и производствени погони за да го намалат бројот на луѓе на работното место. Истражувањата откриваат дека работните места со високо ниво на човечка интеракција најверојатно најбрзо ќе усвојат автоматизација и вештачка интелигенција.

Со оглед на очекуваната концентрација на раст на работните места во занимањата со високи плати и падот на занимањата со ниски плати, обемот и природата на транзицијата на трудот потребни во годините што претстојат ќе бидат предизвик, се вели во студијата.

Според нив, кај осум земји кои се во фокусот (Кина, Франција, Германија, Индија, Јапонија, Шпанија, Велика Британија и САД), повеќе од 100 милиони работници или еден од 16, ќе треба да најдат друга професија до 2030 година.

Во нивното истражување, тие открија дека по пандемијата, на околу половина ќе им требаат нови, понапредни вештини.

Комбинацијата на вештини потребни кај работниците е променета. На пример, учеството на времето поминато од германските работници користејќи основни когнитивни вештини може да се намали за 3,4 процентни поени, додека времето поминато со користење социјални и емоционални вештини ќе се зголеми за 3,2 процентни поени.

Во Индија, учеството на вкупното работно време поминато со употреба на физички и рачни вештини ќе се намали за 2,2 процентни поени, додека времето посветено на технолошките вештини ќе се зголеми за 3,3 процентни поени.

Работниците во занимања со најниска стапка на плата користат основни когнитивни вештини и физички и рачни вештини 68 проценти од времето, додека во групата за средна плата употребата на овие вештини зазема 48 проценти од времето.

Во Европа и САД, повеќе ниско квалификувани работници, припадници на етнички малцински групи и жени, најверојатно, ќе мора да го сменат занимањето по пандемијата. Слично на тоа, потребата за професионална промена ќе влијае на помладите работници повеќе од постарите работници и на лицата кои не се родени во Европската унија повеќе од работниците родени во земјата.

(Denar.mk)

(фото: Pexels)

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •