19.8 C
Skopje
сабота, јуни 12, 2021

Моли Греј, заменик гувернер на Вермонт: По одличната воена соработка, на ред е зајакнување на економското партнерство!

Kabtel desktop

Заменикот гувернер на Вермонт, Моли Греј и секретарот за трговија и развој на заедниците, Линдзи Карл, заедно со генерал мајор Грег Најт од Националната гарда на Вермонт беа во посета на Северна Македонија како дел од Програмата за државно партнерство. Во насока на унапредување на 28-годишното партнерство помеѓу Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт, делегацијата оствари бројни средби со претставници од владата и од бизнис заедницата разговарајќи за можностите за проширување на партнерството меѓу армиите и економска соработка.

Програмата за државно партнерство поврзува сојузни држави на САД со други земји, со цел остварување безбедност и иницирање економски врски. Програмата за партнерство помеѓу Вермонт и Северна Македонија почна во 1993 и вклучува кратки годишни ангажмани со ограничен опсег помеѓу армиите на двете земји, заедничко учество во вежби, а Програмата сега вклучува и медицински и ангажмани за заштита и спасување. Тековното разгледување на можности за економско партнерство помеѓу Вермонт и Северна Македонија е логична еволуција на програмата. Тоа беше повод за интервју со заменикот гувернер на Вермонт, Моли Креј.

Разговараше – Верица Јорданова

Може накратко да ни кажете нешто за вас и за причината за вашата посета на нашата земја?

Јас сум Моли Греј, 82-иот заменик гувернер на сојузната држава Вермонт. Над 20 години Вермонт и Северна Македонија имаат партнерство. Националната гарда на Вермонт и македонската војска работеа заедно во повеќе операции, на пример, во Авганистан, на обуки, соработки за безбедност и подготвеност, но ова е прв пат да се разговара за воспоставување и зајакнување на економското партнерство.

Од оваа пандемија излеговме како свет кој е сè по повеќе конектиран и истовремено локализиран. Знаеме дека економската стабилност е поврзана со мирот и безбедноста на секоја земја. Пресреќна сум што сум тука за да помогнам да се истражат нови можности за економско партнерство.

Со кого сè се сретнавте досега и со оглед на тоа дека главното поле на соработка меѓу Вермонт и Македонија досега е воената соработка? Како првично ги оценувате можностите за економска соработка меѓу двете земји?

Всушност, Вермонт и Македонија се многу слични. На пример, имаат слична клима, големина и географски релјеф. Има сличности и кај некои од основните столбови на економијата и земјоделството. Рамката за економска соработка веќе постои. Неделава ги разгледувавме токму тие столбови. Се сретнавме со Универзитетот и Факултетот за земјоделски науки и храна, со производители на млеко и вино, а бев во посета и на многу иновативна фарма за млеко. И во Вермонт имаме доста фарми за млеко. Понатаму, ако анализираме различни столбови на економијата, Македонија има доста развиена винска индустрија. Имаме многу да научиме еден од друг затоа што Македонија е земја која се обидува да изгради стабилен локален систем за храна, како и да се види што може да се подобри во поглед на иновации, формирање хабови за храна, агротуризмот. Преку заедничко партнерство мислам дека може да создадеме поголем економски капацитет.

Дали тоа значи дека оваа посета ќе резултира со нови конкретни проекти или станува збор само за идеи кои ќе се доразвиваат во иднина?

– Мислам дека има голем простор за зајакнување на економските можности. Ова е само прв дијалог и процена за да се идентификуваат тие можности. Мислам дека наредниот чекор е да се донесат македонските бизниси и економските лидери во Вермонт и да се размисли многу конкретно каде се тие можности за партнерство.

Споменавте дека и во Вермонт е развиена прехранбената индустрија. Како се справија тие компании во Вермонт со кризата предизвикана од пандемијата? Можеби нашите македонски компании ќе можат да научат некоја лекција од нивното искуство.

– Пандемијата ни покажа дека се е во опасност – од синџирот за набавки, кој беше прекинат на повеќе начини поради различните временски зони и стана голем предизвик нашите граѓани да обезбедат доволно храна. Тоа поттикна дискусии за важноста од постоење на фарми за млеко кои можат да произведат доволно млеко за цела држава или фарми за зеленчук кои можат да произведат доволно продукти за сите граѓани. Но исто така се иницира и прашањето во кој правец треба да ги смениме националните политики за да помогнеме тие индустрии да бидат одржливи. Но, тоа не е проблем само на Вермонт туку на целите САД. Исто така, тоа е проблем на малите држави како Вермонт и Северна Македонија. Токму затоа ни е потребна соработка не само поради пандемијата, за која се надеваме дека нема да се повтори, туку и поради климатските промени.

Оваа пандемија им покажа на сите дека е најбитно да се поддржува домашното производство и не треба да зависиме само од извозот.

– Да, многу е битно да се работи на независноста на локалните економии. Морам да напоменам дека оваа пандемија ни помогна подобро да ја запознаеме работната сила. Во Вермонт беа поднесени доста жалби од жени кои морале да ја напуштат работата. Не можеме да дискутираме за економија ако во дискусијата не се вклучени и жени претставници на различни сектори како претприемништво и суштинските работници. И тоа не само за да се најде излез од пандемијата, туку и за да се градат силни, просперитетни и стабилни економии.

Вие се сретнавте со жени претставници на различни сектори од македонското општество. Кои беа главните теми на разговор? Може ли да се каже дека предизвиците со кои се соочуваат жените се исти насекаде?

– Како што споменав претходно, економската стабилност е директно поврзана со економската добросостојба на жените. Мислам дека тоа не е проблем само во Вермонт, каде што се соочуваме со стареење на населението, туку многу држави во светот се борат да ги задржат жените и општо, луѓето на работа, а оваа пандемија само дополнително го потенцираше тоа. Еден заклучок што можам да го изведам од средбата со македонските жени лидери е дека сите мора да работиме заедно на интернационално ниво за да се осигураме дека прашањата за детската грижа, платеното отсуство од работа, еднаквите плати, рамноправноста за жените се дел од разговорите за економска стабилност и општа стабилност на земјите.

Дали Вермонт донесе нови законски мерки за полесно справување со оваа постпандемиска криза, односно за полесно надминување на последиците од она што се случуваше изминатите две години?

– Да, Вермонт всушност донесе повеќе такви закони. Еден таков е законот за пристап до интернет. Знаеме дека пристапот до интернет е многу битен и неопходен за да функционираат државата и економијата, за пристап до образование и здравствена заштита. Допрва ќе дознаваме кои се некои од ефектите на пандемијата, но знаеме дека мора да осигураме пристап до интернет за сите жители на Вермонт. Понатаму, за да имаме стабилна економија ни треба и сигурен и постојан синџир на набавка. За да го постигнеме тоа мора да се осигураме дека жените учествуваат во работната сила и во економијата.

Какви се вашите впечатоци за Северна Македонија и кои се следните чекори во насока на продлабочување на соработката?

– Државата Вермонт ќе продолжи соработува со амбасадорката Бернс, која е извонреден лидер и поддржувач на проширувањето на ова партнерство со Владата на Северна Македонија и со економските лидери. Мислам дека има безброј можности и ова е само првиот од многуте дијалози кои ќе следуваат во иднина. Се надевам дека наскоро ќе дојдам пак. По многу работи сме слични и секако дека сме посилни заедно, ако работиме сложно на обезбедувањето на сигурноста на двете земји. Оваа пандемија не научи дека сигурноста и добросостојбата на нашите општества, држави и земји доаѓа во различни форми. Мислам дека мора да ја надополниме дефиницијата за сигурноста и да ја приспособиме на овој модерен свет каде што се е поврзано. За да функционираме како што треба мора да бидеме обединети.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •