Промовирана новата туристичка понуда за активен туризам „Малешевија – твојот дом на планина“

- Advertisement -

Едукативниот Центар за зачувување на природата во пехчевското село Негрево беше локацијата на која денеска беше претставена новата туристичка понуда за активен туризам „Малешевија – твојот дом на планина“.

Амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Сибил Сутер Техада информира дека првпат во државата, во рамки на Програмата за зачувување на природата, е развиен пилот регионален план за развој на шумите за регионот на Малешево преку целосно партиципативна постапка, вклучувајќи ги сите засегнати страни на централно и локално ниво.

- Advertisement -

-Еден од приоритетите во овој план беше да се создадат услови за развој на планински авантуристички туризам преку воспоставување на унифициран мрежен систем на пешачки и велосипедски патеки со вкупна должина од 230 километри. Оваа прилично голема работа ја заврши Mountain Experience, тур-оператор специјализиран за авантуристички туризам, рече Сутер Техада.

Изрази надеж дека ваквите иницијативи ќе создадат интерес кај локалното население, туристичките оператори и агенциите и во другите региони во земјата.

- Advertisement -

-Овие примери потврдуваат дека природата може да се зачува и заштити и, во исто време, да се создадат услови за подобар економски развој на регионот и локалните домаќинства. Донесувањето повеќе туристи, но на одржлив и организиран начин, им дава можност на локалното население да понуди традиционална храна, пијалаци и производи, капацитетите на туристите и сместувањето да се прошират, а посетителите да добијат нови знаења за природниот капитал, историјата и културата. Покрај патеките во рамки на проектот развиен е целосен пакет производи, како Водич за активен туризам, Андроид апликација, мапа и леток што ќе го направат целиот регион уште подостапен за љубителите на активниот туризам, додаде швајцарската амбасадорка.

Швајцарија, како што дополни амбасадорката исто така, го поддржува создавање нови производи за авантуристички туризам во Северна Македонија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост, а  препознавајќи го високиот потенцијал на Малешевскиот регион за развој на одржлив и пријателски природен туризам преку Програмата обезбедени се е-велосипеди, ски опрема за зимски спортови и безбедносна опрема што ќе се користи од страна на туристите.

- Advertisement -

Градоначалникот на општина Пехчево, Драган Тренчовски потенцира дека одржливиот развој и користењето на природните ресурси на начин кој нема да ја загрози природата и здравјето на луѓето е определба на општината. Туризмот, посочи, е еден од столбовите за развој на регионот поради што општина Пехчево во изминатиот период активно работи на подобрување на условите за инвестирање во туристички капацитети и содржини, како и на зголемување на атрактивноста и промоција на туристичките потенцијали.

-Мрежата на патеки за пешачење и велосипедизам даваат придонес токму во таа насока, преку создавање на дополнителни содржини за туристите, кои заедно со промоција на природните вредности, локалната храна, како и ставањето во функција на Туристичкото информативно биро, ќе придонесат за препознатливост на овој регион кај туристите и во следниот период очекуваме поголем број на посетители, рече Тренчовски.

За неговиот колега, градоначалникот на Берово Звонко Пекевски нема сомнение дека Малешевскиот регион претставува една природна целина која се истакнува со своето природно и културно богатство.

-Особено радува фактот што со овој проект, целиот регион е опфатен со обележени пешачки и вело патеки, со стандардна класификација, кои патеки ќе значат многу за промовирање на туризмот во Малешевскиот регион, во развојот на планинскиот и велосипедскиот туризам и во локалниот економски развој воопшто, рече Пекевски.

Дополнително, нагласи дека проектот  „Истражување на биодиверзитетот на Малешевијата, со мапирање на ретки и ендемични видови на растенија, животни и живеалишта, како и прогласувањето на заштитеното подрачје „Малешево” ќе биде од големо значење за регионот, со што ќе се заштити постоечкиот биодиверзитет, а успешната туристичка приказна ќе биде надополнета со дополнителни благодати, кои ќе го красат регионот.

-Токму поради ова влегувањето во Европскиот појас на заштитени подрачја, ќе ни овозможи полесно искористување на европските фондови за таа намена и приклучување кон современите трендови за заштита на животна средина, додаде Пекевски.

На настанот учествуваа претставници на дипломатските претставништва во Република Северна Македонија, министерства, јавни претпријатија, агенции, тур оператори кои преку организираната планинарска и велосипедска тура имаа можност одблиску да ги видат и да се запознаат со природните убавини и туристичкиот потенцијали на Малешевијата.

Настанот го организираше Програмата за зачувување природата во Северна Македонија, а го отвори Марјана Шушлевска, тим лидер на Програмата.

Фото – ФБ на Хотел Гогов

Сподели!
- Advertisement -