37.8 C
Skopje
вторник, јули 27, 2021

Во завршна фаза преговорите со „Синохидро“ за нов рок за автопатот Кичево-Охрид

Kabtel desktop

Во завршна фаза се преговорите со изведувачот „Синохидро“, каде е дефинирано до 31 декември 2023  година да се продолжи рокот за комплетирање на градежните работи на автопатот Кичево-Охрид, вели во интервју за МИА директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.

Рокот, појаснува, се пролонгира поради изработка на дополнителна проектна документација (испроектирана во рок од септември 2019-септември 2020) која беше неопходна за завршување на проектот. Врз основа на изработената проектна документација за автопат Кичево–Охрид, наведува Рустеми, се направи анализа за крајниот рок на завршување на работите која се темели на три аспекти и тоа: зголемен обем на работите, реализација на преостанати финансиски средства и решавање на дополнителната експропријација произлезена од дополнителната проектна документација.

Вкупниот прогрес на градежните работи по основниот договор изнесува 90 проценти, а 62 проценти според основниот договор и анекс договорот.  Изградбата на автопатот во должина од 57 километри почна во 2014, а по проблемите кои настанаа на трасата првичниот рок за завршување предвиден за 2018 година, со анекс на договорот беше пролонгиран за крајот на месецов.

Рустеми очекува во текот на 2022 година да почнат активностите за втората фаза од автопатот Скопје – Блаце каде сега се работи на делницата од ГП Блаце до село Блаце во должина од два километра. Физичкиот прогрес на работите изнесува 20 проценти.

-На втората делница од село Блаце до Стенковец се работи на изработка на проектна документација. Очекуваме проектната документација да биде комплетирана до крајот на 2021 година, а Изведувачот на работите да започне во текот на 2022 година, вели Рустеми.

Коментирајќи ги барањата на граѓаните и стопанствениците за подобро патно поврзување со Бугарија, Рустеми вели дека имаат разбирање за бизнис заедницата и нивните барања и наведува дека во таа насока кон границата со соседна Бугарија на делницата Куманово–Страцин–Крива Паланка– Деве Баир се одвиваат повеќе зафати во повеќе фази.

На Куманово–Страцин, втората фаза, финансирана од буџет на ЈПДП, како што вели, се очекува работите со рехабилитацијата комплетно да бидат завршени до крајот на 2021 година. На првата фаза, која е финансирана од IPA 2, се очекува работите да бидат комплетно завршени до средина на 2022 година.

-За новиот експресен пат Страцин–Длабочица–Крива Паланка финансиран од Светска Банка, очекуваме делницата да биде комплетирана и пуштена во сообраќај до крајот на 2022 година, а за делницата Крива Паланка–Деве Баир финансирана од ЕБОР и WBIF, се очекува градежните работи да бидат комплетирани до средина на 2022 година, вели Рустеми.

Директорот на ЈПДП информира и дека се избрани консултанти за изработка на проектна програма за проектирање на нов експресен пат Романовце–Страцин која што е планирано да се финансира од IPA 3.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •