Азески потпиша две важни спогодби со турската и грчката бизнис асоцијација

- Advertisement -

Ставање во функција на Турско-македонски трговско-индустриски форум и Агенда за отворање нови перспективи во насока на зголемување на бизнис соработката со Грција, се првонајавените активности со кои ќе започне продлабочувањето на бизнис соработката на Стопанската комора на Северна Македонија со Турција и Грција.

За таа цел, потпишани се меморандуми за соработка од страна на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески со претседателот на Унијата на комори и стоковна размена на Турција, Рифат Хисарчиклиоглу и со претседателот на Унијата на грчки комори и на Атинската комора за трговија и индустрии, Константинос Михалос.

- Advertisement -

– Стопанската комора на Северна Македонија и Унијата на комори и стоковна размена на Турција, во рамки на Турско-македонскиот трговско-индустриски форум, ќе работат на креирање заеднички иницијативи за подобрување на условите за инвестирање, на целокупната трговска соработка, како и на подобрување на инфраструктурната поврзаност меѓу двете земји, што ќе иницира и зголемување на економската соработка во пост-ковид периодот кој е пред нас, истакна Азески на виртуелното потпишување.

Вкупната трговска размена со Република Турција, во периодот јануари – април годинава изнесува 224 милиони американски долари што претставува раст од 42,3 проценти споредено со истиот период лани. Извозот евидентира раст од 72,7 проценти, а увозот 35,8 проценти. Во истиот период е остварен трговски дефицит од 128 милиони американски долари, а Турција е осми трговски партнер во надворешно-трговската размена на С. Македонија.

- Advertisement -

Од Стопанската комора на С. Македонија посочуваат дека меморандумот потпишан со грчката бизнис асоцијација само ја верификува и зајакнува досегашната долгогодишна соработка што ја имаат овие две бизнис асоцијации. Ќе се работи на креирање Агенда за отворање нови перспективи во насока на зголемување на трговската размена, зголемување на инвестициите и подобрување на условите за работа на бизнис заедниците од двете земји.

Азески на онлајн потпишувањето нагласи дека е чест да се соработува со најголемата деловна заедница од Грција.

- Advertisement -

–  Политичката иницијатива ги покажува своите резултати, и се отвораат се повеќе можности македонските бизнисмени да бидат активни во Грција, но исто така за очекување е соработка на бизнис асоцијациите и компаниите на проекти, како и споделување на нивните искуства во нашите ЕУ активности, рече Азески.

Вкупната трговска размена со Грција за периодот јануари – април годинава изнесува 292,2 милиони американски долари со раст од 27,9 проценти во однос на истиот период минатата година. Извозот евидентира раст од 17,27 проценти, додека увозот од 31,5 проценти. Трговски дефицит е 159,6 милиони американски долари, а Грција е четвртиот трговски партнер на Северна Македонија. бак/

Сподели!
- Advertisement -