15.8 C
Skopje
вторник, септември 28, 2021

Тимот на Христијан Ѓорески направи иновативна платформа за следење на здравјето за која се заинтересираа светски познати компании!

Kabtel desktop

Македонската компанија АИДЕА Лаб ја креираше платформата mAIhealth базирана на вештачка интелигенција, преку која може да се добијат точни и навремени информации за здравјето и активностите на човекот. Колкаво е нивото на стрес и возбуда со кои се соочуваме, детектирање на пад, особено за повозрасни лица кои живеат сами, како и следење и анализа на процесот на спиење се параметрите кои ќе може да се следат благодарение на mAIhealth преку било кој паметен уред, телефон, часовник, очила…

Во интервју за Иновативност, еден од ко-основачите на АИДЕА Лаб, Христијан Ѓорески, вели дека тимот што стои зад платформата верува дека технологијата може успешно да го мониторира и значително да го подобри нашето здравје и благосостојба. Тие, освен што работат на платформата, како еден од плановите во иднината го гледаат и развојот на сопствен паметен уред. За тоа веќе се во разговори со Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии при УКИМ, а имаат и првични идеи за конкретна изведба на уредот.

Разговараше – Сања Наумовска

Г-дин Ѓорески кажете ни повеќе детали за платформата за холистичко и мобилно мониторирање mAIhealth?

mAIhealth (анг. mobile AI health and behaviour monitoring) е софтверска платформа базирана на вештачка интелигенција (ВИ) која се користи за развој на алгоритми за следење на здравјето и активностите на корисници со помош на паметни уреди, телефон, часовник, очила, алка. Платформата овозможува развој на нови алгоритми од областа на вештачка интелигенција (ВИ) и машинско учење (МУ) за процесирање на податоци од паметните уреди. Целта е, преку овие алгоритми да се добијат корисни информации за здравјето и однесувањето на луѓето како што се активности, трошење на калории и слично, срцевата активност, нивото на стрес и квалитетот на спиење.

Алгоритмите развиени со оваа платформа создаваат додадена вредност за компании кои произведуваат и продаваат паметни уреди, како Samsung, Apple, Huawei, FitBit…. Исто така, нудат решенија за мониторирање на пациенти и стари лица на далечина, и мониторирање на домот,канцеларијата или работната околина. Исто така, нудат автомобилски решенија за мониторирање на возачите и патниците, на пример афектни состојби, внимание при возење, стрес, поспаност и слично.

Во која фаза е развојот на платформата?

Платформата е продукт на кој што ќе работиме и ќе го подобруваме континуирано. Моментално, може да кажеме дека е во завршна фаза на развој на првиот прототип, бидејќи сите модули се функционални и веќе се користи за развој на алгоритми и модели за паметни наочари и наочари за Виртуелна Реалност за компанијата Emteq Ltd. Самата платформа ја развиваме веќе една година, иако самиот концепт и одредени нејзини делови се осмислени и делумно развиени и пред повеќе од две-три години.

Цврсто веруваме дека технологијата може успешно да го мониторира и значително да го подобри нашето здравје и благосостојба, се разбира во комбинација со соодветно експертско знаење, на пример личен доктор, преку употреба на прецизни и ефикасни ВИ-засновани алгоритми кои ги развиваме користејќи ја платформата mAIhealth. Таа ќе овозможи трансформација на сензорски податоци добиени од носливи уреди во вредни информации за човековото однесување, што има огромен потенцијал да го подобри нашиот секојдневен живот преку влијание на научни истражувања, професионален спорт, автомобилска ВИ, бизнис интелигенција, здравје и благосостојба итн.

На кој начин функционира mAIhealth?

Платформата е комбинација на алгоритми и модули од областа на ВИ и МУ за процесирање на сензорски податоци од паметни уреди и откривање на знаење за здравјето и физичката активност на корисникот на паметниот уред. Притоа, секој од овие модули си има дефинирана задача за обработка и спремање на податоците се до крајната цел – добивање на алгоритмот односно статистичкиот модел кој што ќе ги дава информациите за здравјето и физичката активност на корисникот. На самиот почеток се користат алгоритми за чистење и филтрирање на податоците, потоа изведување и пресметување на бројни карактеристики врз податоците, комбинирање на повеќе сензори преку напредни алгоритми за фузија на податоци (Data Fusion), откривање на знаење и шаблони со користење на алгоритми од областа на МУ, оптимизација на целиот процес, како и валидација и мерење на точноста и ефикасноста на целиот процес.

Клучен дел во целиот процес се алгоритмите од областа на ВИ и МУ, кои што всушност се мозокот на самата платформа и го овозможуваат препознавањето на активностите на корисникот, следење на неговата срцева активност, следење на стресот и слично. Нашето уникатно научно и истражувачко експертско знаење во оваа област стекнато во последните 10 години, како и победите на пет меѓународни натпревари во оваа област, ни дава предност пред конкуренцијата и огромен потенцијал за развој.

Мартин и Христијан Ѓорески, коосновачи на АИДЕА Лаб

Какви информации за човековото здравје може да се добијат на овој начин?

Платформата е дизајнирана на тој начин, да не е ограничена во однос на тоа кои сензори и за која намена ќе ги процесира и каква информации ќе даде за корисникот во однос на неговото здравје и физичка активност. Меѓутоа, досегашното долгогодишно искуство во оваа област ни издвои неколку области на кои што сме посветени во изминатиот период:

•          Препознавање на дневните активности на човекот како и проценка на потрошени калории. Ова веќе се нуди на пазарот преку голем број на паметни часовници, алки и слично. Секое подобрување на алгоритмите и нивната точност е од исклучителна важност и огромен потенцијал за нас, како и за произведувачите на овие паметни уреди.

•          Детектирање на пад. Нашите алгоритми можат да се користат во решенија за здравствена грижа на стари лица кои што живеат сами, бидејќи знаеме дека ризикот за пад и повреда при паѓање се големи кај постарите лица. Еден ваков систем може да им даде сигурност дека доколку паднат, автоматски ќе биде повикана помош.

•          Препознавање на возбуда и стрес. Хроничниот стрес е еден од најголемите загрозувачи на здравјето. Еден систем кој што автоматски би следел ниво на стрес е од огромна важност за зачувување на нашето здравје. Овие алгоритми имаат примена и во автомобилската индустрија, преку овозможување на решенија што ќе препознаваат, мерат и анализираат човечки афектни состојби (на пр., внимание при возење, стрес, поспаност).

•          Анализа на спиење. Автоматското следење на процесот на спиење како и неговата оценка за тоа колку е добро, е од огромна важност. Сведоци сме на сѐ повеќе уреди што ја нудат оваа функција. За разлика од алгоритмите за следење на активности, алгоритмите за следење на квалитет на сон се се уште во рана фаза и има доста голем простор за подобрување. Секое подобрување на точноста на овие алгоритми е огромна можност и потенцијал за нашата компанија.

Кој сѐ ќе може да ги користи бенефитите од развојот на еден ваков тип платформа?

Моментално платформата е за интерна употреба на компанијата со цел да се развиваат алгоритми за наши клиенти, најчесто производители на паметни уреди. Стратегијата на која што работиме е Business to Business (B2B) – ние го развиеме алгоритмот за уредот и го продаваме на клиентот кој што најчесто е производителот на паметниот уред.

Како една од подолгорочните стратегии е да даваме и услуги за крајните корисници, односно оние кои што го користат уредот. Еден од начините кои што ги разработуваме е да развиваме мобилни и веб апликации за крајните корисници и да им овозможуваме мониторирање на нивното здравје и физички активности. Но, ова е стратегија со многу предизвици, пред сѐ бидејќи производителите на паметни уреди многу често не ги споделуваат сензорските податоци со корисниците или со други апликации.

Исто така, како една од опциите кои што ги разгледуваме во иднина е и развој на сопствен паметен уред, кој што би го нуделе на крајните корисници со понапредни функционалности околу мониторирање на нивното здравје и активности. За оваа цел, веќе сме во разговори со Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии при УКИМ, и имаме првични идеи за конкретна изведба на уредот.

Платформата се развива со ФИТР, кажете ни како дојде до оваа соработка?

Соработката со ФИТР се случи преку добивање на проект на еден од нивните стартап повици. Всушност, финансиите од ФИТР се клучни за развојот на нашата компанија, и ни овозможија да бидеме похрабри и поодлучни при носењето на одлуките за основање на компанија и вработување. Исто така соработката со ФИТР ни помогна и да размислуваме поинтензивно на маркет стратегии, бизнис планови, стратегии за пристап до клиенти и слично, што е од исклучителна важност за успехот на една компанија.

Кажете ни нешто за вашата компанија АИДЕАЛаб  и тимот што стои зад платформата?

АИДЕА Лаб е новооснована, старт-ап компанија која што работи во областа на вештачката интелигенција (ВИ) и машинското учење (МУ). Тимот се состои од искусни истражувачи, доктори на науки и експерти од овие области, како и софтверски инженери и соработници од академската заедница во земјата и странство. Исто постојано сме отворени за пракса и соработка со студенти од ФЕИТ, кои што ги интересира оваа област.

Како една од индустриите на коишто ќе се фокусираме во првата година е мобилното и електронско здравство. Ова е област во која што нашиот тим има големо научно-истражувачко и апликативно искуство, како и значителен број на референци, научни трудови и успешно изработени проекти.

Моментално сме активни во Велика Британија, каде што всушност имаме и конкретна соработка со компанијата Emteq Ltd, која што е компанија што произведува паметни очила и паметни маски кои што се поставуваат на уредите за виртуелна реалност. Со користење на нашата платформа, ние изработуваме алгоритми за нивните уреди, кои што ги препознаваат активностите на корисникот, ја следат срцевата активност, како и ја препознаваат возбудата и стресот на истиот.

Уредите на Emteq Ltd, исто така имаат примена во здравството, поконкретно за лица со делумна парализа на мускули на лицето. Еден од најдобрите начини за оправување на овие пациенти е преку тренинг пред огледало, при што пациентите можат да видат кои мускули на лицето се активираат послабо во однос на другите. За жал, оваа неурамнотежена активација на мускулите на лицето доведува до искривување, кое што најчесто ги обесхрабрува пациентите, па поради тоа и избегнуваат тренинг пред огледало. За среќа, со користење на виртуелна реалност и сензори кои што ја следат активацијата на мускулите, пациентите не мора да го гледаат своето деформирано лице во огледало, туку можат да го стават уредот на своето лице и да гледаат свој аватар (виртуелна претстава од нивното лице), кој што покажува информации за активацијата на мускулите на лицето. Со тоа пациентите наместо пред огледало можат да тренираат во виртуелниот свет, а со тоа и да ја подобрат активацијата на соодветните мускули на лицето. На некој начин, нашите алгоритми се мозокот на уредите на Emteq Ltd, нешто со што сме горди и ни дава мотивација за идно истражување и работа во оваа област. Во иднина планираме да ја зголемиме соработката со Emteq Ltd, и веќе разговараме околу можните начини на соработка и остварување на партнерски однос, не само како нивни клиенти.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •