Вкупно 48 домашни компании, мали, средни и големи, најмногу од трговската и производствената дејност во секторите прехрана, угостителство и хотелиерство, имаат сертификат „Фер со потрошувачот“. Сертифицирани, иако понезначително, се и фирми од секторите домување, услуги за испорака на едукација и козметика.
Сертификатот „Фер со потрошувачот“, воведен во 2018 година, е вид гаранција дека компанијата што го поседува се грижи за купувачите и сите евентуални недоразбирања или проблеми ги решава директно со нив, по мирен пат, без вклучување инспекторати или судови.
Најчесто истакнат од страна на компанијата која го поседува и е видлив за потрошувачите, сертификатот трае три години по што е неопходно негово повторно стекнување. Фирмата треба да помине низ процес на ресертифицирање, но исклучиво на доброволна основа, само ако сака.
Трошоците за добивање сертификат се различни, зависно од големината на фирмите. Половина од сумата е кофинансирана од државата преку Програмата за конкурентност.
-Критериумите за „Фер со потрошувачот“ се земени од сертифкатот за општествена одговорност, во делот заштита на потрошувачите и се сведени на 59 критериуми, поделени во шест области. Условот за добивање сертификат „Фер со потрошувачот“ е во секоја област да бидат исполнети 50 отсто од критериумите, не сите. Претпријатието треба да достави и план за подобрување, во кој најавува кои области ќе ги подобри за три години во однос на заштитата на потрошувачите и со кои мерки, рече денеска Ристо Иванов од Здружението на бизниси и консултанти „Креација“ пред презентацијата на резултатите од проектот „Развој на партнерства помеѓу граѓанското општество и бизнис секторот“.
Компаниите, објасни Иванов, ги поминуваат чекорите за сертификација во период од два месеца во кои реалниот ангажман е меѓу пет до шест дена.
– Првиот чекор е апликација и договорање, вториот е со помош на верификатори да се проверат критериумите, а третиот чекор е оценување – дали претпријатието ќе го добие сертификатот. Кога се воведуваше сертификатот, приоритет беше да го препознаат како предност лидерите во индустриите, околу 300 – 350 фирми водечки во своите фирми, но и фирмите кои извезуваат во регионот, посебно во Србија и Црна Гора. Овие фирми, можеби максимум 1.000, кои извезуваат во Србија или Црна Гора ќе имаат интерес за сертификатот, зашто тој ќе важи каде и да биде издаден, во која и да било од овие три земји, напомена Иванов.
Од оваа година Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) им помага на Србија и Црна Гора да го воведат сертификатот „Фер со потрошувачот“.
– „Фер со потрошувачот“ е сертификатна марка. Интересот кај компаниите за негово стекнување не е огромен, но се поголем број фирми се јавуваат со потреба да се сертифицираат во основните шест области во кои покажуваат општествена и одговорност кон потрошувачот. Добро е што Министерството за економија го поддржува овој проект за јакнење на фер конкуренција. Ние не одиме по фирмите да го промовираме сертификатот, туку тие го препознаваат од нашата веб страница, но и од посебно креираната веб страница „Фер со потрошувачот“. Компаниите го промовираат овој знак, го истакнуваат за да видат потрошувачите, изјави претседателката на ОПМ, Mаријана Лончар Велкова.
Таа информира дека чекорите за решавање на евентуалните спорови меѓу компанијата и потрошувачот се поставени на платформата „Фер со потрошувачот“ каде се „закачени“ и сите фирми што го стекнале сертификатот.
-Србија и Црна Гора ги следат истите чекори низ кои ние поминавме, а сертификатот ќе биде препознаен и во регионот, децидна е Лончар Велкова.
Во следниот период, како што беше речено на промоцијата, компаниите ќе се фокусираат на „мерење“ и проценка, колку сертификатот придонесува за стекнување нови или за задржување на лојалните потрошувачи. мч/са/