Компаниите до петок, 24 јули, можат да аплицираат за финансиска поддршка за вработување млади лица, долгорочно невработени и лица од ранливи категории. Станува збор за мерката „Поддршка за креирање нови работни места“, односно подмерката „Вработување и раст на правни субјекти“, која е дел од Оперативниот план за вработување за 2026 година.
Според заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, со мерката е предвидено да бидат опфатени 1.385 активни баратели на работа, а вкупниот буџет изнесува 5,4 милиони евра.
Право на учество имаат микро, малите и средните претпријатија, социјалните фирми и здруженијата на граѓани. Работодавачите треба да ги поднесат пријавите во подрачните единици на Агенцијата за вработување во местото каде што е регистрирана нивната фирма.
За вработување лице до 29 години, компаниите можат да добијат грант од 250.000 денари по лице. За вработување корисници на гарантирана минимална помош и припадници на ранливи категории, меѓу кои Роми, лица со попреченост, жени, долгорочно невработени и жени Ромки со завршено средно или високо образование, поддршката изнесува 220.000 денари.
За вработување невработено лице постаро од 29 години е предвиден грант од 160.000 денари.
Работодавачите што ќе вработат лице до 29 години се обврзани да склучат договор на неопределено време, со полно работно време, и да го задржат работникот најмалку 15 месеци. Лицата од ранливите категории треба да останат во работен однос најмалку 12 месеци, додека за вработените над 29 години минималниот период е девет месеци.
Ристески истакна дека целта на мерката не е само намалување на невработеноста, туку и задржување на работоспособните лица во земјата. Според неговите очекувања, реализацијата на Оперативниот план ќе достигне 93 проценти. Претставниците на бизнис-заедницата ја поддржаа мерката, но посочија дека компаниите и натаму тешко пронаоѓаат работници со потребните квалификации.
Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Нухи Алиу, изјави дека и покрај големиот број регистрирани невработени, на пазарот недостига соодветен кадар. Тој предложи да се обезбедат посебни средства за преквалификација и обука на невработените лица.
Претседателот на Сојузот на стопанските комори, Горан Ѓорѓиевски, оцени дека мерката е позитивна и дека во иднина се потребни дополнителни програми за отворање нови работни места. Тој побара и ажурирање на евиденцијата на Агенцијата за вработување, оценувајќи дека официјалната бројка од речиси 91.000 невработени не ја прикажува целосно реалната состојба.
Фото – Pexels




























