Извршниот директор на стартапот за електрични автомобили City Transformer, Асаф Формоза, смета дека сегментот на малите градски автомобили исчезнува и сите производители на автомобили се фокусираат на SUV модели. Според него, нема причина низ град да се вози автомобил од 2 тони со батерија тешка 600 кг. Затоа, тврди Формоза, се отвора прилика за други компании.
Една од тие компании е и City Transformer, која до крајот на идната година планира да почне со продажба на електричен автомобил со мали димензии CT-1. Станува збор за возило кое поради своите димензии би било идеално за движење по градските улици, а особено ќе биде интересно за тие што тешко пронаоѓаат слободно паркинг место.

Имено, како што вели извршниот директор на компанијата, на едно маркинг место за класичен автомобил може да се паркираат дури 4 вакви автомобили. Тоа е возможно благодарение на ширината од само 1 метар, а интересно е и тоа што оддалеченоста меѓу тркалата може да се прошири на 1,4 метри, со што автомобилот станува поширок и постабилен при брзо возење.
Додека неговата брзина за градско возење со собрани тркала е околу 50 км/ч, со проширени тркала таа брзина може да достигне 90 км/ч. Што се однесува на досегот, 180 км се сосема доволни за градско возење.
Автомобилот е предвиден за двајца патници или за еден патник и багажик, а тежината му е 450 кг. Цената на возилото пред оданочување е 16.000 евра. Асаф Формоза вели дека веќе имаат фабрика за производство на своите минијатурни автомобили во западна Европа, а нејзиниот капацитет е доволен за производство на 15.000 такви возила годишно.
(Reuters)
(фото: City Transformer)