Велешкото езеро Младост – единственото наше паметно езеро

- Advertisement -

Градот распослан како на римски ридови од двете страни на реката Вардар, крстосницата на патниот и железничкиот сообраќај, родното место на Џинот и Рацин – Велес е град кој отсекогаш имал со што да се пофали.

Меѓутоа, од пред две години, Велес може да се пофали со единственото „паметно езеро“ во нашата земја: вештачкото езеро Младост, познато и како Велешко Езеро.

- Advertisement -

Со проектот „Смарт езеро Младост“ околината околу езерото изминативе години доживеа целосна дигитална трансформација. Беа имплементирани низа паметни решенија со кои Велешкото езеро како туристичка локација се претвори во модерна дестинација по примерот на развиените европски градови.

Имено, ако решите еден ден да престојувате покрај езерото Младост, ќе можете да уживате во едно целосно паметно искуство. Покрај езерото можете да седнете на паметни клупи со соларно напојување и на нив да го наполните вашиот паметен уред или да се приклучите на интернет додека уживате во прекрасната глетка на и околу езерото. Потоа, можете да изнајмите електрични велосипеди со паметно заклучување или да го наполните вашето електрично возило и електронски да платите за тоа. А тука е и паметното управување со просторот за паркирање. Ако ве стемни, не грижете се, околу езерото е воспоставен интегриран систем за контрола на автоматското осветлување.

- Advertisement -

Но, приказната не застанува тука. Во рамки на оваа прва иновативна туристичка атракција од овој тип во Северна Македонија, изграден е и еко-камп со парк на авантури, нова пешачка патека околу езерото и уреден е крајбрежниот појас.

Љубителите на велосипедизмот можат да уживаат во атрактивните пејзажи со хоризонтална и вертикална маркација на подобрената велосипедска патека во должина од 17,5 километри и во новата тампонирана велосипедска патека со должина од 7,5 километри.

- Advertisement -

Љубителите на птици и орнитолозите, пак, можат да птичарат од платформата за набљудување на птиците со хранилиште и преку панорамскиот телескоп за набљудување на птици.

Јадранка Стефкова, координаторка на проектот од Општина Велес, вели: Сето ова придонесе за привлекување на илјадници посетители од земјава и од странство особено за време на викендите и во текот на летните месеци. Дури и во услови на КОВИД-кризата, проектот придонесе за развојот на туризмот во Велес и во Вардарскиот плански регион, препознатлив како македонскиот вински пат.

Затоа, не чуди и фактот што оваа најзначајна инвестиција за развојот на туризмот во Велес и во Вардарскиот регион беше избрана за една од 14-те најуспешни приказни во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност. Во реализацијата на проектот „Смарт езеро Младост“ беа вложени 978.106 евра, од кои 3.400 евра беа финансии на општината, а останатите 974.706 евра беа обезбедени од Европската Унија и Владата на РСМ, преку Проектот за локална и регионална конкурентност. 

Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) беше проект финансиран од ЕУ насочен кон подобрување на придонесот на туризмот кон локалниот економски развој.

Сподели!
- Advertisement -