Започна дводневната АмЧам Конференција посветена на дигиталната трансформациja и сајбер безбедноста

- Advertisement -

Денес започна дводневната конференција „Градење на сајбер-отпорни организации“ иницирана од страна на Комитетот за дигитална трансформација при Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам). На конференцијата ќе учествуваат голем број експерти за сајбер безбедност и активни чинители во сферата на дигиталните трансформации од јавниот и приватниот сектор, со цел споделување знаење и најдобри практики во развојот на сајбер-отпорни организации.

Конференцијата ја отвори претседателот на Бордот на директори на АмЧам Северна Македонија, Драган Давитков, кој истакна дека градењето на отпорни дигитални системи не е избор, туку неопходност со цел да се обезбеди функционалност на модерното општество – на локално, регионално и глобално ниво. Притоа, секое дигитално решение мора да биде проследено со соодветна и проактивна безбедносна стратегија.

- Advertisement -

Работниот дел започна со предавањето на Бранко Приметица, партнер во Cedars International, кој што зборуваше за потребата од проактивност во унапредувањето на сајбер безбедноста. Тој го објасни проактивниот пристап како навремено идентификување и корегирање на слабостите во дигиталните системи пред тие да бидат експлоатирани од страна на сајбер-напаѓачите. Тој цитираше истражување на „Економист“, според кое организациите што применуваат проактивен пристап забележуваат дури 53% помалку сајбер напади. Впрочем, „секогаш повеќе чини опоравувањето од сајбер-нападите, отколку инвестициите во сеопфатна, проактивна програма за сајбер-безбедност“ – заклучи Приметица.

Конференцијата продолжи со панелот „Стратегија за дигитализација и сајбер безбедност на Северна Македонија“, во која учествуваа: Славица Грковска, Заменик на Претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење; Азир Алиу, Министер за информатичко општество и администрација; и Јетон Акику, директорот на Агенцијата за електронски комуникации.

- Advertisement -

На панелот беа претставени заложбите и планираните реформи на државата за забрзување на дигиталната транформација во јавниот сектор, истовремено осврнувајќи се на мерките кои се преземаат во одржувањето и заштитата на имплементираните дигитални системи.

Следно беше предавањето на Емили Хардинг од Вашингтон, САД, инаку виш соработник и заменик директор на Програмата за меѓународна безбедност на CSIS. Таа зборуваше на тема: „Градење на сајбер отпорност во дигиталниот свет“, истакнувајќи дека организациите треба да размислуваат во насока на транзиција од кризен менаџмент кон градење на флексибилна системска отпорност во сајбер безбедноста. Притоа, Хардинг ја дефинираше отпорноста како способност на организациите да ги предвидуваат, да ги издржуваат, да се опоравуваат и да се адаптираат во однос на сајбер нападите. Таа потоа посвети внимание на секоја од овие четири компоненти, заклучувајќи дека континуираната отпорност носи големи придобивки, а има помал трошок отколку реакционизмот кон поединечни напади.

- Advertisement -

Првиот работен ден на конференцијата беше заокружен со уште три панел дискусии, посветени на различни аспекти од развојот на сајбер безбедноста. Во панелите учествуваа претставници од академската заедница, бизнис секторот и јавните институции, кои што дискутираа за клучните компоненти што ги сочинуваат програмите за унапредување на дигиталната заштита, потоа за едукацијата на стручен персонал, како и за буџетирањето на инвестиции за сајбер заштита.

Утрешниот ден на конференцијата ќе стартува со презентацијата на Сенад Аруч, кој ќе понуди осврт на состојбата и политиките поврзани со сајбер безбедноста во регионот.

До крајот на денот ќе се одржат уште неколку презентации и дискусии во кои главниот збор ќе го имаат претставници на приватниот сектор, а ќе се фокусираат на претставување на апликативни системски решенија со кои ќе се унапреди кредибилитетот на сајбер-архитектурата на секоја една организација, преку автентикација и мониторинг на обидите за пристап до мрежа.

Сподели!
- Advertisement -