Во Скопје Сити Мол, денеска, 31 Мај, Македонската соларна асоцијација Солар Македонија, го отвори третиот по ред годишен соларен саем.
Главна цел на настанот е промовирање на најновите технологии од соларниот сектор како што се: фотоволтаични панели, батерии за складирање на електрична енергија, топлински пумпи, фото/термални колектори за производство на електрична енергија и топла вода, трафостаници, громобранска заштита, инвертери,електрични возила, роботи и машини за чистење на соларни колектори, соларни сушарници, воздушни колектори, електрични велосипеди, електрични полначи, соларни бојлери и многу други сегменти и производи кои користат обновливи извори на енергија.
Пред 18 години, во австрискиот град Глејсдорф беше формирана Македонската Соларна Асоцијација каде беа поставени темелите врз основа на кои ќе функционира и делува асоцијацијата. Денес, на овој настан, заедно со нашите членки, може да кажеме дека ги постигнуваме нашите заложби со цел промоција на европски стандарди и квалитет на производите, изјави проф. Илија Насов претседател на Македонската соларна асоцијација.
Овој саем ја унапредува зелената трансформација во Северна Македонија, нудејќи можности за компании, експерти, добавувачи на соларна опрема, да ги покажат своите производи и да разменат знаење. Нашите заеднички напори за почиста животна средина ја поддржуваат диверзификацијата на енергијата, климатските активности и одржливата иднина, изјави Кристофер Доџ, Директор за економски раст во УСАИД.
Соларниот саем е една од активностите на Солар Македонија како дел од грантот за подобрени, односно насочени, квалитетни и релевантни услуги наменети за претпријатијата во соларниот сектор. Преку организација на годишен соларен саем, годишна соларна конференција и набавка и обука за лиценцирани софтвери за димензионирање на соларни системи придонесуваме за зголемување на европските стандарди кај компаниите кои работат со соларна технологија, изјави Кристина Хаџи- Василева, извршна директорка на Консалтинг за стратешки развој.
На саемот има 40 излагачи од регионот и Европа кои ги претставуваат најновите технологии од соларниот сектор.Саемот ќе биде одржан од 31.05 до 02.06.2024 во Скопје Сити Мол. Изложбените штандови се распоредени на приземје и првиот спрат од трговскиот центар Скопје Сити Мол. Саемот се реализира во рамките на проектот „Подобрување на вештините за сончева енергија“ со грантова поддршка на УСАИД проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“ имплементиран од Консалтинг за стратешки развој.