Францускиот претседател Емануел Макрон ја повика Европската комисија да поддржи забрана за користење социјални мрежи за деца под 15-годишна возраст на ниво на целата Европска унија. Во писмото упатено до претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, Макрон наведе дека воведувањето забрана на ниво на Унијата преку ново законодавство станало итно прашање откако францускиот Уставен совет летово го отфрли националниот закон – непосредно пред тој да стапи на сила во септември.ш
По усвојувањето на забраната за користење социјални мрежи за деца во Австралија минатата година, неколку европски земји размислуваат за воведување сопствени ограничувања, во услови на растечка загриженост за влијанието на социјалните мрежи врз менталното здравје и безбедноста на младите. Сепак, некои земји – особено оние во Скандинавија – сметаат дека е најдобро одлуката да им се препушти на родителите.
Макрон, кој моментално е во својата последна година како француски претседател, ја постави оваа цел како приоритет пред претстојните претседателски избори во Франција во 2027 година и лобираше кај другите влади во ЕУ да поддржат вакви ограничувања. Тој изјави дека Франција одделно ќе го ревидира законодавството што беше отфрлено од Уставниот совет, иако политичката фрагментација во парламентот и тешките буџетски преговори би можеле да ги отежнат напорите за донесување нов закон. Во јули, Фон дер Лајен изјави дека Унијата ќе преземе мерки за ограничување на пристапот на малите деца до социјалните мрежи, повикувајќи се на предлози од двајца експерти кои препорачуваат систем со повеќе нивоа. Според овој пристап, на децата под 13-годишна возраст би им бил дозволен само ограничен пристап под надзор, при што ограничувањата постепено би се ублажувале како што тие растат.
Макрон се залага за построг пристап, односно за целосна забрана за пристап до социјалните мрежи до 15-годишна возраст. Фон дер Лајен треба да го претстави извештајот за состојбата на Унијата пред Европскиот парламент подоцна овој месец.
(Bug.hr)




























