Јапонскиот парламент усвои нов закон за стопирање на падот на наталитетот, бидејќи минатата година земјата забележа најниска вкупна стапка на плодност. Според новиот закон, владата ќе ги зголеми детските додатоци и ќе го продолжи родителското отсуство.
Донесувањето на новиот закон доаѓа во време кога владата на премиерот Фуми Кишида го гледа периодот до 2030 година како последна шанса да се смени трендот, при што доцните бракови и финансиската несигурност најчесто се наведуваат како причини за падот на наталитетот.
Владината статистика откри дека вкупната стапка на плодност во Јапонија минатата година паднала на најниско ниво откако се води евиденција од 1947 година. Стапката на плодност, која го покажува бројот на деца што една жена ги очекува, падна на 1,20.
Минатата година беше осма година по ред Јапонија, која има околу 125 милиони жители, да забележи пад на наталитетот.
(Bizlife)
(фото: Wallpaper Flare)



























